Не се плашам од оној што не знае, се плашам од оној што нема свест дека не знае.
Прво, не знаев дали овој текст да го почнам како коментар на еден
граѓанин на Скопје, или како професионалец кој низа години работи на
проблематиката на урбанизмот, па сепак бидејќи овој текст е наменет за
магазин кој ја обработува темата на архитектурата и урбанизмот се решив
да настапам како професионалец.
Урбанизмот кај нас, најчесто се одвива без да има вистинска општествена заштита. Да појаснам: Урбанизмот и просторното планирање, и други слични дисциплини кои се грижат за неповторливите природни ресурси како: простор, вода, воздух…. немаат свое Министерство, како што на пример имаат во повеќето развиени земји.
Кај нас, урбанизмот и просторното планирање (кои се од суштинска важност за правецот на развој на една земја), се најчесто придодадени на некој владин ресор. Тогаш оваа дисциплина добива споредна улога или е додаток, и најчесто се третира како товар. Злоупотребувањето исто така, е максимално присутно.
Урбанизмот како мултидисциплинарна категорија во која се ангажирани повеќе професионални категории, кои преку предходно изработените физибилити студии, ги решава долгорочно градските проблеми, врз основа на осмислените закони и обемната регулатива. Во недостаток на такви рамки, се случуваат разни волунтаризми, најчесто од политиканти, кои директно или индиректно вршат агресии преку своите ’’визии’’ за градскиот простор. Сведоци сме на актуелната агресија над централното градско подрачје, за која е многу тешко да се даде разумна професионална критика, затоа што е изготвена крајно непрофесионално. Да биде парадоксот уште поизразен, таа агресија е изведена од професионалци.
Проектот ’’Визуелизација на центар на град Скопје 2014’’, со краткиот период за нејзината реализација, ја губи основната идеја да биде ’’визија’’ и се сведува на некаква итаница да се потроши целиот простор по мерка на некој своевиден сензибилитет. Тој зафат, би требало да биде дефиниран како урбанистички проект, но тој ни оддалеку не е тоа.
Пак се враќаме на законската регулатива, каде урбанистичкиот проект како последен чекор во урбанистичкото, и првиот чекор во архитектонското планирање, за посебно важни делови од градот, намерно или ненамерно е изоставен од законот за урбанистичко планирање.(!!!)
Сега не можеме по ниту еден основ да ги бараме сите прилози кои треба да ги содржи урбанистичкиот прект, а пред сè сообраќајниот проект за возила во движење и мирување. Не можеме да бараме да бидат планирани со хоризонтална и вертикална проекција подземните коридори за јавен градски превоз (трамвај, тролејбус и сл.) за поврзување на источната и западната градска територија, предвидени со генералниот урбанистички план.
Сегашната 3-Д визуелизација е всушност нејзина злоупотреба, за да се искористи во турбо маркетинг, или популизам, наоѓање (барање) идентитет, со цел да се маѓепса пошироката јавност. Нејзината реализација би предизвикала невидени проблеми нè само за централното подрачје, туку и за целиот град, доколку значи, предходно не бидат разрешени инфраструктурните и економските прашања кои се суштествени за функционирањето на целиот град, а не само на централното градко јадро. Значи, за да дојдеме ние до конкретна визуелизација на објекти кои би се изградиле на одреден локалитет, значи и предходна разрешница на комплексните проблеми, примарни и секундарни кои се значајни за функционирањето на тој или тие објекти во и со нивната околина. Конкретната визуелизација е виртуелна сценографија која може само преку јавните медиуми да ја залаже јавноста за нејзината реализација.
Би сакал да се запрашам и за содржината на овие објекти кои треба да му ја дадат ’’душата’’ на централниот плоштад. Дали се тоа објекти кои му даваат животворност на централниот простор или се оние што во втората половина од денот не функционираат (администрација, судови, музеи, верски објекти) ?
Трансформацијата на фасадите како еден вид травестија на објектите што настанале во одреден историски период е нeдозволено, а некаде дури и со закон забрането.
Зошто Македонија да биде заробена во еден стил?
Би сакал да се запрашам и дали еден стил треба да биде етаблиран како државен?
Етаблирањето на стилови, најчесто било врзано со одредени владејачки династии, кои биле во составот на западно европските цивилизации, посебно Франција и Англија, но и за одредени харизматични водачи, кои да, преку својата желба за грандиозност оствариле некакво влијание во правците на архитектурата. Но, тоа секогаш било во рамките на соодветната, историски позиционирана – современа архитектура. При- тоа тие не го барале ни идентитетот, ни економскиот бенефит за државата, туку самозадоволувањето на нивната лична мегаломанска проекција.
На светско ниво, во последнава деценија сме сведоци на тоа во кој правец се движи архитектурата како резултат на глобалните процеси и развојот на градежната и софтверската технологијата. Се градат објекти со неверојатни одржливи перформанси. Во чекор со тие перформанси и естетиката се крена на едно сосема ново ниво, на граница со чудо.
Зарем и ние не треба да бидеме дел од тие цивилизациски процеси (и покрај нашата економска немоќ) барем на сон?
Треба само да се отворат очите, за да видиме во кој ли правец оди нашата современа архитектура !?
Епа, добро отворете ги очите драги колеги ’’ визионери’’.!
Радомир Лаловиќ,
член на Академијата на Архитекти
при Асоцијацијата на Архитекти
на Република Македонија