Визуелизацијата на проектот “Скопје 2014” на дел од Малиот ринг прикажува еден архитектонско – урбанистички “Франкенштајн”.
Се прашувам зошто има толку сличности на проектот “Скопје 2014” што ме потсетуваат на филмот “Франкенштајн”.
Поентата е иста … има едно тело … едно ткиво кое треба да се оживее …. постои доктор кој експериментира и прави тело составено и закрпено од разни делови и ткива од други веќе мртви тела, експериментот успева “Франкенштајн” оживува, но место успешен експеримент, се случува спротивно, луѓето со вили и со факли, плашејќи се од неговата грдотија, сакаат да го уништат и да го запалат. Составеното ткиво се врти против создателот и против луѓето бидејќи иако е налик на човек тоа нив не им припаѓа …. тоа е вештачка творевина …. неуспешен експеримент… создаден и уништен од неговиот создавач.
Мислам дека успеав да ја доловам поентата … со споредбата на двата експерименти со споредбата на двата проекти ….. единствено што посакувам како стар скопјанец и архитект кој го познава секој дел, секоја форма, секое движење, секоја визура на Скопје, да не купувам во иднина архаични разгледници од Скопје и во живо тука на најголемото платно поставено на плоштадот да го гледам римејкот на филмот “Франкенштајн”.
Димитар Глигоров
дипломиран инженер архитект