Поновата историја на француската престолнина е испреплетена со историјата на Олимписките игри. Во далечната 1900 година, Париз беше домаќин на втората модерна Олимпијада и така започнал патот на урбаните адаптации и архитектонскиот развој што го подготвил градот за ова големо спортско натпреварување.
Меѓу најважните промени било доаѓањето на првата линија на метрото, отворена во 1900 година, која ги поврзала локациите на Светската изложба (Exposition Universelle) со местата во Венсен, град на 6,7 километри од центарот на Париз, каде што се одржале повеќето олимписки натпревари.
Само 24 години подоцна, градот на светлината бил домаќин на една од највлијателните верзии на Олимпијадата. Овој настан, кој бил прв од ваков вид што се емитувал преку радио бранови, придонел за значително зголемување на популарноста на Олимписките игри.
Исто така, во текот на ова издание е роден концептот на Олимпиското село. Некои од инфраструктурите и локациите изградени пред повеќе од еден век сè уште се користат во Париз, а некои од нив ќе бидат домаќини и на олимписки настани од 26 јули до 11 август 2024 година.
Стадионот Yves du Manoir во Коломб
Коломб, предградие во северозападната област на Париз на 10,6 километри од центарот на градот, станало централна локација на Олимписките игри во 1924 година.
За прв пат спортистите биле сместени во Олимпиското село, кое било креирано од преносливи дрвени куќички опремени со проточна вода, како и дополнителни капацитети како пошта, фризерски салон и ресторан.
Лоциран во близина на Олимпиското село, стадионот Yves du Manoir станал една од најголемите и најважните локации на Игрите 1924 година. Оваа арена која некогаш била тркачка стаза, а тогаш трансформирана за ОИ, можела да прими 45.000 гледачи, изведена е според проектот на архитектот Louis Faure-Dujarric.
Пред еден век, стадионот бил место за натпревари за атлетика, фудбал и рагби. По Олимписките игри во 1924 година, објектот продолжил да се користи и неколку пати е реновиран, а во 2024 година оваа историска арена ќе биде домаќин на турнир во хокеј на трева.
Базенот Турел (денес базен Жорж Валере)
Изграден во 1924 година, базенот Турел (Piscine des Tourelles) бил домаќин на натпреварите во пливање на ОИ во Париз и бил сведок на соборувањето на рекордот на 100 метри слободно.
Со текот на годините, објектот бил повеќе пати реновиран, а во доцните осумдесетти добил подвижен кров, како и ново име, дадено во чест на францускиот пливач и олимпиец Жорж Валере (1927–1954).
Базенот се уште е во употреба, но нема да биде домаќин на олимписките натпревари во пливање и парапливање оваа година, бидејќи тие ќе се одржат во Арената Ла Дефенс во Нантер, пишува ArchDaily.
Квалификациските натпревари во синхронизирано пливање, нуркање и ватерполо ќе се одржат во Аква Центарот Сен Дени, единствениот постојан спортски објект изграден за Олимписките игри во Париз 2024 година.
Велодром Жак Анкетил во Венсен
Велодромот Жак Анкетил (Velodrome Jacques Anquetil), локално познат како „La Sipale“, и денес е популарно место меѓу велосипедистите и љубителите на природата, сместен во шумски појас околу Венсен.
Бетонската патека долга 500 метри е изградена во 1896 година, заедно со челични трибини проектирани од легендарниот конструктор Густав Ајфел.
Пренаменет во главен олимписки стадион, велодромот бил сигурно најпосетуваната локација во 1900 година, а на Олимписките игри во 1924 година, тука се одржувале натпревари во велосипедизам, мечување, борење, бокс и кревање тегови.
Иако е прогласена за историски споменик, патеката повеќе не ги задоволува современите олимписки стандарди, така што натпреварите во велосипедизам и паравелосипедизам а ќе се одржуваат во Националниот велодром Saint Quentin en Yvelines.
Версајскиот дворец
За време на игрите во 1924 година, познатиот Версајски дворец служел како локација за стрелачки настани. Сега, еден век подоцна, палатата повторно ќе биде домаќин на олимписките настани, но оваа година тука ќе се одржуваат натпревари во коњички спортови и модерен петобој.
Проектите за реставрација и привремените градежни работи во моментов се во полн замав за да се подготви локацијата за настаните на Летните олимписки игри во 2024 година, вклучително и реставрацијата на Портата на честа и покривот на северното крило, како и додавање на простор за прием во градините.
Зимски велодром
Отворен во 1903 година во областа Гренел, Зимскиот велодром ( Velodrome d’Hiver) бил домаќин на натпреварите во мечување, кревање тегови и бокс на Олимписките игри во 1924 година.
Меѓутоа, во 1942 година, во историјата на овој објект додаден е темен белег, бидејќи велодромот бил користен од француската полиција за приведување илјадници Евреи пред да бидат депортирани во концентрациони логори. Зградата е урната во 1959 година.