Глобално, урбаните области учествуваат со над 70% во емисиите на јаглерод диоксид. Соочени со климатските промени, градовите мора итно да се прилагодуваат, односно да се менува пристапот не само во урбанистичкото планирање, туку и во процесите на градење и управување. Намалувањето на емисиите во еден град до нула, се чини навистина неверојатно, но 100 градови од ЕУ веќе се обврзаа да го сторат тоа до крајот на оваа деценија. Како дел од шемата на Европската Комисија под името 100 Climate-Neutral and Smart Cities, овие градови ќе добијат и подрршка од ЕУ за да ја постигнат зацртаната цел. Иницијативата добила над 370 апликации. Интересно е дека 12 градови кои не припаѓаат на ЕУ, меѓу кои се Сараево, Подгорица, Елбасан, Истанбул и Измир, се избрани да учествувааат во проектот.
Листата која заедно со 12-те градови надвор од ЕУ, брои вкупно 112 градови, има и докажани лидери во однос на климатските амбиции и нивната реализација, како на пример Копенхаген и Гетеборг, но и градови, како на пример оние од нашиот регион кој имаат долгогодишен сериозен проблем со загадувањето и нивото на емисии. Конзорциум составен од 34 организации од областа на климатските промени, како и експерти на национално и на ниво на ЕУ, ќе им помогнат на градовите да добијат т.н mission label од Европската Комисија. Со тоа, ќе се олесни нивниот пристап до „капитал кој доаѓа од приватни извори и настрана од т.н greenwashing проекти, односно пристап до вистински и реални иницијативи“. Ќе се користи пристапот „од долу – нагоре“ (bottom-up) во однос на прифаќањето и селекцијата на проектните идеи. Градоначалникот на Лисабон, изјавил дека се гордее на учеството во оваа програма, и дека Лисабон ќе инвестира една третина од вкупниот буџет во остварување на јаглеродната неутралност до 2030 година.