Насловна / Форум / ПОВТОРНО “ЗЕМЈОТРЕС” ВО 2014!

ПОВТОРНО “ЗЕМЈОТРЕС” ВО 2014!

Предолго чекавме иницијатива за изградба на Плоштадот Македонија. Веројатно оправдување за тоа не постои. Но проектот “Скопје 2014 како повторно да предизвика “земјотрес” во главниот град, а и последиците од него нема да бидат ништо помали од оној катастрофалниот 63-та.

Во отсуство на академска дискусија, анализи и учество на еминентни, реномирани и афирмирани архитекти добивме кич производ.  Градските власти и авторите се повикуваат на континуитет, на нашата историја и идентитет, кои тука не можеме да ги препознаеме, во еден тотален еклектицизам. Архитектурата секогаш го носи духот на времето во кое е создадена, модерното не е против историјата, не е против класицизмот, тоа е нов класицизам само со други материјали и друг израз.   И со поинаков начин на гледање може да се прикаже историјата и да се сочува идентитетот. А големината на еден народ е и да создаде нова историја, која сите би ја посакувале за своја.


Со понудениот проект архитектурата оди во погрешна насока. Без посериозна анализа за сообраќајно и инфраструктурно решение. Окупирано е целото потесно централно градско подрачје. На  левиот брег на реката Вардар, Кејот, МОБ, Филхармонијата се апсолутно занемарени, уништен е и таканаречениот плоштад на културата пред овие објекти. Пешачката зона, Кејот (еден од најуспешните проекти на градот) се тотално деградирани, предвидени се мостови без свој почеток и цел. Се создава чувство како да некој мисли дека сè почнува со него, сè претходно не било добро, и одеднаш се сетил да не “спаси#! Како поинаку да го разберам редефинирањето на фасадите. Како да не ни беше доволно искуството со урбанизмот на Дебар Маало, па повторно да ги правиме истите грешки. Отсекогаш сум бил за посериозна анализа и на Плоштадот Македонија. Мое мислење е дека формата и просторот на Плоштадот Мкедонија, кое е всушност копија на стариот плоштад од пред земјотресот е веќе надмината работа за овој град кој денеска има 700 000 жители, за неговиот контекст и функција. Со неколкуте објекти кои веќе се во изградба процесот е започнат. Да ја слушнеме струката, онаа вистинската, не самонаречената и да заземеме став. Друго не ни останува, ако веќе не е доцна.
Искрено се надевам дека оваа јавна полемика  и дискусиите на еснафот, во ААМ, архитектонската Академијата, Архитектонскиот факултет ќе допрат до власта и градските татковци. Овој град ја испушти историската шанса што му се пружи после земјотресот да стане еден од најсовремените во регионот. Тогаш на меѓународен конкурс власта имаше доблест и вкус да го избере проектот на Кензо Танге, но компромисот и политиката не му дозволија да се реализира. Денеска гледаме голема желба конечно да се формира централното градско јадро, но би ги замолил политичарите овој пат да ја остават струката да се изјасни, без  да ја уценува, омаловажува, регрутира за своите страсти,  да го направат потребниот компромис. Да се направи здрава и аргументирана  дискусија и ревизија на предложеното решение, да се распише меѓународен конкурс и конечно да се дефинира ДУП-от за централното градско подрчје. Без да се внесува личен интерес, политика, меѓупартиска пресметка и да се изберат најдобрите.


После “земјотресот 2014” светот нема да ни помогне и да биде солидарен. Овој пат ќе ни се потсмева.  Се надевам како и за сите други земјотреси, дека нема да се случи, бар не нам.

Ненад Раѓеновиќ
архитект

Испрати коментар

Scroll To Top