Насловна / Форум / Коментарите за Скопје 2014 се стопија во сивилото на градот

Коментарите за Скопје 2014 се стопија во сивилото на градот

elena-petrovska.jpgЕлена ПЕТРОВСКА, студент на Архитектонскиот факултет во Скопје

 

Долго размислував кој е вистинскиот начин да се каже нешто за проектот „Скопје 2014“, а притоа да се даде доволно силен аргумент зошто еден човек е за или против него.

 

Веќе со месеци ги слушаме коментарите што доаѓаат од двете страни, и полека избледуваат и се втопуваат во сивилото што го обзеде нашиот град. Не дека коментарите не се на место, едните („стручњаците“ во сите области) велат дека сакаат

да го воскреснат духот на стариот град и да го вратат шмекот на предземјотресно Скопје, а со тоа некако да го приближат до европските метрополи, додека другите (стручњаците во конкретната област) тврдат дека е небулозно и сосема нелогично, сега во 21 век ние да се вратиме неколку века наназад и да го бараме барокот во темелите на нашата архитектура. Едните водени од меморијата за градот од минатото, другите водени од идејата за градот во иднината. Можеби тоа е и нашиот најголем проблем, сите се стручњаци во сè и сите гледаат напред или назад…

 

Но, кој го гледа Скопје денес? Кој расте, кој живее, кој се буди наутро со мирисот на скопските липи?

 

Скопје има дрвореди стари десетици години, Скопје го има Градски Парк, го има Вардар, Скопје ги има МОБ и ГТЦ, „Максим Горки“ и „Ленинова“, Скопје го има Водно… Скопје има за што да се врзе.

 

Ние не сме Антички Рим со триумфални порти за нашите императори, не владее Луј 14, па да го градиме Версај, Скопје не е во Античка Грција, па да користиме дорски столбови. Нашиот град постои, има квалитети има и мани. Треба и да се гради и да се руши, да се доправа и поправа, да се контролира она што се работи, да се создава разумно и креативно.

 

Едно е повеќе од очигледно, Скопје има жители кои нема да се чувствуваат многу пријатно кога ќе можат својот плоштад да го видат само на разгледница, бидејќи на него ќе нема место за нив. Но, затоа пак, разгледницата ќе биде хит во Европа: Рим, Париз, Фиренца, Венеција – сите четири по цена на еден, повелете во Скопје!!!

 

Алармантно…

Испрати коментар

Scroll To Top