– Општина Битола и Македонски енергетски ресурси-МЕР координирано пристапуваат во реализацијата на првата фаза од ставањето во функција на националниот проект гасификација, изјавија градоначалничката Наташа Петровска и Благојче Котевски, директор на МЕР.
Петровска по средбата со Котевски во нејзиниот кабинет, посочи дека Општина Битола издвои финансиски средства за активности за воспоставување мрежа за гасификација на градот и има план за реализација на проектот.
– До 2020 година, гасот треба да стигне до општина Битола, а ние ќе се подготвуваме тој да се користи во градското подрачје. Знаеме кои стопански субјекти ќе може да ја користат мрежата, а во звисност од интересот на граѓаните, мрежата ќе биде проширена до максимално разгранување. Обезбедивме буџетски средства, а паралелно се одвива процесот на поставување на примарна мрежа која временски треба да биде завршена за 20 месеци. Работната средба со МЕР беше за синхронизирање на нашите активности се до поставување на гасоводната мрежа и користење на гас во општината, истакна Петровска.
Директорот на МЕР Котевски нагласи дека гасот треба да дојде во Битола и да го користат јавните институции, граѓаните и индустријата.
– МЕР редовно ги информира општините опфатени со првата фаза од националната гасоводна мрежа. Битола како една од 17-те општини во Македонија има издвоено финансиски средства за проектирање и учество во првата фаза. Очекуваме до јануари 2020 година мрежата да биде функционална, а тоа значи дека ќе треба да функционираат и другите сегменти во општеството, а тоа се општините, министерствата и институциите. Со синхронизиран процес ќе се покаже дека институциите можат да функционираат координирано во проект од национален карактер, истакна Котевски на прес-конференцијата во општина Битола.