Насловна / Вести / 15 Најголеми еколошки проблеми за 2024 година

15 Најголеми еколошки проблеми за 2024 година

Во време кога климатската криза носи со себе бројни фактори кои глобално сериозно ја загрозуваат животната средина, сепак некои од нив бараат поголемо внимание. Во продолжение Ви претставуваме 15 најголеми еколошки проблеми со кои светот ќе се соочи во 2024 година, но и во текот на нашиот животен век. Дијапазонот е прилично широк – од дефорестацијата и фрлањето храна, па до брзата мода.

1. Глобално затоплување од фосилни горива

what-is-global-warming-ct36ke_web

Минатата 2023 година, беше рекордно најтоплата откако се мерат температурите. Забележан е глобален просечен пораст од 1,46 °C над прединдустриското ниво, како и пораст од 0,13 °C споредено со единаесетмесечниот просек од 2016 година, како дотогаш најтопла година. Во исто време нивото на емисии на CO2 никогаш не било толку високо. Откако овие емисиии констатно биле на ниво од околу 280 ppm, во текот на речиси 6.000 години цивилизација на човештвото, сега овие нивоа достигнуваат 420 ppm, односно повеќе од двојно повисока вредност во однос на нивоата од 19-ти век пред стартот на индустриската револуција. Според National Oceanic and Atmospheric Administration (NOAA), постојаното годишно зголемување на овие вредности е директен резултат од  активностите на човекот – главно согорувањето на фосилни горива, како и производството на цемент, дефорестацијата и земјоделството.  Зголемените емисии на гасови со ефект на стаклена градина, освен пораст на глобалните температури, предизвикуваат и низа екстремни временски настани низ светот – тропски бури, топлотни бранови, поплави, урагани и сл., чија фреквенција и интензитет се многу поизразени од порано.

2. Слабо управување и владеење

Smithsonian-Environmental-Justice-Fellowship-2023-2024-Envisioning-a-Shared-Sustainable-Future-e1693213673845

Според економистот Nicholas Stern, климатската криза е резултат на повеќекратни лоши одлуки во сферата на економијата и пазарите. Економистите и екологистите со години вршат притисок врз креаторите на политики, да ги зголемат цените на активностите кои генерираат емисии на стакленички гасови. Неуспехот тоа да се направи, резултира во сериозни проблеми да се стимулира развојот на нови технологии преку на пример јаглеродни такси и слични механизми. Со цел емисиите да се намалат брзо и ефективно, владите мора не само сериозно да го зголемат финансирањето на иновациите за нови – зелени технологии, туку мора да донесат сет од мерки со кои ќе ги решаваат сите потенцијални пазарни неуспеси.

Во моментот, 27 земји низ светот имаат имплементирано национални системи за данок на јаглеродните емисии, но OECD вели дека сегашната структура на овој данок главно не кореспондира со загадувачкиот профил на одреден енергент, појаснувајќи дека тој не е доволно ригорозен кон јагленот. Како пример на ефективна имплементација на овој данок се посочува Шведска. Во оваа земја, јаглеродниот данок кој изнесува 127 долари/tCO2 овозможил намалување на емисиите за 25 % споредено со 1995 година, но и раст на економијата за 75 % во однос на истиот период.

Но мора да се посочи и нееднаквоста во преземањето на одговорноста токму кај земјите кои се најголеми емитери на емисии на стакленички гасови, како на пример Кина и САД. Во исто време, последиците од климатските промени во вид на екстремни временски настани најчесто и најжестоко ги погодуваат најсиромашните земји со најслабо развиена индустрија, кои се минорни како емитери на стакленичи гасови. Токму во овој сегмент се чини дека Обединетите нации тешко се справуваат да воспостават некаква рамнотежа и еднаквост во распределбата на товарот.

3. Отпад од храна

73325395

Околу една третина од храната која се произведува глобално за исхрана на човекот, се фрла. Таа количина на фрлена храна е доволна за исхрана на 3 милијарди луѓе. Отпадот од храна е одговорен за околу една четвртина од годишната глобална емисија на стакленички гасови. Доколку стануваше збор за држава, тоа ќе беше третата во светот држава според емисиите, веднаш зад Кина и САД. Освен сериозниот извор на емисии на стакленички гасови, како и економската штета, оваа состојба ја доведува во ризик и идната сигурност во обезбедувањето нa храна, како една од најголемите еколошки закани.

4. Загуба на бидиверзитетот

Biodiversity-amended-slide-70

Изминатите 50 години сведоци сме на брз раст на потрошувачката, загадувањето, глобалната трговија и урбанизацијата, што резултира во значително поголемо користење на ресурсите на Земјата, отколку што може природата да надомести. Извештајот подготвен од WWF во 2020 година, укажува дека популацијата на цицачи, птици, риби и влекачи доживува пад од 68 % во периодот помеѓу 1970 и 2016 година. Притоа се посочува дека загубата на биодиверзитетот се должи на повеќе различни фактори, меѓу кои трансформацијата на традиционалните живеалишта во простори за други намени според потребите на човекот. Скорешните анализи покажуваат дека повеќе од 500 видови на животни се очекува да изчезнат во следните 20 години. За споредба, истиот број на видови е исчезнат во текот на целиот изминат век.

5. Загадување со пластика

nature-plastic-environment-pet-colorful-transparent-908532-pxhere.com_

Во 1950 година, во светот биле произведени над два милиони тони пластика. Веќе во 2015 година, оваа бројка достигнува 419 милиони тони, а проблемот со пластичниот отпад станува сè поизразен од година во година. Секоја година просечно се генерираат околу 300 милиони тони пластичен отпад, од кои околу 14 милиони тони завршуваат во океаните и претставуваат закана за живиот свет. National Geographic открива дека 91 % од целата пластика не се рециклира, што претставува еден од најголемите еколошки проблеми на нашето време, имајќи предвид дека се потребни околу 400 години за нејзиното распаѓање.

6. Дефорестација

220919174024-02-brazil-amazon-deforestation

Секој час, во светот се уништуваат шуми со површина на 300 фудбалски терени. До 2030 година, планетата може да има само 10 % под шуми, а доколку овој процес на дефорестација не запре, веќе до крајот на овој век можно е шуми воопшто да нема. Три земји доживуваат највисоки стапки на дефорестација – Бразил, Демократска Република Конго и Индонезија. Земјоделството е водечка причина за дефорестација. Теренот се расчистува со цел одгледување стока или за одгледување на посеви како шеќерна трска и сл.

7. Загадување на воздухот

00

Еден од најголемите еколошки проблеми на денешницата е загадувањето на воздухот. Податоците од Светската здравствена организација покажуваат дека 4,2 до 7 милиони луѓе годишно умираат како последица од загадувањето на воздухот. Главните загадувачи на воздухот се индустриските капацитети, моторните возила, како и емисиите од согорување на фосилни горива. Според една студија од 2023 година, загадувањето на воздухот во јужна Азија – едно од најзагадените подрачја во светот, го намалува животниот век за околу 5 години. Во студијата се посочуваат бројни фактори за оваа состојба вклучувајќи и недостаток на адекватна инфраструктура и финансирање за соочување со високите нивоа на емисии во одредени земји.

8. Топење на ледот и пораст на нивото на морињата

topenje_led

Климатската криза го загрева Арктикот повеќе од двојно побрзо отколку кои било други подрачја на планетата. Денес, нивото на морињата расте повеќе од двојно побрзо отколку што тоа било случај во најголем дел од 20-тиот век, како резултат на порастот на глобалните температури.

Порастот на нивото на морињата ќе има катастрофално влијание врз крајбрежните региони. Само во овој век се прогнозира потопување на крајбрежни региони кои се дом за околу 400 милиони луѓе, принудувајќи ги да мигрираат во побезбедни подрачја кои пак од друга страна ќе станат пренаселени. Бангкок (Тајланд), Манила (Филипини) и Дубаи (Обединети Арапски Емирати) се меѓу градовите со најголем ризик од порастот на нивото на морињата и поплави.

9. Ацидификација на океаните

acidifikacija

Порастот на глобалните температури влијае и врз уште еден феномен – ацидификацијата на океаните. Нашите океани апсорбираат околу 30 % од јаглеродниот диоксид кој е ослободен во атмосферата. Колку е поголема концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата, толку е поголема и количината која ја апсорбираат океаните. И најмалата промена во pH-вредноста, може да има сериозно влијание врз киселоста на океанот. Овој процес има катастрофално влијание врз екосистемите и видовите, нивните синџири на исхрана и сл. Една од најсериозните последици од ацидификацијата на океаните е избелувањето и уништувањето на коралните гребени. Од друга страна, некои студии укажуваат и на поврзаност помеѓу ацидификацијата на океаните и загадувањето со пластика, што го прави овој проблем уште покомплексен.

10. Земјоделство

zemjodelstvo

Студиите покажуваат дека глобалниот систем за храна е одговорен за околу една третина од сите емисии на стакленички гасови предизвикани од човекот, од кои високи 30 % отпаѓаат на секторот сточарство (емисии на метан) и рибарство. Што се однесува до полјоделството, значителен дел од емисиите се должи на употребата на вештачки ѓубрива. Земјоделството не само што зафаќа огромни површини на земјиште, туку бара и големи количини на вода. Научниците веќе подолго време предупредуваат дека мора да се редефинира системот на обезбедување храна, односно префрлање кон позастапена исхрана од растително потекло, што ќе придонесе за намалување на јаглеродниот отпечаток на земјоделството како целина.

11. Несигурност во обезбедувањето на храна и вода

nesigurnost_voda

Побарувачката на храна и вода постојано расте, но истовремено подрачјата кои обезбедуваат храна и вода постојано се предмет на контаминација како резултат на човековите активности. Со глобална популација која до средината на овој век се очекува да достигне 9 милијарди, ФАО прогнозира дека потребата од храна ќе порасне за 70 % до 2050 година. Во исто време, низ светот над 800 милиони луѓе немаат доволно храна. Што се однесува до недостатокот од вода, само 3 % од светските водни ресурси отпаѓаат на свежа вода, а 2/3 од таа вода е заробена во глечерите или на други начини недостапна за употреба. Како резултат на тоа, околу 1,1 милијарди луѓе во светот се соочуваат со недостиг на вода за пиење. Веќе во оваа деценија, се очекува околу 2/3 од светската популација да има проблеми со обезбедувањето на вода.

12. Брза мода и текстилен отпад

moda

Глобалната побарувачка за облека и драматичната промена на модните трендови, во последно време имаат таков интензитет што модната индустрија учествува со дури 10 % во глобалната емисија на стакленички гасови. Исто така, генерира околу 20 % од вкупната отпадна вода. Уште попоразителен е фактот дека огромен дел од произведената облека останува непродадена и истата се уништува или завршува на депонии. Просечно годишно се генерира околу 92 милиони тони текстилен отпад, а трендот незапирливо расте. Огромни депонии на ваков текстилен отпад постојат во помалку развиените земји. Еден таков пример е депонијата во Атакама во Чиле, каде се депонира огромна количина текстилен отпад од други земји.

13. Прекумерен риболов

infographic-overfishing_v8

Од околу 18,9 милиони риболовци во светот, дури 90 % се риболовци поединци со мали бродови и скромна опрема за риболов. Сепак, во последните години прекумерното рибарење е сериозен еколошки предизвик. Денес повеќето луѓе консумираат двојно повеќе храна отколку во 50-тите години на минатиот век, а факт е и дека има многу побројно население отколку во споменатиот период. Ова е причината поради која 30 % од водите за комерцијален риболов се означени како области со прекумерен риболов. Ова значи дека расположливиот рибен фонд се исцрпува побрзо отколку што тој природно може да се обнови. Како дел од целите за одржлив развој на ОН, одржувањето на рибниот фонд во рамките на биолошки одржливо ниво, бара многу построги правила за заштита споредено со постоечките.

14. Рударење на кобалт

kobalt

Кобалтот станува синоним за големата побарувачка на минерали придвижена од енергетската транзиција кон обновливи извори на енергија. Како клучна компонента на материјалите од кои се изработуваат батериите за електрични возила, кобалтот се соочува со огромна побарувачка со цел забрзување на декарбонизацијата. Најголемиот глобален производител на кобалт е Демократска Република Конго. Рударењето на кобалт е поврзано со опасна експлоатација на работниците, а загрозени се и многу други социјални аспекти. Огромни се и последиците по животната средина.

15.  Деградација на почвата

Blog-Soil-Degradation-1200x565

Органските материи се круцијална компонента на почвата, бидејќи дозволуваат апсорпција на јаглеродот од атмосферата. Здрава почва содржи од 3 до 6 % органска материја. Но, речиси насекаде низ светот, овој удел е многу понизок.

Според Обединетите нации, околу 40 % од почвата на планетата е деградирана. Деградацијата на почвата подразбира загуба на органската материја, промени во структурата и плодноста, што често е резултат на човековите активности – користење на токсични хемикалии и полутанти. Доколку ваквата пракса продолжи и понатаму, експертите прогнозираат дополнителна деградација на површина со големина на Јужна Америка до средината на векот.  Со тоа сериозно ќе се компромитира обезбедувањето  храна, поточно се предвидува дека за 20 % не само што нема да биде возможно да се произведува истото количество на храна како денес, туку тоа ќе биде најмалку 40 % редуцирано.

Се разбира постојат и многу други аспекти кои ја загрозуваат животната средина. Како што може да се забележи од претходно изложеното, многу фактори се меѓусебно тесно поврзани и испреплетени. Токму затоа, потребен е сеопфатен и системски пристап во решавањето на овие проблеми во кои подеднакво посветено и искрено ќе влезат и развиениот свет и сиромашните земји, и активистите за заштита за животна средина и големите корпорации. Сè друго би било само празна реторика.

Испрати коментар

Scroll To Top