Во првата половина од месец јули оваа година, како и дваесет и пет пати претходно во непрекинат континуитет, Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ја одржа својата Летна школа за архитектура во манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка. Летната школа во вака долготраен и компактен формат е единствена во дисциплинарниот дискурс на архитектурата во нашата земја и пошироко.
Нејзината важност може да се потврди со фактот што во нашата земја не постојат многу други манифестации кои можат да се пофалат со зрелост од четврт век. Ако ова се дополни со еден базичен статистички преглед кој вели дека во нејзиното опстојување досега се вградени енергиите на стотина ментори и предавачи и повеќе од седумстотини студенти, на виделина излегува големата педагошка и креативна вредност на овој по многу нешта единствен настан.
Ваквото изучување архитектура надвор од востановената рамка на академската наобразба, беше повод кон крајот на минатиот месец во амфитеатарот на факултетот да се одржи конференција на тема Учење Архитектура на која свое учество земаа гости- предавачи од Архитектонскиот факултет и од странство. Конференцијата како и прославата на јубилејот 25 години интернационална Летна школа за архитектура беше уште еден од низата успешни обиди на факултетот за славење на Архитектурата и нејзините вредности. Како и секојпат до сега, напорите на факултетот не беа толку во формата, колку што тие беа насочени кон самата содржина на настанот, односно кон суштината на архитектонското образование. Оттаму, прославата беше процес на авто-рефлексија, а конференцијата намерно избран формат на комуникација, кој пред сè подразбира и преферира работен наспроти чисто фестивен, а уште помалку себепромотивен карактер на настанот.
Архитектонскиот факултет е најстарата и најголема високообразовна институција во нашата држава. Како таква таа е носител на оној седимент на знаења кој се врзува за искуството во процесот на образование, но исто така и за обврската него да го држи на неприкосновено највисоко квалитативно ниво, независно од потребите и побарувањата на тековните општествени амбиции, а некој пат и заблуди. Ваквиот став и гледање на нештата произлегува од единствена причина што образованието не е материјално добро, ниту пак бизнис асет, туку пред сè културолошки ресурс со чиј квалитет не треба и не смее да се манипулира. Затоа секој настан кој произлегува од факултетот, грижливо се обмислува да одговори на ваквата задача секојпат преферирајќи го само знаењето и образованието.
Од таа причина и конференцијата која за својата иницијација го имаше токму славењето на јубилејот на летната школа, него го поврза со процесот на учење архитектура преку таму стекнатите искуства, за повторно во спиралата на архитектонското образование да ја стави исклучиво важноста на архитектурата како единствен референт. Овој пат тоа беше во ревијалниот дел од конференцијата во кој свое излагање имаа Александар Бродски, Хан Тумертекин и Хрвоје Њирич, тројца исклучително етаблирани архитекти учесници на досегашните сесии на Летната школа и искрени пријатели на факултетот, кои со своето творештво активно учествуваат во создавањето на тековните архитектонски дискурси, односно влијаат на архитектонската продукција на европската архитектонска сцена.
Самиот настан беше организиран во два сегмента. Првиот се однесуваше директно на искуството на учење архитектура како главна тема на конференцијата, тема преку која може да се направи паралела помеѓу алтернативниот метод на колективно учење архитектура кој го заговара Летната школа, и главниот тек на архитектонското образование со кој студентите се здобиваат на Архитектонскиот факултет.
Задоволство е да се заклучи дека излагањата на учесниците во овој претпладневен дел претставуваа компактна целина во контекст на дефинирање на процесот на учење архитектура како главна тема на конференцијата. Преплетот на излагања на наставници од различните генерации на факултетот, даде можност да се направи фин спој на искуства. Па така, на самиот почеток на публиката и беше претставен концизен преглед, своевиден омаж на досегашните 25 школи и обработувани теми и се оддаде почит кон аспектот на личносното, односно кон професорите што ја имаат воспоставено школата и кои беспоштедно се вградиле во нејзиното структурно опстојување низ годините.
Понатамошните согледувања го проверуваа моделот на алтернативно образование кое го заговара Школата, односно перспективите на ваквиот навидум мек, но суштински радикално различен пристап кон учењето архитектура со можностите искуствата од ваквото учење да бидат вратени назад во основниот образовен курикулум. Овој дел беше заокружен со излагање за убавото како карактеристика инхерентно вткаена во дискурсот на архитектурата, која во себе ги преплетува и интегрира корисното и доброто во етичка целина на творењето.
Во попладневниот дел од конференцијата имавме можност да се запознаеме со рецентната работа на архитектите Александар Бродски, Хан Тумертекин и Хрвоје Њирич. Во овој дел присутните добија увид во најновата продукција на тројцата архитекти. Нивниот различен фокус и поле на архитектонско дејствување, отвори можност да видиме проекти кои се различни по многу нешта: од размерот и природата на задачите, се до проектниот пристап, а со тоа и проектна супстанца која во себе носи различен креативен седимент.
Како финална рефлексија од овој еднодневен настан на Архитектонскиот факултет во Скопје, што интегрираше излагања како од академскиот така и од професионалниот аспект на архитектурата, е дека учењето архитектура е процес кој никогаш не застанува независно од формалниот статус и добиени звања. Архитектонските знаења се жива и скоро недофатлива материја, а конференцијата беше одлично потсетување на ваквата дискурзивна природа на архитектурата. Летната школа која се негува на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во процесот на своето траење на различен начин го третирала учењето архитектура. Таквата практика верувам ќе остане и понатаму бидејќи Летната школа не е догма, напротив, таа претставува мноштвен систем на искуства во кој се преплетува личното и колективното знаење. Таа, пред сè, претставува идеја, идеја за учење архитектура и како таква останува да биде место каде предизвикот, да се експериментира, менува и преиспитува постојното, е единствен начин на комуникација со архитектурата.
Подготви: доц. д-р Слободан Велевски
(член на Организациониот одбор на научната конференција Учење Архитектура)