Заменик министерот за стопанство на Германија изјави дека целиот нов возен парк во земјата ќе мора да има нула емисија на штетни гасови до 2030, со цел исполнување на целите за намалување на вкупниот јаглерод диоксид во атмосферата за 80-95% до 2050 година, соопшти Bloomberg.
Тој предлага 2030 година да биде примарната цел, а не 2050, бидејќи во Германија во просек новите автомобили с ево употреба 20 години. Откако неодамна Париз забрани влез во центарот на градот за возила од 1997 година и постари, сличен предлог доаѓа и од Германија.
Во сегашната структура на возниот парк во Германија, електричните возила држат само 0,6% од пазарот, односно регистрирани се 130.000 хибриди и 25.000 електрични возила, наспроти околу 30 милиони бензински и 14,5 милиони дизел автомобили.
Во Германија сметаат дека значајни резултати можат да се постигнат во воведувањето во сообраќај на поголем број електрични автомобили, што би придонело емисијата на CO2 до 2020 да се намали за 40%. Норвешка, со помош на слични мерки успеа да стане лидер по бројот на електрични автомобили на улиците, сведено на бројот на жители.