Денес (7 ноември), ќе почне 22-та конференција на Обединетите нации за климатски промени, каде што ќе се разговара околу деталите за спроведување на Рамковниот договор во Париз. Договорот за климатски промени беше усвоен во декември минатата година на глобалниот самит за климатските промени во Париз, со потпишување на над 190 земји, вклучувајќи ја и Македонија.
Мрежата за климатска акција во Европа, Аналитика, Еко-свест, Фронт 21/42, Милиеуконтакт, Македонски Зелен Центар и Гоу Гринги повикуваат идните пратеници на Собранието на Република Македонија да се заложат за што поскора ратификација на „Парискиот договор“ и да покажат подготвеност и решителност за негова доследна имплементација.
Во оваа смисла ги повикуваме идните пратеници да извршат ревизија на Наменетите национално определени придонеси (INDC) во насока на вистинска заложба за намалување на емисиите без понатамошни инвестиции во јаглен. Најновата одлука за ТЕЦ Осломеј за поставување нов котел за согорување на увозен јаглен кој би работел најмалку 30 години е токму спротивното на оваа заложба.
Додека ЕУ до 2050 година планира целосна декарбонизација на електроенергетскиот сектор, ние во 2030 планираме над 60% од енергијата во Македонија да доаѓа од јаглен. Со оглед на фактот што енергетските проекти имаат животен век од 20-40 години, со постоечките планови ги осудуваме идните генерации во Македонија да ги плаќаат овие инвестиции со своето здравје, квалитет на живот и пари – изјавија од „Фронт 21/42“.
Невена Смилевска од „Еко-свест“ вели: „Инвестициите во јаглен – и рудниците и термоелектраните – се мошне деструктивни за животната средина и за климата, истовремено намалувајќи го квалитетот на живот за сите граѓани. Парискиот договор ни дава патоказ за праведна транзиција кон одржливост, што освен напуштање на зависноста од јаглерод, значи и овозможување на подобар квалитет на живот за граѓаните на Македонија“.