Насловна / Форум / Скопје 2014

Скопје 2014

ivan.jpgОва е лоша архитектура!“
Што би значело тоа
денеска, а притоа да
можеме конкретно да
зборуваме за некоја локација во
центарот на Скопјe? Дали мислиме
на проектантскиот концепт, на
конструктивното решение, на термо-
динамиката на објектот, бојата на
фасадата или пак на урбанистичката
целина? Кои се критериумите преку
кои ние денеска спориме зошто
нешто е лошо или пак зошто нешто
е добро?

Дали архитектурата кај
нас е занаетчиска работа или пак е
филозофија?
Гледајќи преку еден
ваков дискурс, би можело да се
забележи дека на нашите простори
преовладува идејата „мајстор” –
индивидуалец, кој ја има улогата на
архитект-филозоф, но и на естетичар.
Ваквото квази-витрувиевско
однесување во последниот период,
кај нас отвори многу дебати за
архитектурата во Македонија,
но не како вештина на градба,
туку пред се како социолошки
феномен. Елементите што ја градат
архитектурата не би смееле да ги
гледаме низ употребата на видовите
на градежните материјали, или пак
само во методите на изградба и
подигнување објекти.

 

Елементите
што ја градат оваа комплексна
наука, се кријат во концептуалното
размислување, симбологијата и
пред се во човечката димензија.
Приказната, односно текстот што
секогаш стои во заднината на
еден проект, е оној што го дава
неговото значење и истовремено го
оформува во архитектура. Без овој
суштински елемент, објектот, колку
и да изгледа импозантно, би останал
само купишта градежен материјал,
собран и склопен на едно место
според методот на „мајсторот”.

 

Навиките

Феноменот „Скопје„ по земјотресот од 1963 се трансформираше во приказна која доби сосема друга конотација од онаа на која граѓаните го беа навикнале својот простор за дијалог. Навиката што секогаш била составен дел на концептот на социолошката структура на функционирањето на градот продолжува и понатаму да се провлекува и физички да се материјализира, односно рематеријализира. Годините што минуваат, со себе повлекуваат промени поттикнати од политички аспект, а со тоа рематеријализацијата ја расчленуваат до тој степен што коренот на мајор-навиката доживува своја дезинтеграција низ простор-времето. Затоа, дали можеме да живееме без навики? Доколку одговорот би бил потврден – тогаш како тоа би можело да се одрази врз урбаноста на Градот?

Модерните истории

Оваа дезинтеграција на навики која полека ја мобилизира новата архитектоника, станува појава која многу брзо почнува да се провлекува низ сите ганглии на градот; ги разбива, ги става во блендер и од сето тоа на крајот направи коктел чијшто вкус воопшто не е онаков каков што многумина очекуваа да биде. Надреалните идеологии за експресно раскажување на големо количество истории по кубен метар зафатнина град (i/m3g), се измешаа со очекувањата за следење на текот на современата идеја по која денешна Европа гради и развива. Њујоршкиот архитект Бернард Чуми (Лавилет Парк, Парис) на пример, го доби конкурсот за музеј на акропол во Атина и изгради објект кој носи силен архитектонски потпис. Таквите потписи остануваат да постојат како вонвременски симболи на еден град. Новите методи на славење истории станаа круцијален момент за заедничката пловидба по текот на современата. Во време кога победите се добиваа на коњ, со штит и меч во рака, соодветно на тоа и се прославуваа; се поставувале споменици во централно урбано подрачје секојдневно изложено на граѓаните – носителите на победата. Сакралните објекти во минатото се граделе со соодветен архитектонски печат – купола и камбанарија, не за да изгледаат „посакрално” од другите објекти, туку пред се од техничко- технолошки причини. Куполата била единствена конструкција која во минатото премостувала големи растојанија заштитувајќи голем број луѓе од надворешни влијанија, додека пак камбанаријата акустично ги амплифицирала црковните информации. Денешното време со новите технологии и низ нови типови на војни и победи, сето тоа го измени; славењето на историите се реализира преку научно-културни установи, дебати, конференции, и други современи политички маневри. На Градот, на урбаното ткиво, му треба еволуција во секој поглед. Навраќање кон минатото и реинкарнирање на мртва, нефункционална архитектура – е регрес, подеднакво и технички и интелектуален.

Солидарноста

Што е архитектура ако не е солидарност во секоја смисла на зборот? Да се биде солидарен денеска не значи само да помогнете некому во неволја… Од денешен аспект, кога комплексноста на соживот расте постојано, солидарноста не е само давање, туку и начин на прифаќање на нештата. Социјалната солидарност е поим за кој треба сериозно да се дебатира. Колку денешното урбано опкружување е солидарно кон нашиот начин на живот: комерцијалното бомбардирање на сите сетила кои еден човек ги поседува помалку или повеќе? Адаптирањето на просторот за кој разумот ни вели дека веќе длабоко ја прегазува човечката димензија? Плагијатите на старите историски европски метрополи кои одеднаш станаа шизички… Што останува од поимот урбанизам, што останува од значењето на зборот солидарност? Пред не толку долго време, една таква солидарност му помогна на Скопје повторно да се крене и да застане на нозе. Како ние како држава, како народ, му се одолжуваме на светот за тој силен гест? Тоа е прашање кое се уште не сме ни стигнале правилно да го формулираме…

Амнезија

Можеби неспособноста за правилно формулирање на битните прашања, доаѓа од некаква си природна амнезија која како некој вирус ги напаѓа сетилата за перцепција на жителите на регионов. На скопскиот земјотрес од 1963 му се наближува 50 годишнина, но се некако наликува дека тој ужас се случил пред многу, многу време. Скопје е град кој денес наликува како воопшто и да не доживеал таков земјотрес. Скопје е град кој денес наликува на музеј на метаболистите, музејските експонати се користат, но идејата за нив е сосема бескорисна. Оваа глобална амнезија како да произлегува од психичкото стеснување на идејата за „Град на солидарноста„; во 1963, по разорниот земјотрес, амбицијата на народот, како и сликата за иднината се движела по една нагорна линија. Се градело за стотици илјади луѓе, инфраструктурата се подготвувала да го следи развојот на Светот, железнички линии со брзи возови кои само за неколку часови ќе ве доведат до некоја европска дестинација… Денеска се обидуваме дупките од заборавот да ги пополниме со шарени мали зградички оперирани од концепт и визија за една метропола.

Адаптација

Што е тоа идентитет? Дали тој се гради или веќе е вграден во хронотопот? Дали може идентитет да се заборави, а во обид за опоравување истиот да се толкува погрешно? Најверојатно, малите шарени зградички се процес на адаптација на новото време кое не опкружува додека ние, скопјаните, си постоиме во еден балон скроен од „мајсторот”, а одржуван со идејата за нови истории. Преку примерот на другите нации кои го тапкале својот пат до себераспознавање, може да се согледа дека при пребрзо премотување нанапред (fast-forward) многу непознати од равенката се занемаруваат со што се добива резултатот: Е (error), односно грешка при пресметувањето. Но, како што рекол Наталини од Суперстудио: „Ако архитектурата е само кодифицирање на буржоаскиот модел за сопственост и општество, тогаш мора да ја отфрлиме архитектурата; ако архитектурата и урбанизмот се само формализација на денешните социјални дивизии, тогаш мора да го отфрлиме урбанизмот и неговите градови – се додека дизајнерските активности не се стремат кон решавање на примарните потреби. Дотогаш, дизајнот мора да исчезне. Може да живееме и без архитектура”.

Испрати коментар

Scroll To Top