Објектот на
локалитетот Матка
претставува еден
од најголемите
рефугијални центри
за време на глацијалниот период
во Македонија. Денес, на овој
простор се сретнуваат голем број
реликтни и ендемични растенија
и животни. Од вкупниот број на
1.000 растенија, 20 проценти
се ендемити или реликти.
Од
терциерните реликти, позначајни
се кошаниновата темјанушка
(Viola kosaninii) и наталиевата
рамонда (Ramonda nathaliae). Во
кањонот се откриени два нови
вида пајаци и пет лажни скорпии,
а научниците регистрирале
119 видови дневни, 140 видови
ноќни пеперутки, 77 видови
балканско ендемични мали
пеперутки, како и 18 други
видови кои се нови за науката.
Во непосредна близина на
идниот Природо-научен
Музеј во кој би се проучувале,
изложувале и документирале
овие експонати од флората и
фауната, се наоѓа манастирскиот
комплекс Св. Андреа, изграден во
1389 година од страна на синот
на кралот Волкашин, Андреа.
Тој претставува комбинација на
издолжен триконхос одвнатре
и слободен крст однадвор, а со
својата архитектура совршено се
вклопува во природниот пејзаж.
– Во проектот е направен обид
за целосно вклопување на
објектот во околниот природен
амбиент. Сметам дека никогаш
не треба да се натпреваруваме
со природата и нејзините појавни
форми. Затоа избрав строга
геометрија, прави линии и чисти
форми, со кои се потенцира
фактот што објектот е направен
од човек – вели Константиновски.
Композиција на кубуси што
симболизираат гнездо
Формата на објектот е
инспирирана од една летечка
камена глава од филмот
Zardoz(1974) на John Boorman.
– Се работи за еден необичен
концепт. Мојата идеја беше
објектот да личи на артифициелна
летечка интелигентна форма, која
талкајќи низ времето и просторот
го препознава своето легло и
токму тука, на ова место, го прави
своето гнездо и истовремено
сраснува со околниот терен. Стилизираното гнездо е
претставено со дрвен кубус –
објаснува Константиновски.
Музејот е резултат на
внимателно истражување, кое
опфатило димензионирање на
отворите според интензитетот
на дневната светлина и
создавање рамки за сликите
на пејзажот. Ваквиот вид
планирање го карактеризира
истражувањето на искуствата
на визуелните доживувања
низ различните нивоа на
транспарентност. Варијациите
на светлината на површините
што го дефинираат објектот
ги истакнуваат волумените,
интензивирајќи го чувството за
интерна и екстерна динамика.
Иако се работи за смирени
кубуси со правилна геометрија,
композицијата создава
перцептивни тензии од секој
различен агол на гледање.
Нејзината геометрија е резултат
на желбата на авторот да
создаде простор кој нема да
служи само за изложување
на експонати, туку самиот
за себе ќе биде експонат
во своето опкружување. Во
исто време, одвнатре ќе ни
овозможи да ја посматраме
природата како слика.
Функција и мистика
Во оваа строга геометриска
форма е сместен музејот
што содржи сутерен со депо
и простор за подготовка на
експонатите, и приземје со
влезен предпростор, инфо-пулт
и дел од постојаната изложба
со простор за мултимедијална
презентација. Приемниот
дел кој се наоѓа во дрвен
транспарентен кубус се развива
низ две катни висини. Влезот е
нагласен со одземање на аголот
и негово третирање со стаклена
обвивка во форма на коцка.
– Делот за изложба и
презентација е сместен
на два ката во бетонскиот
дел од објектот, со цел да
се овозможи потребна
микроклима и соодветно
осветлување на просторот по
вештачки пат. На приземјето,
во бетонски дел централно се
сместени високи изложбени
витрини, а периферно по
ѕидовите на соодветни
растојанија е предвиден
простор за вертикални LCD
монитори (touch screen).
Тука посетителите ќе имаат можност да се информираат за
експонатите во Музејот по пат
на мултимедијална презентација
преведена на три јазици со помош
на слушалки – вели Валентино.
На катот се лоцирани дел од
изложените експонати во ниски
витрини и простор предвиден за одмор
и медитација со убави природни визури
кои ги овозможува локалитетот Матка.
-Тенденција беше во овој простор
да се добие едно посебно чувство
на духовност, на мистика, најмногу
поради неговата припадност во
манастирски комплекс и секако
поради специфичноста на околната
природа, – нагласува Константиновски.
Материјализација со натур бетон и дрво
Во објектот се предвидени бетонски
подови. Улогата на плафон ја презема
примарната или секундарна носечка
конструкција без дополнителна
обработка. Соодветно, во првиот дел
од објектот плафонот го сочинуваат
талпите од дрвениот скелетен систем,
додека во останатиот дел тоа се
армирано-бетонските плочи. На
пoкривот, продолжена е обвивката од
фасадата и постигнат е соодветниот
визуелен ефект на доживување на
третата димензија на објектот
Наталија НОВАКОВИЌ- ДОБРЕВСКА