Насловна / Вести / 17. Европска конференција за земјотресно инженерство

17. Европска конференција за земјотресно инженерство

Под покровителство на Европската асоцијација за земјотресно инженерство (ЕАЕЕ) (http://www.eaee.org/), од 1964 година, па сè до денес, редовно се одржуваат конференции и семинари со цел промоција на земјотресното инженерство и размена на искуства, мислења, практики и достигнувања, не само помеѓу научниците од европските земји, туку и од целиот свет.

4

Оваа година, под покровителство на Европската асоцијација за земјотресно инженерство, а во организација на Романската асоцијација по земјотресно инженерство, од 4 до 9 септември, во Букурешт се одржа 17. Европска конференција за земјотресно инженерство и сеизмологија (3ECEES) како заеднички настан на Европската асоцијација за земјотресно инженерство (EAEE) и ​​Европската комисија за сеизмологија (ЕSС). Интересно е да се напомене дека првата Европска конференција за земјотресно инженерство се одржала токму во Скопје во 1964 година. Треба да се потсетиме и дека 14. Европска конференција за земјотресно инженерство беше одржана во Охрид во септември 2010 година. На оваа конференција присуствуваа околу 1.000 научници од целиот свет. Собирот во Охрид беше, и сè уште е најголемата научна конференција којашто досега се организирала на територијата на Македонија. Целокупната организација на оваа конференција беше реализирана од Македонската асоцијација за земјотресно инженерство (МАЕЕ) и од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).

3

2

За време на 17. Европска конференција за земјотресно инженерство, Букурешт како домаќин обезбеди одлична платформа за размена на искуства и знаења во врска со главните теми од областа на земјотресно инженерство и сеизмологија.

Честа да ја отвори конференцијата ја имаше претседателот на ЕАЕЕ, проф. д-р Киријазис Питилакис, кој е воедно претседател и на Грчката асоцијација за земјотресно инженерство.

Големиот број на теми презентирани во повеќе од 50 сесии со учесници од над 60 земји ја направи програмата на конференцијата една од најголемите досега. Може да се очекува дека овие презентации и излагања, заедно со воведните и тематските предавања ќе дадат нови решенија и идеи во доменот на намалување на земјотресните ризици.

На конференцијата, како претставници од Македонија, со свои трудови присуствуваа и научниците од ИЗИИС (коишто се воедно и членови на Македонската асоцијација за земјотресно инженерство). Овој пат, покрај професори од ИЗИИС, како автори и коавтори, учествуваа и млади научници од ИЗИИС, кои се активно вклучени во магистерските и докторските студии. Присутните научници од ИЗИИС на оваа конференција со своите излагања имаа можност да го промовираат Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, но и со посебен слајд да го најават престојното  одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес следната година.

1

Учесници од ИЗИИС на 17-тата Европска конференција за земјотресно инженерство и сеизмологија

Во рамките на конференцијата, се одржа и Генералното собрание на Европската асоцијација за земјотресно инженерство каде што беа присутни национални делегати од повеќе земји, на кое меѓу другото се одлучи следната Европска конференција за земјотресно инженерство да се одржи во Берлин, Германија, во организација на Германската асоцијација за земјотресно инженерство.

Автор: вонр. проф. д-р Кемал ЕДИП

Одржани Европски конференции за земјотресно инженерство:

Скопје, Југославија, 1964

Мадрид, Шпанија, 1969

Софија, Бугарија, 1970

Лондон, Велика Британија, 1972

Истанбул, Турција, 1975

Дубровник, Југославија, 1978

Атина, Грција, 1982

Лисабон, Португалија, 1986

Москва, Русија, 1990

Виена, Австрија, 1994

Париз,Франција, 1998

Лондон, Велика Британија, 2002

Женева, Швајцарија, 2006

Охрид, Македонија, 2010

Истанбул, Турција, 2014

Солун, Грција, 2018

Букурешт, Романија, 2022

Берлин, Германија, 2026

Screenshot 2022-12-29 091358

Испрати коментар

Scroll To Top