Насловна / Вести / Време е да фатиме чекор со европските градови

Време е да фатиме чекор со европските градови

Грешките во урбанизмот се речиси непоправливи. Просторните деформации предизвикани од лоши урбанистички планови го прават градот мачно место за неговите жители и прават штета од секаков вид: просторна, функционална, безбедносна, естетска, финансиска и етичка. Речиси на сите градоначалници основен акцент во кампањата беше справување со лошиот урбанизам. Област која сметам дека премногу лесно и популистички ја сфатија. Сега кога се на позиција, мислам дека станаа свесни со колку сложен проблем се сретнаа и во кој маѓепсан круг влегоа. Општина Центар е единствена која се обидува да се справи со грешките во урбанизмот со воведување мораториум на некои од ДУП-овите. Се надеваме дека резултатот ќе биде позитивен и примерот ќе го следат и останатите општини. Во очекување на резултатите, за сè она што досега направивме и за очекувањата од активностите на Општината, разговаравме со Јана Белчева – Андреевска, претседател на Советот на Општина Центар. Белчева – Андреевска е електро инженер, работи како самостоен консултант за Геоинформатичка технологија и ИТ и е дел од граѓанската иницијатива „Во Одбрана на Дебар Маало„, активна во напорите за остварување квалитетен живот во населбата.

4H5A2978a

Јана Белчева – Андреевска

Од крајот на декември минатата година на секои два месеца го продолжувате мораториумот за 31 ДУП во Општината и еве веќе шест месеци со образложение како што велите „не се целосно изработени според законските обврски и правила и се појавуваат недостатоци во урбанистичко-планската документација, која не е во согласност со Генералниот урбанистички план“. Попрецизно што е незаконско и не е во согласност со ГУП-от?

– Општина Центар го прогласи мораториумот за издавање нови дозволи за градба како инструмент за квалитативна евалуација на плановите за кои се покажа дека немаат законска издржаност, ниту пак се направени почитувајќи ги начелата за урбано планирање и хумано развивање на просторот. Впрочем, и сами велите дека урбанистичките грешки прават штета, а ние како општина не сакаме тоа да се случува повеќе.
Под мораториум се ДУП-ови донесени непосредно пред донесување на ГУП-от, и воопшто не се усогласени со него. Параметрите кои се пречекоруваат се: број на жители, процент на изграденост и коефициент на искористеност кој отстапува и до 9 пати над ГУП. Влијанието на тие ДУП-ови врз животната средина е решено со дозволеното „неспроведување на стратешка оценка за влијание врз животната средина“, а усогласеност со сегашниот ГУП не постои.
Незаконски се практикувало планирањето со мaксимално или прекумерно искористување на дозволените параметри за градење, што не остава простор за квалитетно уредување и хуманизација на просторот, ниту заштита и унапредување на животната средина и на природата, како уставно загарантирани човекови права.
Не се почитувани законски регулативи од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, Законот за урбано зеленило, како и сите потребни стандарди за проектирање на објекти, за заштита и спасување. Постојат ДУП-ови без мислење од Дирекција за заштита и спасување, со непрецизно дефинирање за заштита од пожар, евакуација, и слободни коридори при урнатини (однос на оддалеченост од улица со висина на објект).
Во тие ДУП-ови има едвај 5-10 % зеленило, и не се обезбедува 20 % зеленило на ниво на парцела според новиот Закон за урбано зеленило, ниту според дефинираните со ГУП 25 м2 зеленило по жител.
Сообраќајните решенија се неодржливи и целосно во функција на автоцентрична, а не одржлива мобилност.
Резултатот од досегашната урбанизација не е само штетата во просторот која ја посочувате, туку и видливата социјална нееднаквост во градот, висока загаденост која ги погодува сите, неоптимизирана одржлива мобилност… Градежните парцели и дозволи биле во фокусот на повлечените ДУП-ови. Ние приоритетот го враќаме на човекот.
Мораториумот како мерка ни отвора нови перспективи. Ни се отвора единствена шанса во исто време да се имплементираат светските трендови за живот во град како што е на пример Цел 11 од Одржливите цели за урбан раст на Обединетите нации.
Мораториумот не може сè да поправи, но може да ги прекине негативните последици од погрешното планирање.
Сакаме Центар да биде општина која ќе се развива според светските трендови. Време е да фатиме чекор со европските градови.
Еве само еден пример како се менува пристапот на планирање и раководење со градовите.
Eurocities е новото Здружение на европски градоначалници кое заговара транспарентност и граѓанска партиципативност во носењето одлуки во градовите како симболи на европските вредности. Градовите здружено преку Рокфелер фондацијата работат на нивната отпорност, токму како што УНДП ни помага нам тука. Конференцијата Urban Future на која присуствувавме со градоначалникот и други т.н. City Changers се фокусира на човекот и неговите потреби во градот. Сите ја враќаат човечката димензија во планирањето, се свртуваат кон пешачењето, кон одржливата мобилност, комуникацијата на отворено, на социјалната инклузија… Можам да се пофалам дека Центар е на добар пат.

Кои од ДУП-овите се најпроблематични? По кој редослед и приоритет се бираат за нивно ревидирање и донесување?

– Некои планови се веќе дадени на јавна расправа. Се работи паралелно на повеќе планови.
Анализите покажуваат дека Општина Центар не водела грижа досега за рамномерен развој и квалитетен животен простор на сите жители и во сите градски четврти. Податоците покажуваат дека во некои делови на Општината има прекумерно градење, со број на жители кој го надминува дозволениот број жители според ГУП, што како последица наметнува сообраќајни проблеми, недостаток на јавен простор, простор во училиштата и градинките, но и проодност на возила на итни служби. Тоа е денес случај во Дебар Маало, Буњаковец…
Наспроти ова, граѓани во други делови од Центар живеат во услови кои не доликуваат на 21 век ниту по домувањето, инфраструктурата или потребата од други јавни сервиси, на пр. Маџир Маало, Крњево, Пролет…
Тоа се проблемите и предизвиците за кои ние како Општина треба да наоѓаме решение и решивме да им дадеме приоритет.

20180622131456_4H5A3455
Дали е мораториумот законски? Некои инвеститори купиле парцели и направиле бизнис-план да градат по постоечките ДУП-ови, во сè според закон. Може да им се случи да им ја намалите дозволената бруто-површина, а со тоа и планираната инвестиција? Имаат ли право да ве тужат?

-Мораториумот е законски, а во исто време е и политичка одлука. Интересно е како се гледа на законот само во еден правец.
Дали е законски поради погрешно планирање да имаме тротоари полни со автомобили и училници со поголем број деца од дозволениот максимум за кои може да се даде потребната грижа и образование? Дали е законски да се прават паркинзи кои се функционални само на хартија? Никој ова не го спомнува како последица од лошите планови.
Сите постапки кои беа започнати пред мораториумот не се блокирани.

Зошто плановите кои не се под мораториум и имаат согласност од Град Скопје и Министерството за транспорт, како што се на пример Измени и дополнувања за блок 9 и 24 од четврт Ј07 сè уште не се ставени на седница на Совет на Општина? Законот вели дека градоначалникот е должен да ги достави најдоцна во рок од 3 работни дена.

-Некои измени се ставаат, некои не. И тие подлежат на анализа, за да не се случи неусогласеност која при брзање може да ја пропуштиме. Исто така е и со техничките исправки, кои за жал не се само од техничка природа, туку кај некои се откриваат неусогласености кои може да се толкуваат и како намерни пропусти за лични интереси.

вод

Кој ги ревидира спорните ДУП-ови? Дали се тоа планери со искуство и изработувачи на значајни урбанистички проекти? Дали се вклучени архитектите вработени во Општината кои ги одобриле и претходните планови? Дали во процесот на ревизија се вклучени и планерите кои ги изработувале спорните планови?

-Методологијата и процедурата по која се прави квалитативната евалуација (ревизијата) ја изработи професорката Дивна Пенчиќ од Архитектонскиот факултет. Да, вклучени се и некои од вработените во Општината. Во тимот се: магистер на науки за урбанизам на Универзитетот Баухаус во Вајмар, Германија и Универзитетот Тонгџи во Шангај Кина со 10- годишно работно искуство во предметната област плус 12-годишна соработка на предметот Урбанистичко обликување на Архитектонски факултет; магистер во областа на урбанизмот на УКИМ Скопје, со искуство од студентска размена во Шпанија и Германија со работно искуство од 5 години во областа на архитектурата и урбанизмот во Скопје и дел во Еквадор како и соработник на архитектонски факултети во двете држави; магистер на науки по архитектура на УКИМ Скопје со искуство во предметната област преку 3-годишна соработка на предметот Урбанистичко планирање на Архитектонски факултет.
Има планери кои се млади, има и планери кои се искусни. Во Комисијата постои хиерархија и процедура.
Со оглед на недостатоците кои беа согледани во плановите изработени од лиценцираните и искусни планери, произлегува дека стажот не е единственото мерило за квалитет на едно лице кое ги работи анализите и ревизиите. Евалуацијата дава извештај по кој треба да постапи и да се коригираат планерите.

дебарм1

Имав можност да ги видам барањата на сопствениците на градежните парцели на Дебар Маало по Јавната анкета за ДУП Дебар Маало 2 (кој не е сè уште усвоен). Најголем дел од барањата беа за зголемување на дозволената бруто-површина. Очекувате ли и со новите ДУП-ови сличен однос на граѓаните кон личниот интерес?

-Не е точна информацијата дека најголем број барања се за зголемување, но точно е дека покрај оние барања за заштита на зелените оази, за јавниот простор, за решенија за безбеден сообраќај, има и такви кои се само и единствено за сопствената парцела и можноста за што поголема и повисока градба. Сепак, заштитата на јавниот интерес е задача на Општината, да не го штити само приватниот интерес на поединецот, туку правото за хуман, безбеден, достапен, спокоен живот на секој човек/жител. Секогаш ќе има апетити, лакомоста нема преку ноќ да ја снема, особено што е потхранувана со години. Сепак, општествените промени мора да ги донесеме со правичност за сите. Ги повикуваме и инвеститорите и градежниците и сите жители да се вклучат во општествените промени за квалитетен социјален и економски развој на земјата, на градот, на населбите и на сите жители на Центар да им се обезбедат достојни услови за живот.
Сакаме граѓаните да почнат на ДУП-овите да гледаат и на поинаков начин. Сакаме да знаат, на пример, дека тоа што децата учат во преголеми групи, со што се намалува квалитетот на образованието, е резултат на лошото планирање. Да знаат дека сообраќајниот метеж во резидентните делови на градот и сообраќајната небезбедност е резултат на лошото планирање. И уште многу други аргументи. Партиципативност е да може да се реагира на анкетите и за недостаток на капацитети во училишта и градинки, но тоа досега не беше случај. Светските тенденции за образование, сообраќајна безбедност, јавен простор се сѐ подалеку од нашите. Мора да почнеме да им се приближуваме, а не да се оддалечуваме.

Архитектите и планерите со години апелираат на промена на ГУП-от, Законот за просторно планирање и Правилникот. Професорот Грчев веќе го изготви Нацрт-законот за просторно планирање. Следува менување и на останатите закони и правилници. Зошто не почнавте од почеток, да ги ревидирате плановите според новата регулатива?

-Политичка волја за промени има, законите ќе се почитуваат. Мораториумот е инструмент во моментов, принципите на кои е базиран ќе бидат почитувани, како и промените кои се прават во законодавството. Беше важно да се стопира „лудилото“ кое го наследивме и да не го продолжуваме чекајќи нови законски измени. Методологијата за анализи ќе стане toolkit која ќе може да се надградува и усовршува, но и да се разменува и со други општини.
Професорот Грчев доби и од наша страна предлози за промени на Законот и правилниците, такви кои произлегуваат од анализите, од искуствата досега, но и неколку за поголема партиципативност во носењето планови, нови можности за анкетирање, технолошки унапредувања во процесот на анализа, преклопувања, итн. Дополнително, сесрдно ни помогна и со неколку толкувања кои ни беа потребни за да не погрешиме во примена на правилниците.

jj

Со Правилникот се утврдуваат урбанистичките начела потребни за изработка на плановите. Како се справивте при ревизијата на ДУП-ови со член 3, од Правилникот, став 4 кој гласи „Сукцесивно зголемување на стечените права по основ на сопственоста на градежното земјиште, уредувањето на земјиштето и правата на градење, освен ако тоа не е спротивно на јавниот интерес и став 5 „Зголемување на вредноста на земјиштето, недвижнините и сите други просторни ресурси со плански одредби“?

-Токму тоа е она што го баравме како мислење од проф. Грчев и еве го цитирам неговиот одговор кој ни го потврдува нашиот став дека јавниот интерес предничи:
„Цитираната одредба од член 3 е општа декларација за начелата на урбанистичкото планирање и воопшто не е наменета за директно спроведување или буквално толкување како задолжително решение на секој поединечен случај. Сукцесивното зголемување на стекнатите права е општ политичко-правен принцип што се поставува како еден вид развојна општествена цел…, но не важи како норма со задолжително применување, ниту пак може да се спроведува линеарно и рамномерно на сите планови и на сите локации.
Цитираната одредба од член 3 е обусловена одредба, односно принцип кој важи како водилка само во ситуациите каде што тоа не е спротивно со јавниот интерес. Тоа значи дека неговото применување е релативно и ограничено практично за секоја градежна парцела.“

20180622131412_4H5A3452
Дали по забелешките од ревизјиата, новите ревидирани ДУП-ови ги изработуваат истите лиценцирани бироа за урбанизам кои ги изработувале претходните планови и за истите или нови пари? На пример ДУП И06 Пролет донесен во мај 2018 е изработен од истата фирма која истиот го изработила во ноември 2015.

-Нови пари нема. Сè мора да се заврши со буџетите кои се предвидени за тие планови уште одамна.
Досегашните грешки не ги аминуваме, ние ги исправаме. Планерите може да ни бидат партнери во процесот, но и да нè закочат ако не ги спроведуваат забелешките. Има и од едните и од другите. Евиденција се води многу ревносно, па ако видиме дека планерот не сака да постапи по забелешките ќе ги искористиме сите правни механизми за санкционирање на нивните постапки.
Впрочем вие знаете дека во струката постојат и постапки за одземање на лиценците за работа…..

sema

Дебар Маало е првата населба која уште пред повеќе од 20 години почна да се урбанизира во интерес на инвеститорите. А сè уште е населба каде се бара стан повеќе и квадратот е најскап. Како го објаснувате ова? Значи ли тоа дека на граѓаните кои живеат таму и не им е така лошо?

-Комуникацијата со граѓаните сме им ја препуштиле само и единствено на инвеститорите. Инвеститорот има интерес за профит, но ние треба да сме во заштита на интересот на граѓанинот. Затоа апелирам на што повеќе отвореност на процесот, вклученост во одлуките, обелоденување на недоследностите кои се согледани и се поправаат за да се добие подобар квалитет за секого. На граѓаните не им е добро. Секојдневно имаме забелешки што е лошо: нема место во градинките, во училиштата, нема зелена површина, нема паркинг-места, нема слободни тротоари, нема сонце во становите, погледите се во спалните на соседите … За жал има многу неспокој, многу нервоза, многу ѓубре, многу возила, многу несигурност, многу загаденост… Цената ја креира пазарот кој е информиран или неинформиран за она што го добива. Ние сме тие кои треба да обезбедиме квалитет во просторот кој сите го споделуваме, зашто човекот не живее затворен и само во квадратите на својот стан. Тој комуницира со околината и тој момент на споделен простор за живеење треба да биде добар за цената да биде висока.
Стан бараат повеќе тие што не ги знаат недостатоците. Има многу граѓани кои се отселуват поради условите.

jj6

Сметате ли дека покрај ревизија на ДУП-овите за да се воведе ред во Општината, неопходно е градежните инспектори да проверат дали објектите за кои се издадени одобренијата за градење се изведени по одобрените проекти?

-Токму ова беше мое прашање на Совет: проверка дали одобренијата кои се издадени за градби се испочитувани и исполнети и дали инспекцијата си ја завршила својата работа. Наследениот статус на донесување одлуки за урбаниот раст и развој на центарот на Скопје покажа: ниско ниво на анализа и моделирање при донесување одлуки; планирање кое не се базира на релевантни, точни, ажурирани или висококвалитетни податоци; недостаток на следење на реалните промени на терен, ниту пак ефектите од применетите активности и мерки – недостаток на анализа на квалитетот; слаби интерни процедури и контролен механизам за развој и имплементација на плановите; слаба вклученост и ангажираност на граѓаните, занемарени потреби на граѓаните за повисок квалитет на живеење, слаба консултација и ангажирање на граѓаните во процесот на урбанистичко планирање итн. Никаква инспекција и контрола дали се градело според издадените одобренија не е направена, но и тоа мора да почне. Недостасувал надзор од Општината, урбанистите не биле на терен да видат како плановите и нивната реализација влијаат на просторот и животот. Евиденција мора да се направи. Урбанизмот не смее да биде наука која се прави само со поглед од птичја перспектива. Потребите на граѓаните се гледаат само ако им се погледне во очи, ако се соочиме со нивните апели… Во тоа неодговорно однесување, верувам дека има многу лов во матно и искористување на шансата да се заобиколи прописот. Да не дозволима тоа да продолжи.

jj1

Паркирањето е очигледен проблем. Причините се многубројни. Несоодветен урбанизам, потребниот број на паркинг-места во рамки на сопствена градежна парцела со дадената бруто- развиена површина невозможно е да ги задоволи стандардите без проекти за паркирања на повеќе нивоа или со механизми за независно паркирање. Голем број од проектите се решени на овој начин, но ретко се изведени. Како ќе се справите со ова?

-Темата за паркирањето и решавањето на последиците од прекршоците кои преќутно биле одобрувани, е преголема за да се опфати со неколку реченици. Се прави опсежна анализа во соработка со ПОЦ. Откако ќе се направи акциски план, Општината ќе информира за деталите.

Отстранување на платено паркирање од тротоари, условување при купување стан да се купи и паркинг-место, обврзување на сопствениците да ги користат гаражите (Градски Ѕид на пример), поскапување на паркирањето, може ли да придонесе на ред и промена на навиките на граѓаните?

-Секако дека наброеното е дел од решението и може да донесе ред и промена. Акциски план за ослободување на тротоарите е во тек, а по тој план треба да овозможиме за 18 месеци да нема паркирање на тротоарите. Овој проблем е предизвикан и од лошо планирање, и заобиколување на прописите, изигрување со дозволите, но и од несовесност на граѓаните. Возилото не смее да има приоритет пред човекот и недозволено е да гледаме луѓе кои се движат по коловоз покрај зафатен тротоар. Ниту еден град во ЕУ тоа не го дозволува, па зошто ние би останале зад ЕУ.

Еден од најскандалозните ДУП-ови секако дека е Мал ринг. Што се случува со тој ДУП и препораката од Комисијата при Министерството за култура за рушење на спомениците кои се дивоградби? Постои ли можност да се срушат и некои објекти или преобликуваат?

-Немам доволно информации за да коментирам што ќе биде со објектите и спомениците од „Скопје 2014“.

ббб

Врз основа на што и кога се даде дозволата за рушење на објектот ТЦЦ Плаза, поранешно Беко?

-Беко е приватна сопственост. Рушењето е активност регулирана преку службите во Општината. Но не можам, а да не кажам, дека ми е жал што го губиме тој симбол на Скопје. И дел од моето детство е врзан за тој простор. Дополнително ме лути негрижата за околината при рушењето. Сликата на кал, прашина, искршен асфалт, немање тротоар, уништено јавно добро, валкана средина, ја надополнуваат сликата за непочитување на жителите наспрема приватниот интерес. Општината реагираше неколкупати, а особено по засилените реакции од жителите во околината.

ск2

Дали се придонесува за поголем урбанистички хаос со продолжување на Законот за легализација на дивоградбите?

-Не е надлежен Советот на Општината да коментира на оваа тема. Сепак ќе кажам дека дозволената легализација на секаков тип објекти придонесува во хаосот кој го имаме.

Мораторумот трае скоро шест месеци и директно влијае на работењето на фирмите. Како се финансира Општината во состојба на драстично намален приход од комуналии? До кога комуналите ќе бидат основен приход за преживување на општините, што на некој начин го стимулира лошиот урбанизам и коруптивниот ланец општина – инвеститор?

-Центар е општина од 7,5 квадратни километри. Мораториумот важи за 4,5 км2, па нашиот процес не може да се толкува како атак врз градежната фела, уште помалку како влијание врз БДП, туку како нов принцип за рамномерност (рамномерен развој) и заштита на јавниот интерес.
Финансирањето на општините и приходите од комуналии за фунционирање на општините се секако дискутабилни. На таа тема се дискутира на повисоки нивоа, во кои ние партиципираме со предлози.

4H5A2995

Испрати коментар

Scroll To Top