Во тек се градежните зафати за реконструкција на Домот на млади во Штип. Активностите моментално се врзани за внатрешниот и надворешниот (фасаден) дел, а се очекува на крајот да биде обновен и дел од кровната конструкција. Во внатрешниот дел, заменети се прозорците, најголемата просторија која служеше за концертни настапи и различни перформанси веќе е со нови ѕидови, а се работи и на обнова на одводната мрежа и реконструкција на тоалетите.
Според градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, до сега за обнова на Дом на млади се потрошени околу 120.000 евра, и во рамките на предвидената сума ќе бидат завршени сите градежни зафати.
Претходно Домот на млади доби асфалтиран влез и паркинг простор до објектот. Ова е прва поголема инвестиција во Домот на млади, со кој ќе се овозможи заживување и негово адаптирање за младински активности, со оглед на децениското пропаѓање и неодржување.