Петнаесет милиони денари од буџетот на општина Битола за 2018 година се планирани за отпочнување на проектот за гасификација на Битола, пренесе Канал5.
Ова е една од најголемите ставки предвидени во општинскиот буџет со цел да се придонесе за решавање на горливиот проблем со аерозагадувањето.
И новата година Битола ја започна со високи концентрации на загаденост на воздухот,, а гасификацијата треба да биде долгорочно решение за овој проблем.
Советниците не се согласија околу краткорочните мерки во однос на аерозагадувањето. Дополнителен проблем е што во општина Битола има само еден инспектор за животна средина.
Општина Битола годинава има на располагање буџет од една милијарда и седумстотини четириесет и пет милиони денари, односно над 28 милиони евра. Од нив, основниот буџет, односно буџетот во кој не влегуваат средствата што во општинската каса се слеваат како дотации од Владата на Република Македонија, изнесува 700 милиони денари, односно скоро 11,5 милиони евра.