На Скопски саем, од 28 февруари (вторник) до 4 март (сабота), ќе се одржи 14. Меѓународен саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација – САЕМ НА ГРАДЕЖНИШТВО 2017. Исто така, во рамките на Саемот на градежништво, во Метрополис Арената и оваа година ќе се одржи 7. Саем за недвижности и инвестиции – RealExpo.
Овој меѓународен сaeм претставува значајна специјализирана манифестација која подразбира сестрана промоција на оваа стопанска гранка на производителите од Македонија и од странство.
Овој саем претставува специјализиран бизнис настан од градежната и архитектонската гранка во Република Македонија и регионот. Програмот на изложување ги опфаќа сите гранки, почнувајќи од планирање, проектирање до финална изградба.
Основната цел е да ги собере сите релевантни фактори на едно место, кои ќе ги презентираат сегашните и идните проекти, како и да воспостават нови бизнис контакти помеѓу претставниците на градежниот сектор, широката публика и јавните институции.
На саемот ќе се нудат и продаваат производи и услуги за работа, одржување, модернизирање, реновирање и опремување објекти. Најголема заинтересираност од граѓаните се очекува од Саемот за недвижности и инвестиции – RealExpo, каде посетителите најчесто се задржуваат на понудата на станови и куќи во Република Македонија.
За време на саемот, експерти од областа на енергетската ефикасност ќе ги презентираат мерките и придобивките од воведување на системи и методи за енергетска заштеда. Енергетската ефикасност полека станува значаен дел од градежната индустрија, и заинтересираните граѓани за време на саемот ќе ја имаат можноста да се запознаат со најдобрите начини за заштеда на енергија во објектите.