Филип МАРЈАНОВИЌ, дипл.инж.арх.
Речиси и да нема архитект кој размислува со своја глава и кој барем малку ги следи современите светски трендови во архитектурата, кој не е против гротескниот проект Скопје 2014. Дури и архитектите што на овој, или на оној начин се директно инволвирани во него, се свесни дека тој е едно големо промашување.
Целата постапка околу проектот од самиот почеток беше водена погрешно. Наместо да биде транспарентна и отворена за јавност, како што е тоа пракса во развиените земји, таа беше целосно затворена. Се одвиваше во таинствени кругови, а конкурсите што беа распишувани, со однапред диктирани стилови.
Зошто е тоа така?
Одговорот е едноставен. Оваа власт треба да испорача резултати во краток рок. Доколку целата постапка околу новиот лик на централното градско подрачје оди регуларно, тогаш за тоа ќе требаат неколку години. Најпрвин треба да се отвори широка дебата во која ќе учествуваат сите прогресивни сили во државата: од архитекти, урбанисти до обичниот граѓанин кој има свое мислење. Потоа да се анкетираат граѓаните дали се за или против. Откако ќе се сумираат сите резултати – да се распише меѓународен конкурс за урбанистичкиот лик на центарот. Со избирање на најквалитетното решение предложено од светски архитекти, кое секако ќе биде поткрепено со една опсежна урбанистичка анализа, може полека да се почне со размислување за отпочнување на градежни активности.
Меѓутоа, тоа на власта не и оди во прилог, со оглед на тоа што пред своите избирачи таа сака да се претстави како градителска власт. Затоа од самиот почеток најпрвин го елиминира стручното мислење, потценувајќи го до крајни можни граници, за потоа да се даде во брзопотезно градење "на ура". И онака обичниот човек не разликува барок од класицизам, ниту пак е запознаен до каде се протега регулационата линија на кејот на реката Вардар, с# додека на неговото движење по кејот одеднаш не му изникне зграда!
Креаторите на оваа карикатура од проект наречена "Скопје 2014" се луѓе кои немаат допирна точка со архитектурата. Тие со него н# само што демонстрираат краен дилетантизам и невидена ароганција, туку покажуваат и дека се временски и просторно изгубени во вселената. "Архитектите" што учествуваа во ова големо сквернавење на просторот, се луѓе кои, на кој и да е регуларен меѓународен конкурс не би можеле ниту откуп да освојат, а камоли да добијат прва или втора награда. Напротив, нивните проекти би биле предмет на јавно исмевање поради "визиите" што ги нудат (како што впрочем е случајот со овој проект).
Скопје во 70-тите години на минатиот век со изградбата на Македонската опера и балет и некои други објекти од лидер во модерната архитектура, се претвори во град кој служи за подбив со својот кич, неоригиналност, неинвентивност. Ние со овој проект н# само што се претставуваме во едно карикатурално издание пред светот, туку покажуваме дека сме светлосни години назад од она што се нарекува цивилизација, демократија, прогресивна мисла. Живееме во време кога науката и техниката незадржливо одат напред. Ера на измислување нови форми, нови материјали, во која сите земји се натпреваруваат која ќе понуди посовремено архитектонско решение. Во ера на модерна архитектура некој да ви каже дека вашиот проект треба да биде во барок, не само што е ретроградна идеја, туку со тоа само се открива колку е страотна закржлавеноста на духот во општеството во кое живееме, колку ние како општество сме затворени за секаков вид напредна мисла и дека во крајна инстанца и не заслужуваме да бидеме дел од тој цивилизиран свет кон кој декларативно се изјаснуваме дека се стремиме. Состојбите во архитектурата се само одраз на општата состојба во државата. Кога во сите општествени сфери веќе одамна сме го допреле дното, не можеме да очекуваме во архитектурата да биде поинаку и таа да биде прогресивна. Напротив, таа ќе биде ретроградна, каква што е во моментов.
Сепак, во целата оваа збрка има еден светол момент, а тоа е објектот на Македонската филхармонија. Таа делува како едно осамено парче модерна архитектура кое апсолутно не припаѓа во овој панаѓур на кичот. Познавајќи го демократскиот капацитет на оваа власт, воопшто не очекувам дека нешто ќе се промени во блиска иднина. Напротив, тие ќе продолжат со истото темпо да го обезличуваат централното градско подрачје не водејќи притоа сметка за апелите на граѓаните, протестите на студентите, повикот на Асоцијацијата на Архитекти да се запре неговата изградба. Фактот што на крајот може да биде решавачки, е дека мнозинството граѓани е против неговата изградба. А како што тргнале работите тој процент од ден на ден ќе биде с# поголем. И обичниот човек ќе сфати дека џабе му се бронзени споменици и барокни грдосии на секој чекор, ако тој не може да го прехрани своето семејство.
На крајот само за илустрација, како потврда за тоа колку светлосни години сме ние далеку зад европските земји, ќе го споменам примерот со Грција. Тие за новиот музеј на Акрополис распишаа меѓународен конкурс на кој се јави цела плејада на архитекти со светско реноме меѓу кои Даниел Либескинд, Арата Исозаки и др. Комисијата во чиј состав се наоѓаше најпознатиот шпански архитект Сантиаго Калатрава (и самиот архитект со светско реноме) го избра како најдобро решението на швајцарскиот архитект Бернард Чуми. Новиот музеј во иднина сигурно ќе предизвикува илјадници туристи да одат и да го посетат тој бисер на модерната архитектура.
А ние? Ние и понатаму ќе ги градиме нашите барокни споменици и ќе се прашуваме зошто не сме привлечна дестинација за странските туристи и зошто дури и кога ќе решат да ја посетат нашата земја веројатно никогаш во иднина нема да го направат тоа.