Архитектонскиот еснаф испадна повторно “спанко” кога се во прашање проекти од типот “Скопје 2014”. Предлогот нè потсети дека се изгубивме во дебатирања, кои досега не донесоа егзатни предлози, поставени стандарди, конкретни решенија, кои точно ќе ги презентираат нашите колективно недвосмислени стручни поставки за просторот.
Презентацијата “Скопје 2014” ја доживеав како “фрлена ракавица” пред стручната јавност, која треба да се искаже многу брзо, да донесе решенија на кои не може уште долго да се чека и укор дека премногу долго се чекало.
Презентацијата покажа (ако не се гледа со чувство на иритација) дека урбано реализирана целина е најсреќно решение, но истото ни покажа дека треба да се редефинираат многу елементи од важечкиот Детален урбанистички план. По мое мислење тоа се: градежните линии и наменски функции на објектите поединечно и како групации, силуети на објектите што го опкружуваат плоштадот, улиците во склоп на Малиот ринг, а поготово кејовите на р. Вардар. Особено е важно редефинирање на моторниот сообраќај на двете страни на реката (во сегашни и идни услови), кој во моментов е хаотичен, поддимензиониран и тотално неприлагоден кон потребите за непрекинато пешачко движење во просторот.
За наметнатиот и претенциозен архитектонски израз на објектите не би коментирала, бидејќи премногу се инсистира за да биде реалност. Анимацијата покажа дека фасадите на неиспроектираните и ревитализирани објекти се “штанцани”, во отсуство на време или идеи на тимот изготвувачи на презентацијата. Оттаму произлегува дека во времето што следува треба да се изгради јасен и конкретен став за архитектонскиот израз на објектите (нови и постојни), како современо артикулирана позиција на архитектонскиот еснаф, притоа почитувајќи ги слоевите на минатото вградени во сегашноста и иднината на творењето.
Поставката на мостовите и скулптурите во презентацијата, како неопходни врзни елементи во ова урбано ткиво ме развеселува, со напомена дека новите мостови со својата современост и едноставност, треба дополнително да ја истакнат историската рустика на Камениот мост, а скулптурите, историски и современи, поставени на добро промислени локации, нужно ќе придонесат кон потенцирање на историските вредности и современ естетски израз на просторот во кој се наоѓаат.
Затоа, со презентацијата на проектот "Скопје 2014", треба да се чувствуваме затечени, но не и загрозени, бидејќи зрелоста и сериозноста на поставената задача бара решавање, а не деструктивно препукување.