Семос Академијата за графички и веб дизајн 12-та година по ред одржува едногодишни стручни програми за графички и веб дизајнери, професии на 21-от век кои комбинираат креативност и технологија.
Како водечка едукативна институција во ова поле, Семос Академијата во своето постоење се позиционираше како лидер во својата област која досега има едуцирано повеќе од 280 дизајнери, од кои 70% се вработени по струката. Континуирано се грижи за квалитетот на услугата нудејќи кариерно-ориентирани стручни програми кои ги подготвуваат студентите за стекнување на знаење, вештини и компетенции потребни за градење и подобрување на сопствената кариера.
Основна цел на Академијата е едукација на студенти и создавање кадри – Графички и Веб дизајнери кои лесно ќе се прилагодат на пазарот на трудот во графичката и интернет индустрија, како и мултимедијата. Во таа насока преку Кариерниот центар веќе пет години по ред се негува соработката со повеќе од 65 компании партнери, каде студентите се вмрежуваат со бизнис заедницата почитувајќи ги побарувањата и потребите на пазарот на труд.
На едногодишните стручни програми студентите ќе научат како да ја поттикнат својата креативност преку секојдневна работа на визуелното изразување и концептуално решавање на графичките и веб предизвици.
„Како тренинг центар за неформално образование, изградивме бренд на пазарот и го подигнавме стандардот на едукација во полето на графичкиот и веб дизајн. Успешната соработка со бизнис заедницата и уникатниот модел на настава, резултира со квалитет на излезните резултати и стекнување со соодветни компетенции на нашите студенти. И оваа година продолжуваме да ги пресретнуваме потребите на студентите и нивниот потенцијал преку квалитетна едукација да го издигнеме на највисоко ниво и да го насочиме на вистинско место.“ – изјави м-р Ангелина Канчевска, раководител на Академијата за графички и веб дизајн.
Семос Академијата четири години по ред доделува и стипендии во вкупен износ од 24.000 ЕУР. На годинешниов конкурс за стипендија на тема „Звукот на градот“ аплицираа 25 кандидати, а најдобрите се стекнаа со целосни или делумни стипендии за школување.
Студентите од Академијата имаат учествувано на повеќе натпревари и меѓународни конкурси за графички дизајн каде имаат освоено: прва и втора награда на меѓународни студентски конкурси, четири први и една почесна награда за дизајн во Македонија.
Академијата 9та година по ред дава свој придонес во општествено одговорните практики, обезбедувајќи проекти за студентите наменети за реални клиенти на кои најмногу им е потребна услуга од областа на графичкиот и веб дизајн. Досега имаат реализирано 22 проекти, а годинешните проекти се наменети за потребите на 3 институции: ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести, ЈЗУ Геронтолошки Завод „13 Ноември“ и Федерација за планинарски спортови на Македонија, што резултираше со оригинални решенија изразени во различни графички форми на маркетинг и рекламирање.