На овогодишниот состанок на ОН за климатските промени во Маракеш, Мароко, францускиот претседател Франсоа Оланд објави дека неговата земја до 2023 година ќе ги затвори сите преостанати термоцентрали на јаглен на својата територија.
Оланд, исто така, не ја пропушти приликата да го пофали американскиот претседател во заминување Обама, но и да искаже критика кон неговиот наследник Доналд Трамп. Притоа, Оланд алудираше на ставот на Трамп за излегување на САД од Договорот за климата, како и на неговото залагање за натамошно користење на јагленот.
Денес Франција обезбедува 75% од електричната енергија од своите нуклеарни централи, и има неспоредливо пониско ниво на емисија на стакленички гасови од енергетскиот сектор во споредба со другите развиени земји. Значаен дел од енергијата продава, што ѝ донесува заработка од околу три милијарди евра годишно.