Според новите истражувања на научниците од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL), премачкувањето на крововите со бела боја или рефлектирачки материјали може да биде најделотворниот начин за ладење на градовите како Лондон во топлите летни денови.
Студијата, објавена во списанието Geophysical Research Letters, ја испитала ефективноста на различни методи за управување со топлината во урбаните средини, вклучувајќи ладни кровови, соларни панели на кровови, зелени кровови, зголемување на вегетацијата на улиците и климатизација.
Резултати од истражувањето
Користејќи детален компјутерски модел, истражувачите ги симулирале овие методи во текот на двата најжешки дена од летото 2018 година во Лондон. Резултатите покажале дека широката примена на ладни кровови може да ги намали надворешните температури во градот во просек за 1,2 Целзиусови степени, додека во одредени делови од градот падот на температурата може да биде и до 2 Целзиусови степени.
Д-р Oscar Brousse, водечки автор на студијата од UCL, изјави дека тестирале голем број различни методи што градовите како Лондон би можеле да ги користат за да го намалат затоплувањето и дека ладните кровови покажале најдобар учинок во намалување на температурите во екстремно топлите денови.
Ефекти од други методи
Други методи, кои имале еколошки предности, постигнале послаби резултати. На пример, широко распространетите дрвја и соларните панели на крововите обезбедиле просечно намалување на температурата за само 0,3 степени Целзиусови. Иако зелените кровови се корисни за управување со водите и создавање станишта за дивиот свет, нивниот севкупен ефект на ладење бил занемарлив.
Недостатоци на климатизацијата
Истражувачите исто така укажале и на потенцијалните негативни ефекти од климатизацијата. Иако ја лади внатрешноста на зградите, клима уредот испушта топлина надвор, дополнително загревајќи ја околината. Истражувањето покажало дека широката употреба на клима уред може да ја зголеми надворешната температура во просек за 0,15 Целзиусови степени низ Лондон, додека во густо населените делови на градот зголемувањето би можело да биде и до 1 степен на Целзиус.
Холистички пристап
Научниците ја нагласуваат важноста на сеопфатен пристап кога се разгледуваат различни методи за ладење. Ладните кровови ја рефлектираат сончевата светлина и обезбедуваат двојна корист – ја ладат и надворешната урбана средина и внатрешноста на зградите.
Зелените кровови не довеле до висок степен на ладење, но истражувањето покажаало дека во најтоплиот дел од денот тие можат да ги намалат температурите за 0,5 степени Целзиусови. Меѓутоа, овој ефект се компензира со ноќното задржување на топлината од зелените кровови и нејзиното ослободување по зајдисонцето.
Истражувањето донело значајни информации за урбанистите и проектантите, соочени со зголемени температури. Со споредување на различни техники на ладење, утврдено е дека ладните кровови можат да го намалат загревањето во урбаните средини и да обезбедат поконфорен живот за населението.
Што се ладни кровови?
Ладните кровови се вид покрив проектиран да рефлектира повеќе сончева светлина и да апсорбира помалку топлина во споредба со конвенционалните покриви. Тоа се постигнува со употреба на материјали и премази кои имаат висок рефлектирачки и висок емисионен капацитет. Овие материјали можат значително да ја намалат температурата на кровот, а со тоа и температурата во внатрешноста на зградата.
Не само што ги намалуваат температурите во урбаните средини, туку доведуваат и до значителни заштеди на енергија во зградите. Со рефлексија на повеќе сончева светлина и апсорпција на помалку топлина, ладните кровови ја намалуваат потребата од климатизација, а со тоа ги намалуваат сметките за електрична енергија и емисиите на стакленички гасови.
Покрај тоа, ладните кровови можат да го продолжат животниот век на покривните материјали намалувајќи ја топлинската експанзија и контракција, што обично ги оштетува конвенционалните покриви со текот на времето. Ова резултира со помали трошоци за одржување и поретко заменување, што носи долгорочни финансиски придобивки.