Насловна / Вести / 13. Советување за водостопанство и хидротехника

13. Советување за водостопанство и хидротехника

Во периодот од 1994 до 2003 година беа успешно организирани девет советувања за водостопанството во Р. Македонија, со што беше создадена една благородна традиција, која, за жал, во следниот десетгодишен период беше запоставена. Со цел да се обнови оваа традиција, во 2014 година беше одржано 10. советување за водостопанство и  хидротехника (ВСХТ), организирано од ЗМКГБ. Одржувањето на традицијата продолжи со две советувања за ВСХТ, 11. во 2016 и 12. во 2019 година. Значајноста на советувањата за ВСХТ произлегува од фактот дека тие обезбедуваат на едно место да се состане водостопанската и хидротехничката фела и во сериозни презентации и дискусии на сесиите, но и во неформална порелаксирана атмосфера, да ги идентификува и разреши проблемите од административен и технички карактер.

lj8

Стручна посета на брана хидројазелот Отиња, Штип, во фаза на градба, 2023-10-07 (чеп на глинен екран на узводен загат)

Потребата од одржување на 13-то Советување за ВСХТ е заради исполнување на следните цели, кои во моментов го привлекуваат вниманието на сите инволвирани во овие области. Најголемиот дел од водостопанската инфраструктура во РС Македонија е од постар датум и се наметнува проблемот за подобрување на сигурноста и функционалноста на старите брани. Подобрувањето се однесува во иновирањето на техничката документација и навремена санација на оштетените хидротехнички објекти. Водостопанството е една од стопанските гранки, есенцијални за развојот и напредокот на државата, која, за жал, неуспешно беше трансформирана во долгиот транзициски период, започнат од 1990 година. Во моментот повторно се актуализира преструктуирањето на водостопанските претпријатија, обединети во АД ВС на РСМ, Предуслов за успешно реформирање на водостопанството е да се согледаат сите позитивни и негативни страни од досегашното администрирање со водите и да се идентификуваат можностите за подобрување на организационата поставеност на водостопанството. Хидроенергетиката е една од најзначајните гранки во областа на користењето на водите. Во последната деценија има драматични промени во инсталираната моќност на централите за производство на електрична енергија од обновливи и еколошки чисти извори на енергија. На глобално ниво во 2021 година, инсталираноста на соларните централи изнесуваше 942 GW, а на хидроцентралите (заедно со пумпно акумулационите) беше 1,330 GW. Инсталираната моќност на соларните централи (фотоволтаиците) се зголемува со геометриска прогресија. На годишно ниво се очекува пораст на инсталираната моќност на хидроцентралите за околу 30 GW, додека за соларните централи во 2022 се инсталирани 268 GW, а за 2023 се предвидува дека ќе  бидат додадени 315 GW. Не е тешко предвидливо дека во 2023 година инсталираната моќност на соларните централи, кои станаа позначајни само во последната деценија, ќе ја надмине инсталираната моќност на хидроцентралите, кои се градат повеќе од стотина години. Овој глобален тренд најверојатно ќе се преслика и во енергетскиот сектор во Македонија. Притоа треба да се имаат предвид локалните особености. Имено, во РС Македонија е изграден само 30% од хидроенергетскиот технички искористливиот потенцијал (ТИП), кој со најновите поскапувања на електричната енергија, практично е преминат во категоријата на економски искористив потенцијал. Доколку на глобално ниво, за регуларно оперирање со мешовит електро-енергетски систем, односот соларни/хидро според годишниот прираст е околу 10, што варира од 20 до 5, зависно од степенот на изграденост на ТИП, од 90% до 20%, тогаш во РС Македонија тој однос не би требало да биде поголем од 5. Во оваа етапа од развојот на енергетиката во РС Македонија, не треба соларните централи да се третираат како конкуренција на хидроцентралите. Напротив, инсталирањето на соларните централи е поттик за градба на нови хидроцентрали. Треба да се истакне дека во оваа фаза инвестирањето во мали и проточни хидроцентрали е целосно неприфатливо, зашто покрај што беа неоправдани од еколошки, социолошки и економски аспект, сега станаа и енергетски нелогични. Во овој момент се неопходни големи акумулациони хидроцентрали и, пред се, реверзибилни хидроцентрали, за покривање на дневната нерамномерност и непредвидливост на соларните централи. Имајќи предвид дека водните акумулации со голем корисен волумен се единствените активни мерки за ублажување на негативните влијанија од климатските промени, логично е дека развојот на хидроенергетиката во идниот период треба да биде со двократно користење на повеќенаменските акумулации, со навремено инволвирање на приоритетните водокорисници (водоснабдување и наводнување), еколошки гарантираното протекување и одбраната од поплави.

lj5

Работна сесија на советувањето, сала на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на РС Македонија, Скопје, 2023-10-06 

Здружението МКГБ е стручна, невладина и непрофитабилна инженерска организација и е член на Меѓународната комисија за големи брани (ICOLD) во континуитет од 1950 година. Процената дека Здружението ќе биде успешен организатор на ова советување беше поткрепена со фактот дека во минатиот период ЗМКГБ се докажа со реализацијата на поголем број научни собири: Советување на тема: Проектирање и изградба на браната Козјак (1999); Прв конгрес за брани (2004); Советување на тема: Браната Козјак – искуство од изградбата, првото полнење и почетната експлоатација (2005); Втор конгрес за брани (2008); International Workshop “Advanced methods and materials for dam construction”, with lecturers from Greece, Switzerland and R. Macedonia (2009); International Symposium “Dams – recent experiences on research, design, construction and service”, organized by MACOLD and SLOCOLD (2011); Конференција на тема: Хидројаловиштата во Р. Македонија (2012); Трет конгрес за брани (2013); 10. советување за ВСХТ (2014), Конференција на тема: Состојбата со водостопанската инфраструктура (2015), 11. Советување за ВСХТ (2016), Четврт конгрес за брани (2017), Трибина на тема: 80 години на инженерството за брани во Р. Македонија (2018), 12. Советување за ВСХТ (2019), Second International Symposium “Water reservoirs – an Active Measure in Adapting to Climate Change”, organized by MACOLD and SLOCOLD (2020), 5-ти Конгрес за брани (2021) и Втора конференција за хидројаловишта (2022).

lj6

Стручна посета на брана хидројазелот Отиња, Штип, во фаза на градба, 2023-10-07 (опточна галерија и темелна плоча за инјекциона завеса во левиот бок на долината)

За 13. советување за ВСХТ пристигнаа поголем број реферати, а Редакцискиот одбор прифати 12 да бидат отпечатени во Зборникот посветен на советувањето. Рефератите беа на македонски јазик (8) и на англиски јазик (4), а беа подготвени од експерти од Македонија, Словенија, Србија и Хрватска. Распоредот на рефератите во зборникот беше приспособен на широкиот спектар на проблеми што се третирани во трудовите, систематизирани во тематски поглавја: 1. Сегашна состојба во користењето на водите (водоснабдување, наводнување, хидроенергетика) и одбрана од поплави, 2. Администрирање со водите и можности за подобрување на организационата поставеност на водостопанството, 3. Подобрување на сигурноста и функционалноста на старите брани, 4. Повеќенаменски акумулации – активна мерка за ублажување на влијанието од климатските промени, и 5. Предизвици за браните и акумулациите предизвикани од изградба на соларни и ветерни централи.

lj

 Свечено отворање на Советувањето, конференциска сала на КОАИ, 2023-10-06, Поздравен збор на проф. Љупчо Петковски, Претседател на ЗМКГБ и Претседател на организациониот одбор на Советувањето

На 6. октомври, на Свеченото отворање на советување, поздравен збор беше даден од проф. Љупчо Петковски, Претседател на ЗМКГБ и претседател на Организациониот одбор на Советувањето. На учесниците на Советувањето им се обратија Претседателката на Инженерската институција на Македонија, проф. Христина Спасевска, Поранешниот претседател на Друштвото за геотехника на Македонија, проф. Милорад Јовановски и Почесниот претседател на ЗМКГБ, проф. Љубомир Танчев.

kj4

Обраќање до учесниците на Почесниот претседател на ЗМКГБ, проф. Љубомир Танчев

На 13. Советување за водостопанство и хидротехника, на која присуствуваа околу 80 учесници, во две работни сесии, имаше успешни презентации и интересни дискусии по 12 реферати, кои беа образложени со говорни презентации. Сето тоа овозможи размена на искуство и знаење – особено значајно за помладите кадри од водостопанската и хидротехничката фела, што претставува основна мисија на ваквите настани.

lj2

Обраќање до учесниците на Претседателката на Инженерската институција на Македонија, проф. Христина Спасевска

Покрај теорискиот дел на Советувањето, беше успешно спроведен и практичниот дел на 7. октомври, со стручна посета на хидројазелот Отиња, Штип, во фаза на градба. Од страна на стручниоте тимови на Изведувачот (Стентон, Битола) и Надзоророт (ГИМ, Скопје), беа презентирани основните податоци на хидројазелот, проблеми при градењето и детали од адаптирање на објектите на реалниите теренски услови.

lj3

Обраќање до учесниците на Поранешниот претседател на Друштвото за геотехника на Македонија, проф. Милорад Јовановски

На крајот, ја ползуваме оваа можност да се заблагодариме на авторите на рефератите, на членовите на организациониот одбор и на редакцискиот одбор за пожртвуваната работа, на презентерите и на активните учесници на Советувањето (кои добија сертификати со 4 CPD поени) и секако на спонзорите на манифестациите организирани од ЗМКГБ во 2022/23 година, без чие разбирање и финансиска поддршка, одржувањето на ова Советување, со масовно учество на претставници од водостопанските и градежните претпријатија, практично би било неизводливо.

Автор: Проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет во Скопје

lj7

Стручна посета на брана хидројазелот Отиња, Штип, во фаза на градба, 2023-10-07 (теренски увид со презентација од Одговорен Изведувач Ангела Шишкин, Стентон, Битола)

lj9

Стручна посета на брана хидројазелот Отиња, Штип, во фаза на градба, 2023-10-07 (теренска лабораторија за контролни геомеханички испитувања)

lj11

Стручна посета на брана хидројазелот Отиња, Штип, во фаза на градба, 2023-10-07 (презентација од Одговорен Надзор Силјан Михајловски, ГИМ, Скопје)

Испрати коментар

Scroll To Top