Утре (12 мај) по повод 25 години од големата архитектонска награда „Андреја Дамјанов“, во Музејот на град Скопје во 20 часот ќе биде отворена јубилејна изложба на која ќе бидат претставени 25 архитекти/автори – добитници на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“, кои се и членови на Архитектонската aкадемија – АА при Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ.
Архитектонската академија на ААМ е институција во која членуваат архитекти, добитници на наградата за животно дело од областа на архитектурата и градителските вештини „Андреја Дамјанов“. Наградата се доделува еднаш годишно на видни архитекти, кои со своето дело, опус и авторитет постигнале врвни резултати во полето на архитектонското проектирање, градителство и урбанизам и со тоа придонеле за афирмацијата на архитектурата како во Република Македонија така и во меѓународни рамки.
Наградата е воспоставена во 1989 година и ААМ ќе организира изложба по повод јубилејот 25 добитници на „Андреја Дамјанов“. Изложбата е помогната од Министерство за култура на РМ и Музејот на град Скопје.
Според организаторите, изложбата е значајна од две причини.
Прво, како јубилејна изложба на која се претставени 25 членови на АА, добитници на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“. Архитекти кои поставувале правилни прашања и давале правилни одговори.
Второ, поставката претставува визуелно сведоштво за нивното остварено дело и творечка сила. Со своите архитектонски интерпретации на човековата и општествената стварност создале еден висок критериум не само на практично, утилитарно ниво, туку и еден висок степен на уметничко остварување.
Секој од лауреатите оставил кај сите нас трага, создал слика, прва асоцијација воведувајќи ја архитектурата во теоријата, практиката, етиката и естетиката. Ја создале единствената архитектонска вистина – изградениот објект. Преку своите реализации докажале со практичен творечки ум, соработка на науката и уметноста како се создава архитектура со функција, содржина, композиција, форма, па и некој вид човечки идеал.
Тие создале единствено опкружување каде центарот на архитектурата е човекот. Создале архитектура која не е убава претстава, туку е убава стварност.