Насловна / Вести / 16. Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија – Современи конструкции, одржлив развој

16. Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија – Современи конструкции, одржлив развој

Друштвото на градежни конструктори на Македонија, од 1 до 3 октомври годинава во Охрид ќе го одржи својот 16. Симпозиум на ДГКМ 2015. Симпозиумот ќе се фокусира на прашања од областа на градежното конструкторство, со посебен акцент на современите методи и техники за проектирање и изведба на градежните конструкции како предуслов за одржлив развој. Главна цел на симпозиумот е да обезбеди форум, каде домашните и странските учесници ќе можат да разменат знаења и идеи за најновите научни достигнувања и практики, поставувајќи насоки за идни истражувања и соработки во областа на градежништвото. На Симпозиумот се повикани да учествуваат сите градежни конструктори и студенти, како и истражувачи од сродни области.

Темата на симпозиумот е „Современи конструкции – одржлив развој“. Освен главната, ќe има и повеќе од десетина теми, почнувајќи од Теориски и експериментални анализи на конструкции, Климатски влијанија врз конструкции, Инфраструктурни објекти и други поврзани со градежништвото.

Во рамките на Симпозиумот во соработка со Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, Институтот за стандардизација на Република Македонија и Министерството за економија, ќе се одржат тркалезни маси на тема „Еврокодови и национални анекси“ и  „Градежна регулатива – закони, правилници и стандарди“.

dkgm 2015

Научниот одбор на Симпозиумот е составен од еминентни професори од земјава и од странство. Официјални јазици на Симпозиумот се македонскиот и англискиот. Трудовите на заинтересираните учесници треба да бидат подготвени почитувајќи ги следните правила: вкупниот број на страници не треба да надминува 10, со исклучок на воведните и повиканите соопштенија кои се ограничени на 14 страници. Независно од јазикот на кој ќе биде изложен трудот, резимето треба да биде двојазично. Трудовите треба да се испратат до организаторот во електронски формат (Microsoft Word и PDF) за да се овозможи нивно дооформување пред објавување во Зборникот на трудови. Учесниците треба да подготват и проширено резиме на трудот на две страници, само на англиски јазик. Детални упатства за подготовка на трудовите и проширените резимеа можат да се преземат од интернет-страницата на ДГКМ: http://mase.gf.ukim.edu.mk. Пријавувањето на соопштенијата почна во мај, а нивната конечна верзија и проширеното резиме треба да се изготви до 10 септември.

Повеќе информации, заинтересираните учесници може да добијат и на следниве адреси: [email protected] и http://mase.gf.ukim.edu.mk

gradeznistvo

Јавен конкурс за доделување на признание на ДГКМ за 2013 и 2014 година

Претседателството на Друштвото на градежните конструктори на Македонија, врз основа на одредбите на Статутот на ДГКМ и Правилникот за доделување на годишно признание за најдобро конструкторско остварување, распишува Јавен конкурс за доделување на признание на ДГКМ за најдобро остварување во областа на градежното конструкторство во 2013 и 2014 година.

Признанието за најдобро остварување во областа на градежното конструкторство се доделува на дела завршени во 2013, односно 2014 година, за секоја од следните три категории:

                – Теориско и/или експериментално истражување на конструкции;

                – Проектирање на носечки конструкции;

                – Градење на носечки конструкции.

Поединостите околу Јавниот конкурс и подготовката на предлозите за доделување на највисокото признание на ДГКМ се регулирани со Правилникот на ДГКМ и Одлуката на Претседателството на ДГКМ.

Комплетно подготвените предлози за доделување на Признанието за најдобри конструкторски остварувања во 2013 и 2014 година треба да бидат доставени најдоцна до 15 август 2015 година на адреса: Друштво на градежните конструктори на Македонија, Градежен факултет – Скопје, Партизански одреди 24, П.Фах 560, 1001 Скопје.

 

Испрати коментар

Scroll To Top