Во Кавадарци денеска се одржуваат волонтерски активности за изградба на нова фасада кај зграда во центарот на градот, како и реновирање на катот во кој се сместени две пензионерски здруженија. Целта е подобрување на енергетската ефикасност на објектот.
Зоран Костов, извршен директор на Хабитат Македонија, изрази задоволството што француската компанија Saint-Gobain ги избрала за партнер во проектот, во кој се вклучени и изведувачот, локалните пензионери, станарите во зградата и општината со своја партиципација во дел од трошоците.
– Такви видови на партнерства не е лесно да се организираат и да се спроведат и јас сум навистина среќен што тоа во Кавадарци се одвива според планот, нагласи Костов.
Директорот за комуникации на Saint-Gobain, Ласко Лауко рече дека се горди што имаат можност да донираат во овој проект.
– Веруваме дека на овој начин помагаме на локалните жители и на тој начин ги подобруваме нивните животи. Воедно работиме и на одржливост на самата енергија. Оттаму, сметам дека ваквата донација и самиот волонтерски ден ќе бидат добар пример за останатите компании, да се продолжи со ваквата пракса и во иднина, нагласи Лауко.