Во периодот од 30 септември до 4 октомври 2019 година, во Chania, Crete (Ханиа, Крит), Грција, се одржаа Hydropower Europe Mediterranean Workshop и 11-тиот Симпозиум на Европскиот клуб (ЕC) на Меѓународната комисија за големи брани (ICOLD). Симпозиумот се одржа во луксузниот Minoa Palace, Platanias, околу 12 км западно од Chania. Симпозиумот го отвори K. Karamanlis, Minister of Infrastructure and Transport, a поздравни говори одржаа: K. Skrekas, Deputy Minister of Rural Development and Food, S. Arnaoutakis, Regional Governor of Crete, F. Kazasis, Managing Director of the Organization for the Development of Crete, S. Korovesis, Chairman of the Board of Athens Water Supply и G. Karagiannis, Executive Director of water supply – Athens Water Supply and Sewerage Company. Воведните презентации беа направени од: M. de Vivo, Secretary General ICOL, J.J. Fry, President ICOLD European Club и G. Dounias, President GCOLD и претседател на организациониот одбор.
Основна цел на симпозиумот беше содржана во неговиот наслов „Иднината на браните (во Европа): перспективи и предизвици во променливата животна средина“. Темите на симпозиумот беа следниве: (А) Сигурност на браните и управување со ризик. Социјално влијание и свесност, (Б) Брани и резервоари во перспектива за климатските промени, (В) Успеси и проблеми во спроведувањето на Европската рамковна директива за вода и релевантните упатства, (Г) Управување со инфраструктурата, (Е) Напредок во инженерството за брани, (Ф) Иднината на браните во променливото опкружување на ЕУ. На симпозиумот беа презентирани одреден реферати, селектирани од големиот број реферати публикувани во Зборникот, кои беа рецензирани од научен одбор составен од 24 еминентни европски научници во областа на браните. Меѓу рефератите кои беше презентирани со говорни презентации беше презентиран рефератот An analysis of the waste lagoon water level influence on the liquefaction resistance of the tailings dams, од авторите Љ.Петковски и С.Митовски. Воедно, подвлекуваме дека на овој Симпозиум му беше дадено соодветно признание на MACOLD, со тоа што член од нашето Здружение за големи брани беше претседател на Сесијата 11 – Advances in dam engineering materials и член на угледниот Advisory Committee на Советувањето.
Покрај теорискиот дел од симпозиумот, квалитетно беше спроведен и практичниот дел – со стручна посета на два хидројазли. Браната Valsamiotis е hard fill брана со армирано бетонски екран, со височина од 67 м, изградена во 2014 година, со што е формирана акумулација од 6 милиони м3. Примарна цел на хидројазелот е водоснабдување и наводнување. Брана од ваков тип се уште не е изградена во РС Македонија. Со својата триаголна форма на напречниот пресек, независно од големата стрмнина на низводната страна (1:0.8) оваа брана е исклучително стабилна на сеизмичко дејство, а со челниот преливник во тело на браната, на најекономичен начин ги евакуира големите води. Затоа, овој тип на брана може да биде сериозен конкурент на планираните високи брани на Вардарската долина, односно на браните Велес (масивна) и Градец (комбинирана, масивна во средишен дел со наспини делови во боковите). Браната Potamoi е камено земјена брана со централно глинено јадро, со височина од 55 м, изградена во 2008 година, со што е формирана акумулација од 22.5 милиони м3. Примарна цел на хидројазелот е наводнување, водоснабдување и енергетика со инсталираност на ХЕЦ од 50 MW. Капацитетот на преливниот орган е 1,325 м3/с и истиот е составен од собирен канал на бочен преливник, кој за што подобро да се прилагоди на теренот, не е во правец со низводниот преоден канал.
Тука би сакал да подвлечам дека градбата на брани во Грција во последните 25 години е импресивна. Во тој период се изградени околу 110 големи брани. Ако се спореди динамиката на градба на големи брани во Грција и РС Македонија, може да се констатира дека до 1990 година ние сме биле во предност, зашто тој број во Грција изнесувал само 20. Интересен би бил одговорот на следното прашање. Како во РС Македонија по иницијатива на еколошки здруженија е стопирана градбата на најповолните хидроенергетски системи со брани и водни акумулации – Луково Поле и Бошков Мост? Додека во земја која е членка на ЕУ, која е далеку поразвиена од нас и каде владеат построги еколошки критериуми, во последните 15 години се изградени 70 големи брани, со што значително е зајакната водостопанската инфраструктура, а со тоа и благосостојбата на населението, преку подобрено водоснабдување и наводнување, со производство на чиста електрична енергија од обновливи извори и со зголемена заштита од поплави.
На крај би истакнал дека учеството на вакви меѓународни симпозиуми е од непроценливо значење за хидротехничарите инволвирани во Инженерството за брани. Овие собири се прилика за добивање на нови сознанија, за неопходни контакти и комуникација со колеги од други истражувачки центри и, што е најбитно, за размена на искуства и споредба на резултатите од научно-истражувачките и апликативните активности. Ја ползувам оваа можност да се заблагодарам на љубезните домаќини од Здружението за големи брани на Грција (GCOLD), како и на Градежниот факултет во Скопје, без чија финансиската поддршка, учеството на симпозиумот во Ханиа, Крит ќе беше тешко изводливо.
Автор: Проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет Скопје