Денес (3 април), со почеток во 19 часот, во просториите на НУ Национална галерија на Македонија, објект Даут пашин амам, ќе се одржи предавање со прошетка низ изложбата „Борко Лазески – 100 години од раѓањето“, со историчарот на уметност проф. д-р Кирил Пенушлиски.
На предавањето, публиката ќе може директно да се запознае поблиску со делото и творештвото на големиот Борко Лазески, и во интеракција со д-р Пенушлиски и да дознае нешто повеќе за овој великан на македонската уметност.
Изложбата „Борко Лазески 1917-1993“, на која се претставени шеесетина дела од речиси сите творечки фази на авторот, беше поставена во рамките на програмските активности на Националната галерија на Македонија за одбележување еден век од раѓањето на најпознатиот македонски монументалист и втемелувач на витражот во Македонија. Изложбата содржи оригинални дела од помал формат и фотографии од монументите на Лазески, како и до сега реставрираните скици од неговата „Фреска за НОБ“ која до земјотресот во 1963 стоела во холот на старата железничка станица во Скопје.
. Проектот за чествување на Борко Лазески, покрај изложбата опфати и промоција на монографско издание во кое беа презентирани текстови од д-р Дита Старова-Ќерими, Соња Абаџиева Димитрова, Маја Чанкуловска-Михајловска и Лазо Плавевски, голем број фотографии на делата на Борко Лазески, биографски, библиографски и каталошки податоци. Со овие активности, Националната галерија на Македонија го започна и одбележувањето 70 години од своето основање.
Во рамките на овој проект, на 28 февруари 2018 година беше одржано и предавање од Лазо Плавевски под наслов „Фреската за НОБ како парадигма на модерноста во Македонија“. Исто така, беа одржани голем број на едукативни предавања и работилници преку кои најмладата публика од 7 училишта (вкупно 212 деца) можеше да се запознае со творештвото на Борко Лазески и да изработи творби инспирирани од него.