Новиот светски трговски центар во Њујорк 3 World Trade Center, кој е проектиран од страна на лондонската компанија Rogers Stirk Harbour + Partners, официјално е отворен со пригодна свечена церемонија. Се наоѓа на истата парцела на Менхетн на која се наоѓаше и кулата која беше уништена во нападите од 11ти септември. Овој облакодер е висок 328 метри.
3 WTC е втор највисок облакодер во рамките на локацијата на Светскиот трговски центар, веднаш после One World Trade Center. Исто така, тоа е и петта највисока зграда во САД. Внатрешноста на објектот зафаќа површина од 232.260 квадратни метри, распореден на 80 ката. Во рамките на најниските катови, се наоѓаат малопродажни објекти, додека на останатите катови се наоѓаат канцеларии, од кои три ката имаат пристап кон пространи тераси. Внатрешниот транспорт во објектот го сочинуваат вкупно 44 патнички лифтови.
Во основата на 3 WTC е армирано бетонско јадро, затворено во систем од челични носачи и стаклен ѕид без употреба на столбови, што овозможува непречен поглед од 360 степени. Во изградбата на конструкцијата учествувале над 4000 луѓе, а вградени се 27.000 тони челик и 110.860 кубни метри бетон.
Зградата е градена за да ги задоволи барањата на LEED Gold сертификатот (зелен градежен стандард) и истата е енергетски ефикасна, а фокус е ставен и на природното осветлување.
„Новиот 3 World Trade Center е симбол на ревитализацијата на центарот на Њујорк и сведоштво за трајниот дух на Њујорк по 11ти септември“, вели гувернерот на Њујорк, Andrew Cuomo.