Насловна / Архитектура / 12 денари по квадрат за проект за болница и не било така лошо

12 денари по квадрат за проект за болница и не било така лошо

Во Музејот на современата уметност во Скопје вчера беше отворена изложбата на архитектонските трудови на Конкурсот за Идеен проект новата Градска болница и се одржа и јавна дебата за потребата од дисперзија на градските болници на повеќе точки на територијата на Скопје.
Панелисти на дебатата на која најголем број од присутните беа лекари, а мал број архитекти беа министерот за здравство Венко Филипче, директорот на ЈЗУ Универзитетска Клиника по Хируршки Болести „Св.Наум Охридски-Скопје“ Д-р Иван Спировски и Иван Арсовски, планер – урбанист од Агенцијата за планирање на просторот и член на УО на Асоцијација на архитекти на Македонија – ААМ. Министерот Филипче сумирајќи ја општата лоша состојба со објектите од здравството изјави дека Скопје има потреба од повеќе градски болници, кои ќе имаат болнички и логистички капацитети да прифатат доволен број пациенти со различна дијагноза, од различен карактер и многу често со потреба од итна реакција.

4
Д-р Иван Спировски исто така говореше од неопходноста за нов објект од кој ќе имаат бенефит и вработените и пациентите. Ги изложи состојбите во сегашната зграда и лошите услови за работа во болница во која се прават 4000 операции годишно. Бројот на вработени е 360, а се предвидуваат 444. Во моментов болницата има 129 кревети на 9 оддели и пет операциони сали. Тој вели дека во овие услови болницата нема да може да се акредитира во иднина. Изјави дека е неопходно да се прават дисперзирани болници на повеќе локации, кои ќе содржат Ургентен центар со целосен прием на пациенти, повеќе операциони сали, комплетна дијагностика, амбулантски дел и дневна болница.
Архитект Иван Арсовски истакна дека Агенцијата за планирање на просторот е носител на изработка на ГУП-от за Скопје. Дека локацијата за новата болница е планирана и со ГУП и со ДУП за градска четврт И10. Според него локацијата ги исполнува условите и од сообраќаен аспект, има можност за пристап и преку булеварите „Јане Сандански“ и „АСНОМ“ кој е предвидено со мост да ја поврзе населбата со дугата страна на реката Вардар.
Сите се согласни дека е неопходно да се прават нови здравстевени објекти. Но, начелно остана нејасно дали се работи за друга “градска” болница, за ширење на мрежата на секундарното здравство или се преселува универзитетска клиника која припаѓа на терцијарно здравство во нов објект.

3
Архитект Владимир Пота ја истакна важноста за квалитетни и прецизни анализи на локацијата и проектната програма се со единствена цел, да добиеме вистински и квалитетен објект. Тој смета дека изложените решенија трреба да претставува пилот проект за дефинирање на конечна квалитетна проектна програма, која ќе го опфаќа функционалниот дел на објектот, технолошката опрема и строго дефинирање на надворешниот сообраќај: ургентен, сообраќај за посетители и вработени. Тој смета дека овие решенија се добра подлога за конечна проектна програма со што ќе се отвори постапка за изработка на нов Идеен проект преку нов конкурс. Презентираните решенија не можат да претставуваат Идејни проекти изјави архитект Пота.
Проф. Драгослав Младеновиќ, од одделот за абдоменална хирургија во „Св.Наум Охридски“, праша: „Во овие услови во кои работиме мора нешто да се направи. Што планирате да правите додека да се изгради новата болница? Беше почната реконструкција, но запре и останавме да работиме во никакви услови. Секаде во светот се дисперзираат болници и добро е тоа и овде да се направи, но што дотогаш?“
Министерот за здравство Венко Филипче одговори дека реконструкцијата на болницата која беше почната ја затекнале од претходната власт и дека за да продолжи требаше да се исели целата болница, што и самите лекари не го прифатиле. Тој кажа дека Министерството е подготвено да разговара со лекарите за да се најде решение како и до каде да оди реконструкцијата на болницата, а при тоа да не престанат со работа.

болница
Јас морав да го прашам архитект Арсовски, бидејќи е планер да образложи зошто мисли дека е локацијата соодветна за болница кога е предвидена на место кое предходно со урбанистичко решение направено пред икс години, каде сообраќајната инфраструктура и пристап за возила е планиран за станбени згради и објект Мајчин дом, кој никогаш не значел болница (социјална грижа за самохрани мајки). Сметам дека пристапот со возила ќе создва сообраќајни проблеми. Пристапот од булеварот „Јане Сандански“ е преку паркинг за зградите исто така и од улицата „Васко Каранѓелевски“ (наречена булевар). И згора на се во непосредна близина е спортскиот центар кој не исполнува стандарди за паркирање и создава огромна гужва за време на натпревари, а веднаш до локацијата за болница соседната е планирана за голем станбен блок П+8+Пк кој има пристап преку паркинг, истиот оној за болницата. „Мајчин дом“ кој сега функционира како ортопедска клиника веќе создава сообраќаен метеж. Арсовски смета дека локацијата е добра и дека дава можност за поврзување и со останатите делови од градот. Тој вели дека според законот и правилниците за урбанистичко планирање луѓето кои работата на ниво на таа локална единица треба да ги применуаат стандардите за урбанистичко планирање. Но не беше тоа прашањето, прашањето беше за пристап на возила до локација. А аргумментите ГУП и ДУП и Правилници паѓаат во вода бидејќи познато е дека се веќе и државен проблем. А ДУП-от вели паркирање во рамки на сопствена парцела.
Арсовски и како член на УО на ААМ не одговори на прашањето, зошто одговорот од Министерството за здравство на дописот кој ААМ го упати по повод конкурсот за продолжување на рокот и зголемување на наградниот фонд никогаш не беше проследен до членовите.
Потоа некои од докторите реагираа дека работат во ужасни услови и зошто сум против нова болница. На што се извинив ако сум погрешно разбрани, дека никој не е против нова болница. Сите сме свесни колку се лоши условита и за тие што работа и за пациентите и токму поради тоа треба многу мудро и внимателно да се избира и локација и проект за да нема импровизации, бидејќи вакви капитални објекти се прават еднаш во 50 години. Јас навистина сметам дека се докторите херои, особено во условите во кои работат и притисоците кои ги трпат. А бидејќи сите ние сме пациенти, болници секогаш се добродојдени.

1
Д-р Спировски реагираше на коментарот за сообраќаен метеж, велејќи дека болниците не создаваат хаос во сообраќајот, особено овој вид болница кој немал, како што рече, толку голема фреквенција како Клинички центар на пример. Но докторот е сепак лекар и во планирање не може и не треба да се разбира. Повторно остана нејасно дали „градската“ болница ќе припаѓа на секундарно или терцијално здравство. Во принцип секундарното здравство или нашите т.н. “градски” болници се тие кои треба да го носат најголемиот наплив на пациенти и растеретување на терцијарното здравство,(сите знаеме дека Клинички центар се потешко го издржува напивот од пациенти) нелогично е размислувањето дека во новата болница „нема да има гужва”.
И архитект Невена Георгиевска забележа дека локацијата е несоодветна и вака предложеното решение е проблем од аспект на паркирањето, бидејќи според предвидената големина на болницата потребни се повеќе паркинг места. Таа напомена и дека министерството работи по стари правилници и неопходно тие веднаш да се преработат како би биле во согласност со современите светски стандарди.
По завршување на дебатата беа прогласени победниците на конкурсот. На Конкурсот за идеен проект пристигнати се само шест решенија од кое едно е дисквалификувано поради доцнење, а од преостанатите пет, четири се наградени.
Наградените трудови беа презентирани под шифрите под кои стигнале на конкурсот и имињата на проектантските бироа, не беа објавени имињата на архитектите.

2
Првата награда ја доби проктантското биро „Радиус“, втора награда поделија бироата„БМА“  и „Ресурс ЛТДИ“ и трета награда за бирото „Тетрактис“ . Што би се рекло сите се добри, па и наградени.
Останува дилемата што ќе се случува понатаму со наградените проекти, дали некој од наградените ќе работи и на Основниот проект. Според Министерот за здравство до средината на наредната година ќе се знаат повеќе детали околу изградбата на нова болница во Аеродром.
А кај архитектите ќе остане дилемата зошто ААМ не го прати одговорот од министерството до своите членови. Дописот од ААМ се однесуваше само на продолжување на рокот и висината на надоместокот. Дел од архитектите реагираа и на несоодветноста на локацијата и недефинираната проектна програма. Министерот изјави дека е отворен за разговор со архитектите, но веќе објавивме дека тој остана без соговорници. Одговорот на министерството за цената на конкурсниот труд гласеше „во недостаток на законски регулиран ценовник и тарифник за ваков тип услуги, можноста за буџетирање е согласно План за јавни набавки на Министерството за здравство“. И за жал ова е вистина и министерството е во право. Од ова произлегува дека е легитимно право на секој архитект проекти да работи и за џабе. Но во конкретниов случај претседателот на ААМ водеше разговори во тек на конкурсот со министерството за вредноста на проектот, кој според сумата на наградата 5000 евра за објект од 18.640 квадратни метри, цената за проектирање изнесува 12 денари за еден квадратен метар. Но претседателот на ААМ, Мартин Пановски, кој е косопственик на бирото „Радиус“ кое е првонаградено на конкурсот ја остава дилеми и простор за конфликт на интереси. ААМ со години се залага за вреднување и почитување на трудот на архитектите. Конкурсите се сведени на јавна набавка, одамна не претставуваат натпревар на идеји и квалитетни решенија. И овој конкурс се сведе на допадливи 3Д презентации, а функцијата и поставеноста допрва ќе се решава, менеува, преработува. Учесниците се во се помал број. Изминатите години конкурсите се сведуваа и на еден учесник за на крај да нема ниту еден, затоа што условите, решенијата, квалитетот, победниците, парите однапред беа познати. За да бидеме доследни и почитувани не смееме да си дозволиме да ни се појават нови „чаушевци“ и да правиме нови „јајца“.

6
И не се работи само за архитектонско обликување “барок“, обликувањето е и најлесниот дел. Се работи за принцип, доследност, квалите, стручност, почитување, тргање на страна на личниот интерес, одговорност кога се претставува професијата и колегите. А се работи и за морал, и личен и професионален. Можеби какви сме, многу и не плаќаат, па 12 денари по квадрат и не е така лошо.
А докторите истраумирани од условите во кои работат ме прашуваат, а зошто конкурси, што е сега ова, ваква ли ќе биде, каде стои овој апарат, зошто соби со 6 кревета, па и сега имаме такви. А ние кај ќе паркираме, со автобус да не ме тераат да одам на работа. Една докторка, вистинска градска дама (истата онаа што ми забележа дека сум била против болници), делува авторитативно, токму онака како што треба лекар да изгледа, држејќи ме за рака ме праша: „И до кога ова со проективе сега, што не седнете сите архитекти и не се договорите каде? Ние ќе ви кажеме каква болница ни треба, како се прави во светот, која апаратура ни е потребна, што ни недостасува. Ми вели па една болница треба да направите, што не седнете да се договорите каде и колкава. Јас си мислам па конкурс треба да претставува натпревар на идеи и да го даде најдоброто решение, ама не и кажувам, не мора да знеа какви сме си велам. Затоа и велам, знам дека ви е тешко и ви се дивам во какви услови работите, знам дека каде и да ве сместат, ако е ново и чисто ќе си мислите дека е подобро и ќе ви биде. Но ретка е шансата да се направи ваков објект, ова не трпи импровизација, мораме да бидеме мудри, стручни и чесни во работата. Таа ме погледна онака како што јас гледам лекар кога имам проблем и очекувам помош. Ми падна тешко,срдечно се поздравивме и го напуштив еден од најубавите објекти во градот преполн со доктори и петнаесетина архитекти.

Испрати коментар

Scroll To Top