Рано наутро на 26 април 1986-та, експлодираше четвртиот реактор од нуклеарната централа „Чернобил“. Овој настан, како што соопштија подоцна Обединетите нации, ја предизвика „најголемата еколошка катастрофа во историјата на човештвото“. Иако за несреќа како оваа нуклеарната индустрија тврдеше дека нема никогаш повторно да се случи, 25 години подоцна несреќата во Фукушима потврди дека ризикот од нова нуклеарна катастрофа ќе постои се додека постои користењето на нуклеарната енергија. Радиоактивноста ослободена при нуклеарната катастрофа во Чернобил, потсетува дека катастрофата сè уште трае и после 30 години. Милиони луѓе сè уште се секојдневно изложени на последиците од несреќата. Во продолжение ви ги пренесуваме 15-те факти за оваа катастрофа објавени неодамна од страна на Greenpeace, кои можеби досега не Ви биле познати:
1. И после 30 години од катастрофата, речиси пет милиони луѓе сè уште живеат во области кои се контаминирани.
2. Нивото на радијација која е ослободена од Чернобил е скоро 200 пати повисоко од онаа на атомските бомби во Хирошима и Нагасаки заедно.
3. Населението од најблискиот град Припјат е евакуирано дури два дена по несреќата. Дотогаш многумина веќе се изложиле на екстремно високи нивоа на радијација.
4. Радиоактивниот дожд стигнал дури до Ирска. Украина, Белорусија и Русија беа најпогодените земји (тогаш дел од СССР), зафатени со радиоактивниот облак. Тие примиле 63% од контаминацијата на Чернобил.
5. Бидејќи Припјат поради евакуацијата станал целосно пуст град, диви коњи и други животни почнале да наоѓаат засолниште во напуштениот град. Оваа ситуација до денес е непроменета.
6. Животните кои живееле во зоната од 30 km околу Чернобил, имале повисока стапка на смртност, зголемени генетски мутации и намален наталитет.
7. Иако се очекувало трите други реактори на централата веднаш да бидат затворени, тие биле рестартирани и работеле уште цели 13 години.
8. Радиоактивниот материјал во реакторот сè уште е потенцијална бомба. Најновиот масивен бетонски саркофаг кој ќе биде навлечен над постоечкиот, ќе обезбеди заштита во наредните 100 години.
9. Блиската шума е наречена „црвена шума“, како последица од радијацијата што целосно ги има уништено дрвјата, оставајќи опустошени области со црвенкаста боја на изумрените борови.
10. Властите во Украина, Русија и Белорусија во наредниот период потрошија многу средства на нови нуклеарни проекти, додека недоволно средства се издвојуваат за справување со последиците од катастрофата.
11. Денес можете да резервирате тура во забранетата зона на Чернобил. Туристичките агенции организираат дневни тури во напуштениот град Припјат.
12. Припјат е високо контаминиран и ќе остане и понатаму напуштен град, бидејќи периодот на полураспаѓање на плутониумот е 24.000 години.
13. За тоа колку била силна радиоактивноста зборува и податокот дека на Владимир Правик, еден од пожарникарите што учествувале во интервенциите по инцидентот, и кој свесно го жртвувале својот живот, бојата на очите му се променила од кафеава во сина.
14. Шведска е првата земја која го информираше светот за несреќата. Тогашното Советско раководство се трудеше најпрво да ја скрие експлозијата.
15. И денес во контаминираните области Чернобил е дел од секојдневието на луѓето. Радиоактивноста е во храната што ја јадат, млекото и водата, во парковите и игралиштата за деца, како и во дрвата што ги користат за греење.