Насловна / Архитектура / Herzog & de Meuron проектирале детска болница која „функционира како град“

Herzog & de Meuron проектирале детска болница која „функционира како град“

Установа за акутна нега обложена со дрво, направена по примерот на градот е дел од Универзитетската детска болница, која швајцарското архитектонско студио Herzog & de Meuron ја заврши во Цирих.

Као составен дел од Kinderspital, најголемиот швајцарски болнички комплекс за деца и адолесценти, проектот од 96.200 квадратни метри на Herzog & de Meuron вклучува и самостојна зграда за истражување и настава.

Болницата обложена со дрво и белиот цилиндричен објект за истражување се обединети со зелен пејзаж засаден со преку 250 дрвја, со надеж дека ќе ја подобри состојбата на пациентите.

Според ко-основачот на студиото Jacques Herzog, целокупниот проект го одразува уверувањето на студиото дека „архитектурата може да придонесе за излекување“.

„Болниците ширум светот, па дури и во Швајцарија, често се најгрдите места“, вели Herzog: „Во изминатите 20 години, ние се фокусиравме на ова прашање, бидејќи сме убедени дека архитектурата може да придонесе на процесот на лекување; може да направи значителна разлика“, вели и додава: „Овде, во Детската болница, луѓето можат сами да видат како дневната светлина што доаѓа однадвор и варијациите во пропорциите можат да ја анимираат и променат просторијата, како растенијата и вегетацијата можат да ја замаглат разликата помеѓу внатре и надвор и како материјалите не се само убави на изглед, туку и пријатни на допир“.

Болницата за акутна нега на три ката се наоѓа во непосредна близина на главниот болнички комплекс, кој се наоѓа во станбена населба во Цирих. Го дели дворот со Универзитетската психијатриска клиника – зграда која е заштитена од 1869 година, инаку позната како Burghölzli.

Голема отворена порта го означува нејзиниот влез и води во кружен двор, поставен крај скалеста, закривена фасада од топли дрвени панели.

Дрвените панели се вметнати во носечка бетонска рамка, исполнета од внатре со „лесни“ ѕидови за да ги поделат одделенијата и да обезбедат идна флексибилност.

Однадвор, фасадата на третиот кат е проектирана да имитира мали дрвени куќички, за кои ко-основачот на студиото Pierre de Meuron вели дека претставуваат „пријателско и топло добредојде за младите пациенти и нивните семејства“.

Од влезот во болницата за акутна нега, од една страна може да се пристапи до ресторан и објекти за терапија во приземјето.

На другата страна е главниот пролаз на зградата, кој е прошаран со дворови и води до различни клиники и области за лекување. Кулминира во итна помош, која има и директно пристап преку сопствен влез.

Првиот кат од зградата содржи простори како аптека, простории за настава и 600 работни места за персоналот.

Горниот кат содржи 114 соби, секоја проектирана од студиото „како дрвена куќарка со сопствен покрив“ и наменаета за пациентите кои преноќуваат.

Според Herzog & de Meuron, внатрешноста „функционира како град“, при што различните оддели се замислени како „населби“.

„Внатрешноста функционира како град: медицинските специјалности се населби со плоштади и улици што ги поврзуваат“, објаснуваат архитектите.

„На секој од трите ката, централна главна улица поминува покрај различни зелени дворови кои обезбедуваат ориентација и внесуваат дневна светлина во зградата. Собите за пациентите на покривот се како индивидуални куќички“.

На рид во болничкиот комплекс, објектот за истражување и настава има форма на цилиндричен бел волумен проектиран да го максимизира погледот на околината.

Внатре, содржи голем број канцеларии и лаборатории, организирани околу централен атриум кој е осветлен со централен светларник.

Според Herzog & de Meuron, овој цилиндричен распоред е проектиран за да ја поттикне соработката меѓу истражувачите, а притоа максимизирајќи ги погледите директно кон околниот овоштарник.

Покрај истражувачки капацитети, зградата содржи три сали за предавања сместени во косината на локација, кои се опкружени со семинариски и студиски соби.

Дизајнот на пејзажот што го поврзува проектот вклучува засадување на над 250 дрвја, заедно со големи камења ископани за време на градежниот процес.

Двете згради го исполнуваат платинастиот стандард за одржливост на градба на Швајцарскиот совет за одржлива градба – негов највисок сертификат.

 

Испрати коментар

Scroll To Top