Насловна / Форум / Што да се каже повеќе за проектот СКОПЈЕ 2014, а да не е веќе кажано?

Што да се каже повеќе за проектот СКОПЈЕ 2014, а да не е веќе кажано?

http://www.porta3.com.mk/http://92.55.64.34/images/stories/forum/kk.jpgКорнелија Конеска, дипл.инж.арх.

 

Проектот е мегаломански кич и е одраз на комплекс на помала вредност и фрустрација. Не само што генерално не одговара наменски и функционално, туку под знак прашалник се ставени скоро сите професионални аспекти: димензионирање, инфраструктурно поврзување, вклопување во опкружувањето (зашто не станува збор за градење на празна ливада, туку за вклопување во веќе со векови оформено урбано милје), а да не зборуваме за стилската (не)прикладност и економската (не)оправданост. 

Главната идеолошка поента – „јакнење на националниот идентитет„ преку проектот СКОПЈЕ 2014 ја сметам за неприкладна и дури за навредлива. Јас не се чувствувам национално неидентификувана и не ми се потребни барокни и неокласицистички елементи наоколу, ниту скулптури на скоро сите историски личности, за да ми го зајакнат националниот идентитет. Би била среќна доколку протагонистите на проектот би ги почитувале традиционалните вредности на македонските градители кои секогаш обезбедувале: достапност, осончаност/проветреност и визура на објектите, како минимум стандарди при градењето. Во овој проект, ни тоа не е обезбедено. А би била уште посреќна со објекти во современа изразна форма, кои би го одразувале слободниот дух на македонскиот народ, неговата креативност, автентичност и оригиналност, со кои би покажале дека сме дел од современите и глобалните движења. Очајно ни е потребен современ македонски позитивен херој!


Што се однесува до скулптурите, сметам дека нивното поставување треба да биде одраз на одредени состојби во општеството… или одреден повод… или сеќавање, но сметам дека никој не може да преземе улога на коректор на до- сега направеното или ненаправеното. На крај, спомениците во градовите и урбаната орнаментика треба да бидат отворена книга од која ќе се прочитаат автентичните историски и културолошки вредности на нацијата. Нашава книга како што стојат работите, ќе испадне препишана шунд литература и нема да биде одраз на нашите вистински историски и културолошки вредности. Во Берлин, на пример, свое место имаат и скулптурата на Маркс и Енгелс, и скулптурата на нацистичкиот орел, и неокласицистичката (ама автентична) урбана орнаментика на Шинкел. Но, тоа е нивната историја, тоа се симболи на луѓе, настани и стилови кои имале своевремено најголемо влијание врз општеството, без оглед добро или лошо, тие не се срамат да ги покажат состојбите какви што биле. Не ми е баш јасно какво влијание има „шмизлата“ врз нашето општество за да има така почесно место во централното градско подрачје?


Исто така, не се сложувам со теоријата дека вака изграденото градско подрачје на Скопје ќе биде каква било туристичка атракција. Зошто некој од каде било би дошол токму во Скопје да гледа барокна и неокласицистичка архитектура? Ниту пак објектите на левата страна на Вардар ќе допринесат за заживување на центарот, од проста причина што се административни и ќе бидат затворени после 17 часот. Освен ако УЈП не направи 24 часовен tax free ресторан во состав на предвидените објекти, тоа може да биде мотивирачки…


Ми се допаѓаат активностите што по подолго време, од Проектот за ревитализација и реанимација во 2004, се преземаат за Старата скопска чаршија, како започнатата инвентаризација на објектите и намерите за заживување на чаршијата. Навистина е штета местото со најмногу дух во градот да не биде во функција, а и голем парадокс е да има толку многу мостови (стари, понови и новопроектрирани), а сепак двете страни на Вардар да бидат толку раздвоени.


Но, секој има право за свое видување на работите и овој проект единствено можам да го сфатам легитимно, доколку е претставување на идеја за која се бара повратно мислење од јавноста, пошироката и стручната. Но, мене ми изгледа дека обелоденувањето на проектот е само еднонасочно соопштување на плановите, а тоа не ми се допаѓа. Сепак, се надевам дека сите силни јавни полемики по основ на ова прашање, барем малку ќе придонесат за активирање на доблесни реакции кај протагонистите на проектот – професионална самокритичност, преиспитување на ставовите и насочување кон иднината.
Едно е јасно – оној што постојано се навраќа на минатото, ја пропушта сегашноста, а и поголемиот дел од иднината.

Испрати коментар

Scroll To Top