Во периодот од 3 до 7 јуни 2024 година, во Нагоја, Јапонија се одржа 12th East Asian Area Dam Conference (ЕААDC), односно Конференција за брани на Источно-азиската област на ICOLD, која во моментот е најактивна, како во реалното Инженерство за брани, така и во научниот придонес во Меѓународната комисија за големи брани (ICOLD). EAADC беше формирана во 2004 од три комитети за големи брани, Јапонскиот ЈCOLD, Кинескиот ChinCOLD и Koрејскиот KnCOLD. За одбележување е фактот дека во азиско-пацифичките земји се направени речиси половина од браните во Светот. Во услови на променливи климатски услови, во овој регион силно се зајакнува хидротехничката инфраструктура и управувањето со водните ресурси преку зголемување на функционалноста на постоечките брани (надградба или подобрување на браните со придружните објекти), како и градба на нови брани.
Сл. 01 Замок Нагоја, изграден од Иејасу Токугава од 1. Шогун (Ieyasu Tokugawa of 1st Shogun) во 1615 година
Конференциските активности се одржаа во Конгресниот центар Нагоја (Nagoya Convention Hall) во состав на Nagoya Prince Sky Tower, во центарот на Нагоја, третиот по големина град во Јапонија, после Токио и Осака. Nagoya e културен, политички и административен центар на областа Chu-kyo, која се нарекува „Индустриски центар на Јапонија“, спој на традиција слика 01, со современа архитектура слика 02.
Сл. 02. Нагоја, центар
Chu значи „во средина“, а се мисли на средината меѓу две kyo „претстолнини“, старата Кyo-tо (Кјото) и новата То-kyo (Токио), град на 22 век, слика 03. Генерална перцепција е дека Источна Азија, пред сѐ Јапонија и Јужна Кореја, но и делови од авторитативната Кина, во моментот има побрз напредок од Западната цивилизација (Европа и САД), како во Инженерството за брани, така и во севкупниот развиток. Претпоставувам дека ваков динамичен развој би имал и Западот доколку продолжел по насоката од средината на минатитот век. Период кога доминатно влијание во градбата на капиталните инфраструктурни објекти имала инженерската фела. Сегашниот период со бескрајните бирократски опструкции, популизмот и погрешно разбраниот либерализам со наметнати елиминаторни еколошки и социолошки критериуми од квази-експерти, услови заостанување на Западот споредено со Источна Азија. За жал, во Западен Балкан, потонат во корупција и непотизам, заостанувањето на Западната цивилизација се пресликува во огромна стагнација во развојот на инфраструктурата, со масовно иселување на интелигентниот подмладок на реалното инженерство.
Сл. 03. Токио, центар, Гинза
Основната тема на конференцијата беше „Одржлив развој и управување со брани и акумулации за идните генерации“, која ја одразува важноста на одржливите проекти за вода за иднината на цивилизацијата. Подтемите на конференцијата беа следниве: (1) Управување со акумулации и нанос во ерата на климатските промени (2) Проценка на сигурноста на браните и техничко набљудување, (3) Нови технологии и дигитална трансформација на градбата и одржувањето за браните, (4) Животна средина и биодиверзитет на водните акумулации, и (5) Промовирање на обновливата енергија со браните. На свеченото отворање на конференцијата поздравни говори одржаа Michel Lino, President of ICOLD, Tetsuya Sumi, Vice President and Chairman of Asia Pacific Group of ICOLD, Hideki Hirai, President of JCOLD, Anton Schleiss, Former President of ICOLD и високи политички претставници на Јапонија.
Сл. 1. Говорна презентација на реферат со тема за статичка ликвифалција кај јаловишна брана
На конференцијата беа презентирани избран број на реферати, селектирани од големиот број реферати публикувани во Зборникот, кои беа рецензирани од научен одбор составен од најеминентните научници во областа на браните во Источна Азија, САД и Европа. На конференцијата, покрај од Јапонија, Кина и Јужна Кореја, имаше и учесници од други 16 држави, а најбројни беа од Филипини. Австралија и Нов Зеланд. Со говорна презентација беше презентиран рефератот Stability analysis and required geometrical modification of tailings dam heightening subject to static liquefaction, од авторите Љ. Петковски, С. Митовски и Ф. Пановска (слика 1), членови на ЗМКГБ, на пленарната сесија за сигурност на браните (слика 2).
Сл. 2. Презентери на пленарна сесија на тема за стабилност на брани
Покрај теорискиот дел од конференцијата, квалитетно беше спроведен и практичниот дел – со организирана стручна посета на два хидројазли Кошибу и Шин Марујама. Браната Кошибу (Koshibu) е лачно гравитациона брана (слика 3), со тунел за испирање на нанос, Sediment Вypass Тunnel (ЅВТ), слика 4. Браната била изградена во 1969 и се користела за повеќе намени: одбрана од поплави, наводнување, екологија и енергетика. Сливот е со исклучително висока продукција на нанос, а брзото заполнување на акумулацијата со нанос, што ги надмина очекувањата, предизвика смалување на функционалната сигурност на хидросистемот (или степенот на задоволување на потребите на водокорисниците). Како радикална мерка против таложењето на нанос (чакал, песок, кал), во 2016 година беше изграден тунел за пренасочување на наносот низводно од браната. Тунелот е со потковичест облик, со габаритна височина од 8 м и должина 4 км.
Сл. 3. Низводна страна на гравитациона брана Брана Кошибу (Koshibu)
Сл. 4. Излезна градба на тунел за пренасочување на нанос од акумулацијата Кошибу
Старата брана Марујама (Maruyama), за која моментно е во тек реконструкција на телото на браната (слика 5), е бетонска гравитациска брана завршена во 1956 година, со височина од 98.2 m. Намените на хидросистемот се одбрана од поплави и производство на електрична енергија. Новата брана Шин Марујама (Shin Maruyama) е со височина 118.4 м и е еден од најголемите проекти за надградба на брани во Јапонија. Оската на новата брана е поместена за 47.5 m низводно од оската на старата брана (слика 6), така што новата конструкција ќе се потпира на низводната страна на постојното тело на старата брана. Корисниот простор на акумулацијата ќе биде зголемен од 38.4 М-м3 на 90.2 М-м3, со што значително ќе се подобри функционалноста на хидросистемот.
Сл. 5. Реконструкција на хидросистемот Марујама (Maruyama)
На крај би истакнал дека учеството на меѓународни конференции, посебно во Јапонија – една од најнапредните држави во Светот во областа на „Инженерството за брани“, е од непроценливо значење за хидротехничарите во Македонија, независно од тоа дали се бават со теориска или практична дејност. Ја ползувам оваа можност да се заблагодарам на компаниите и институциите, традиционалните поддржувачи на манифестациите и активностите на членовите на ЗМКГБ, без чија финансиската поддршка, учеството на конференцијата во Јапонија во 2024 година ќе беше тешко изводливо.
Автор: Проф. д-р Љупчо ПЕТКОВСКИ, Градежен факултет, Скопје, Претседател на ЗМКГБ
Сл. 6. Карактеристичен напречен пресек на браните на хидројазелот Марујама