Насловна / Архитектура / 25-та Стирлингова награда на RIBA: Кингстон универзитет Лондон – Градска куќа

25-та Стирлингова награда на RIBA: Кингстон универзитет Лондон – Градска куќа

На 14.10.2021 беше доделена јубилејната 25-та Стирлингова награда (Stirling Prize) на Кралскиот институт на британските архитекти (Royal Institute of British Architects – RIBA). Со оваа награда, која го носи името на прочуениот британски архитект Сер Џејмс Стирлинг (Sir James Stirling), се одбележува архитектот на најзначаниот  објектот за еволуцијата на архитектурата и за изградената средина во годината.

2_resize

Жирито во состав Лорд Норман Фостер (Lord Norman Foster, претседавач), Сајмон Алфорд (Simon Allford, претседател на Кралскиот институт на британските архитекти), Дамата Филида Барлоу (Dame Phyllida Barlow, лице кое не е од струката), Анали Ричес (Annalie Riches, добитник на Стирлинговата награда за 2019 година) и Мина Хасман (Mina Hasman, експерт за одржливост) имало сложена задача од шесте објекти влезени во најтесниот избор за наградата да го изберат овогодишниот добитник: Кингстон универзитет Лондон – Градска куќа (Kingston University London – Town House) од Графтон архитектите (Grafton Architects).

1_resize

Графтон архитектите се проектантско биро од Даблин, Република Ирска, коешто во 2013 година ја добило првата награда на Архитектонскиот конкурс на Кралскиот институт на британските архитекти за проектот на „Градската куќа“, а новоизградениот објект е нивниот прв реализиран објект во Обединетото Кралство.

7_resize

„Градската куќа“ е објект со површина од 9.056 м2 и договорна градежна вредност од нешто повеќе од 50 милиони евра (42.460.000 фунти) изграден за потребите на Кингстон универзитетот.  Објектот е повлечен од улицата со што се овозможило да се прошири јавниот простор и великодушно да се избегне јасното разграничување помеѓу градбата и тротоарот, укажувајќи и повикувајќи дека секој е добредојден: студентите, локалното население и посетителите. 200 метри долгата и шест ката високата колонада овозможува и сенка и засолниште, вклучително со тераси и градини на горните нивоа коишто создаваат меѓусебно поврзани јавни простори. Фасадите се пермеабилни: отворени и транспарентни на подолните нивоа со што овозможуваат погледи од минувачите кон интересните активности коишто се случуваат во внатрешноста на објектот.

3_resize

9_resize

Внатрешноста на објектот е подеднакво отворена и пространа. Корисниците и посетителите се пречекани од јавниот форум кој ги води кон амфитеатарот. Визурите од приземјето преку отвори и скали се протегаат низ објектот кон повисоките катови, при што овие отвори и скали ги надополнуваат просторите за дружење и учење. Исклучителното внимание посветено на проектот за акустика и заштита од бука овозможило исполнетиот јавен форум, тивката библиотека, архивот, студиото за танц и театарот сите заедно да коегизистираат во рамките на објектот и преку тоа да го збогатат доживувањето на корисниците на истиот.

5_resize

8_resize

Дарежливите волумени им овозможуваат природен проток на луѓето, светлото и воздухот низ објектот.  Примената на термички активна армиранобетонска рамовска конструкција каде преку систем на цевки вградени во носивата конструкција на објектот е овозможен проток на топла или студента вода со кои се модулираат микроклиматските промени во рамките на објектот, исто така придонесува за намалување на потребната енергија во неговата употреба.

4_resize

Во рамките на оваа реализација се смета дека Графотн архитектите намерно испроектирале демократски и отворен простор, при што „градот“ во името се однесува на јавната димензија на објектот, додека „куќата“ е одраз на чувството на дом и припадност.  Ова се чини дотолку поважно со оглед дека половина од студентите на Кингстон универзитетот се првите во своите семејства коишто посетуваат високо образование.  Оттука, се смета дека објектот испраќа важна порака до нив, нивните едукатори и локалната заедница, дека станува збор за место каде секој е добредојден и ценет.

10_resize

Наградениот објект се смета за нов прогресивен модел за проектирање објекти во доменот на високото образование, при што динамичната „Градска куќа“ вешто го отсликува духот на образованието и вредноста на кохезијата во рамките на локалната заедница. Се очекува дека овој високоадаптибилен објект ќе може со години да ги задоволува потребите на студентите, жителите и посетителите.

Кингстон универзитетот Лондон – Градска куќа од Графтон архитектите е добитник и на Наградата за Лондон (RIBA London Award 2021), на Наградата на Лондон за клиент на годината (RIBA London Client of the Year 2021) и на Националната награда (RIBA National Award 2021), сите на Кралскиот институт на британските архитекти за 2021 година.

12_resize

Според претседавачот на овогодишното жири, Лорд Норман Фостер:

 „Градската куќа на Кингстон универзитетот е театар за цел живот – работилница на идеи. Таа беспрекорно ги поврзува студентите и заедниците на градот, при што создава нов модел за високо образование, којшто заслужува меѓународно признание и внимание.

Станува збор за високооригинална архитектура, читање во тишина, бучни претстави, истражување и учење, коишто прекрасно може да коегзистираат.  Ова е големо достигање. Образованието треба да биде нашата иднина – и ова мора да биде иднината на образованието.“

11_resize

* * * * *

Преостанатите пет проекти коишто влегле во најтесниот избор за Стирлинговата награда на Кралскиот институт за британските архитекти за 2021 година покрај наградениот се:

  • Станбено-деловниот објект на 15 Клеркенвел клозе (15 Clerkenwell Close) од Групворк (Groupwork), добитник на Наградата за Лондон (RIBA London Award 2018) и Националната награда (RIBA National Award 2018) на Кралскиот институт на британските архитекти за 2018 година.
  • Централната џамија во Кембриџ (Cambridge Central Mosque) од Маркс Барфилд Архитектите (Marks Barfield Architects), добитник на Наградата на источниот регион (RIBA East Award 2021), Наградата на источниот регион за архитект на проект (RIBA East Project Architect of the Year 2021), Наградата на источниот регион за клиент на годината (RIBA East Client of the Year 2021), Наградата за објект на годината на источниот регион (RIBA East Building of the Year 2021) и Националната награда (RIBA National Award 2021) сите за Кралскиот институт на британските архитекти за 2021 година.
  • Домување за клучните работници (Key Workers Housing) во Едингтон (Eddington), Кембриџ, од Стантон Вилијамс (Stanton Williams), добитник на Наградата на источниот регион (RIBA East Award 2021) и на Националната награда (RIBA National Award 2021) обете на Кралскиот институт на британските архитекти за 2021 година.
  • Пешачкиот мост при дворецот Тинтагел (Tinatgel Castle Footbridge) од Неј и Партнерс (Ney & Partners) и Вилијам Метјус Асошиетс (William Matthews Associates), добитник на Наградата на југозападниот регион (RIBA South West Award 2021) и на Националната награда (RIBA National Award 2021), обете на Кралскиот институт на британските архитекти за 2021 година.
  • Пристаништето во Виндермиар (Windermere Jetty) од Кармоди Гроарке (Carmody Groarke), добитник на Наградата на северозападниот регион (RIBA North West Award 2021), Наградата на северозападниот регион за објект на годината (RIBA North West Building of the Year 2021), Наградата на северозападниот регион за клиент на годината (RIBA North West Client of the Year Award 2021) и на Националната награда (RIBA National Award 2021), сите на Кралскиот институт на британските архитекти за 2021 година.

Испрати коментар

Scroll To Top