На почетокот на минатиот месец во Охрид се одржа 16. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија. На овој меѓународен собир учествуваа 300 градежници и архитекти од 12 земји: Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Хрватска, Словенија, Германија, Португалија, Италија, Грција, Казахстан и Соединетите Американски Држави. Симпозиумот се фокусираше на прашања од областа на градежното конструкторство, со посебен акцент на современите методи и техники за проектирање и изведба на градежните конструкции како предуслов за одржлив развој.
На симпозиумот домашните и странските учесници разменија знаење и идеи за најновите научни достигнувања и практики, поставувајќи насоки за идни истражувања и соработки во областа на градежништвото. Темата на симпозиумот беше „Современи конструкции – одржлив развој“.
Претседателката на ДГКМ, проф. д-р Мери Цветковска, отворајќи го Симпозиумот го истакна значењето на ваквите собири во развојот на градежното конструкторство. За значењето на ваквите собири зборува и големиот интерес. Тоа го потврдува и фактот што досега на сите симпозиуми присуствувале речиси 5.000 учесници од земјава и од светот, меѓу нив и од Србија, Бугарија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Романија, Грција , Турција, Германија, Италија, Португалија, Франција, Канада, Нов Зеланд, Австралија и други.
На отворањето зборуваа и го поздравија собирот Ана Тромбева Гаврилоска, генерален секретар на ДГКМ, претставникот од Инженерска комора на Македонија, проф. д-р Милорад Јовановски, претседателот на Друштвото на градежни конструктори на Србија, проф. д-р Ѓорѓе Лаѓиновиќ, претставникот на Друштвото на градежни конструктори на Бугарија, проф. д-р Дончо Партов, деканот на Градежниот факултет на универзитетот на Црна Гора во Подгорица, проф. д-р Милош Кнежевиќ, деканот на Градежниот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Дарко Мославац, Медет Исабеков менаџер во корпорацијата БИ Груп од Казахстан и градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески.
Воведна презентација, како поканет гостин, имаше проф. д-р Дубравка Бјеговиќ , со темата „Материјали за нови видови и технологии на бетон“.
Други поканети излагања беа на Хелена Круз со темата „Одржлива употреба на дрвото во градежништвото – спецификација, одржување и поправка за продолжување на векот на конструкцијата“,Маурицио Фолеса и Масимо Фраџиакомо со темата „Сеизмичко проектирање на накрсно ламинирани дрвени конструкции според еврокод 8“, Цветан Георгиев и Николај Рангелов со темата „Воведување на еврокодовите во Бугарија и спроведување на еврокод 3“, Јоже Кочар со темата „Европска регулатива за градежни материјали-принципи и имплементација“, Гунтер Мешке, Јелена Нинич, Стефан Фреитаг, Као Ба Трунг, Алсахлу Абдула и Гал Војтеч со темата „Предвидување на интеракција почва-конструкција при механизирана градба на тунел и тbm управувачка подршка, Јордан Милев, Николај Милев и Ѓорги Георгиев со темата „Проблеми при примена на еврокодовите при сеизмичко проектирање на армиранобетонски згради“, Марина Трајкова со темата „Примена на еврокодовите при рехабилитација и зајакнување на постојни и историски објекти“ и Младен Улиќевиќ и Перо Вујовиќ со темата „Концептуално и прелиминарно проектирање на мостови на автопатот Подгорица-Матешево“.
На собирот традиционално, беа доделени и наградите за остварувања во областа на науката, проектирањето и изведбата на градежни конструкции во периодот помеѓу два симпозиуми. За наука признанија на ДГКМ добија Кемал Едип, Алаксандар Богдановиќ, Марија Лазаревска, Дарко Наков, Златко Зафировски и Коце Тодоров. Од областа на проектирањето беше наградена компанијата DIWI Makedonija dooel, а за изведба награди добија ELEM за хидроцентралата Св. Петка, беше наградена и изградбата на националната спортска арена „Филип Втори“ и компанијата „Синтек“ ДОО, за санација на Мелничкиот мост.
Во рамките на Симпозиумот, покрај презентацијата на научните трудови, во соработка со Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, Институтот за стандардизација на РМ и Министерството за Економија се одржаа тркалезни маси. ЕДната на темата „Еврокодови и национални анекси“, а другата беше посветена на новиот Закон за градежни производи, кој претставува транспонирање на Европската регулатива 305/2011, каде гости беа Јоже Кочар од Словенија и Соња Черепналковска, како член на работната група за подготовка на законот.