Со должина од 53 километри, Сеикан тунелот во Јапонија е најголемиот и најдолгиот железнички туннел на светот. Од споменатата должина, дури 23 километри поминуваат под морското дно.Иако тунелот помеѓу Франција и Англија кај Ла Манш има поголема должина под морското дно, сепак јапонската гордост останува број еден заради вкупната должина. Сеикан тунелот е лоциран помеѓу островите Хоншу и Хокаидо, како дел од линијата Каикјо на железничката компанија.
Велат дека благодарение на тунелот, железничкиот сообраќај е најевтиниот транспорт во Јапонија, а приматот број еден, овој тунел ќе го задржи до 2018 година кога е планирано да се отвори т.н. Готард тунел.
Главна причина за изградба на тунелот е несреќниот поморски случај од 1954 година, кога пет ферибота потонаа за време на тајфунот при што 1.430 патници се удавија. Следната година, Јапонската национална железница донела одлука дека оваа важна линија мора да биде поврзана на посигурен начин. Но, цели 16 години ќе поминат додека да се завршат бирократските процедури по кои ќе почне практичниот дел, изградбата на тунелот. На 23 март 1971 почнаа главните ископи.
По 12 години, на 27 јануари 1983, тогашниот јапонски премиер Јашуро Накасоне го притисна копчето на последната експлозија која ја отвори последната дупка на ископот. Двата дела се поврзани и отворена е првичната линија на тунелот која ги поврзала двата острова. За овој период, работата не била ни малку лесна. Напротив, 34 работници загинале за време на ископот кој бил најтешката работа. Но, властите здивнале по пет години, во март 1985 кога на сличен начин министерот за транспорт Токуо Јамашита симболично го отвори Сеикан тунелот.
Вкупните трошоци за изградбата на тунелот изнесувале 3,6 милијарди долари. Но, педантните Јапонци погрешиле во пресметките кога претпоставиле дека згуснувањето на сообраќајот ќе биде добра основа за да се исплати потрошеното. Имено, се до средината на 70-тите, сообраќајот се зголемува во Јапонија, но во 80-тите почнува да доживува пад како резултат на масовната употреба на авиолиниите. На пример, ако од Токио до Сапоро со воз се патувало во просек околу 10 часа, со авион на Јапонците им требале само три часа. Освен тоа, брзината е надополнета со прифатливата авиоцена.
Но без оглед на се, оваа железничка рута останува една од омилените патнички дестинации на патниците. Причина се 50-те километри и чувството на возбуда кога се патува со воз под морското дно. За да биде успехот поголем, пуштен е во сообраќај супер ексклузивен воз за патници со подлабок џеб.
По повеќе од 20 години, во 2002. направена е главна инспекција на тунелот. Во извештајот на контролорите било јасно посочено дека тунелот е во одлична состојба. Во 2005 година, почнаа работите на новиот проект кој ќе овозможи умрежување на Сеикан тунелот во т.н. Шинкасен мрежа која ќе ги поврзе двата острова со далечниот Сапоро. Тунелот треба да биде оперативен во 2015 година. Новиот тунел ќе биде долг 52 километри, но наместо наизменични две ленти во посебни дупки, ќе содржи една, која ќе нуди двонасочен собраќај една врз друга. Едноставно кажано, едниот воз ќе биде долу, а другиот горе во истиот тунел. При патувањето секогаш ќе има барем една крос-секција на разминување.
Р.П.
Објавено во број 91.