Научниците кои работеле за General Motors, пред точно 100 години откриле дека тертаетил оловото може значително да ја подобри ефикасноста и векот на траење на моторите со внатрешно согорување. Во студеното декемвриско утро 1921 година, во лабораторијата на оваа компанија во Дејтон, Охајо, научниците испробале нова мешавина на гориво која содржела тертаетил олово, и биле пријатно изненадени – моторот работел потивко и давал поголема моќност. Со огромен профит на видик и малку прописи за јавното здравје во тоа време, General Motors на пазарот исфрла бензин разреден со тертаетил олово, и покрај веќе познатите здравствени ризици на оловото. Сто години подоцна, бензините со олово се повлечени од употреба, но долга и мачна била борбата на еколошките новинари, научниците и борците за јавно здравје, во спречувањето на трагедијата водена од профитот.
Имено, до раните 20-ти години од минатиот век, опасностите од оловото биле добро познати. Дури и Чарлс Дикенс и Бенџамин Френклин пишувале за опасностите од труење со олово. Кога General Motors започнал да продава оловен бензин, стручњаците за јавно здравје ја довеле во прашање оваа одлука. Но, без успех. Истражувачите процениле дека децениите согорување на оловен бензин предизвикале милиони предвремени смртни случаи, намалување на нивоата на интелигенција и многу други општествени проблеми. General Motors и Standard Oil ги отфрлале предупредувањата, но во октомври 1924 година се случила катастрофа. Дваесет работници во една рафинерија добиле тешко труење со олово поради лошо проектиран технолошки процес од страна на General Motors, од кои шестмина починале. Во следниот период, во слични постројки во САД, починале уште 11 работници. Ставот на индустријата кон медиумите кои известувале за ова, бил крајно непријателски. Дури неколку месеци после овие настани, во медиумите се појавиле повеќе информации, а во 1925 година и детална репортажа во која се истакнува прашањето на јавното здравје наспроти индустрискиот напредок.
Индустријата тврдела дека оловото е единствениот начин за подобрување на перформансите на моторите, и дека уделот на оловото во бензинот е толку мал што не може да биде никаква закана за луѓето, но стручњаците за јавно здравје мислеле поинаку. Тие ја оспориле потребата од олово во бензинот. Тврделе дека сигурно постојат илјада алтернативи на оловото за оваа намена. И биле во право, но сепак оловниот бензин продолжил да доминира на пазарите ширум светот. Во 60-тите и 70-тите години повторно е покренат случајот на јавното здравје против оловниот бензин. Геохемичарот од Caltech, Clair Cameron Patterson имал потешкотии при мерењето на изотопите на олово во својата лабораторија, бидејќи оловото од бензинот било насекаде, па неговите примероци биле постојано контаминирани. Затоа, тој создал „чиста соба“ (clean room) за своите експерименти, а во 1965 година го објавил својот труд „Загадената и природната оловна средина на човекот“, и рекол дека просечен жител на САД е тешко и хронично изложен на дејството на оловото. Параелелно со тоа, Американската агенција за заштита на животната средина одлучила дека оловниот бензин во догледно време ќе мора да се забрани, на што производителите на оловен бензин силно се спротивставувале. Загриженоста за јавното здравје продолжува да расте и во 80-тите години, кога педијатарот од Универзитетот во Питсбург, Ниделман водел студија во која го поврзал високото ниво на олово со нискиот коефициент на интелигенција и други проблеми во развојот на децата. И Патерсон и Ниделман се соочиле со силни напади од водечката индустрија, која тврдела дека нивните наоди се неточни.
На крајот, нивните истражувања се потврдени во 1996 година кога САД официјално забранува продажба на оловен бензин поради здравствени причини. Неколку години подоцна, Европа го следи примерот, а потоа и земјите во развој. Во август 2021 Алжир беше последната земја на светот која го забрани ова гориво. Еден век оловен бензин однел милиони животи и оставил до денес токсично тло ширум светот. Приказната за оловниот бензин пружа практичен пример за тоа како одлуките на индустријата кои се водени од профит можат да предизвикаат сериозна и долгорочна штета, доколку неуспешно се регулираат.