Данското архитектонско студио Landager Arhitekter, неодамна го доврши својот долгоочекуван проект под името Upcycle House.
Куќата во потполност е изградена од рециклирани материјали.
Градежните материјали користени во оваа куќа се од најразлично потекло.
Два монтажни контејнери кои се изолирани од надворешната страна ја сочинуваат основната структурна рамка на куќата.
Покривот и екстериерот на куќата се изградени со помош на листови од рециклирани алуминиумски лименки. Фасадните панели се изградени од пресувана и термички обработена рециклирана хартија, кујнскиот под е направен од плутани тапи, а плочките во бањата од рециклирано стакло. Ѕидовите и подовите се прекриени со плочи од пресувана иверица.
Што се однесува до енергетската ефикасност, буџетот на проектот во голема мерка го ограничува градењето според стандардите за пасивни куќи. Во согласност со таа состојба, ориентацијата, оптимизацијата на дневната светлина, како и системот на природна вентилација, стратешки се интегрирани во објектот. Крајниот резултат е модерен и современ дизајн кој изгледа како да е направен од многу поскапи, нови материјали. Куќата има голема дневна соба споена со кујната, четири спални, бања и комора за пасивно ладење. Надворешниот простор содржи голем стакленик како и јужно ориентирана тераса.