Книга 1 : Големите движења и мајстори – резимирани извадоци
В. Дефинирање и насоки (1)
Чарлс Џенкс смета дека постмодерната архитектура произлегува директно од т.н. модерен регионализам, кој својот врв го достигнува во теоријата и практиката најнапред кај Роберт Вентури, а потоа кај: Чарлс Мур, Роберт Стерн и Мајкл Грејвс. Џенкс тврди дека овие четворица американски архитекти на највпечатлив начин ја имаат одбележано постмодерната и можат да се наречат постмодерна школа за да се издвојат од широкото движење кое опфаќа мноштво други пристапи. Според Џенкс, два настана имаат пресудно влијание врз воспоставувањето на општиот карактер на постмодерната школа, а тоа се: Венецијанското биенале (1980), посветено на темата “Присуството на минатото“, каде што едногласно е потврдено прифаќањето на историцизмот; и постмодерниот класицизам на Џејмс Стирлинг и Мајкл Грејвс, што го одредува заедничкиот стил.
Џенкс е на мислење дека кон крајот на 70-тите години, доцномодерните и постмодерните архитекти настојуваат да ја истакнат меѓусебната спротивност, но тоа е замаглено со уште подлабоко единство. Доцномодерната архитектура, според социјалната идеологија, е прагматична и технократска. Таа презема многу од стилските идеи на модерната, тежнеејќи кон екстремна манифестација, со цел да се оживее нејзиниот досаден јазик, кој е на умирање. Постмодерната архитектура е двојно кодирана. Со едната половина таа е модерна, а со другата е кодирана со нешто друго (најчесто со традиционалното градење), настојувајќи да комуницира истовремено со широката публика и со заинтересираното малцинство, кое обично го сочинуваат другите архитекти.
Сфаќањето на Џенкс за постмодерната архитектура, кон средината на 80-тите години и понатаму еволуира, така што нејзините карактеристики ги коментира поопширно: “Најдобрата постмодерна архитектура е хибридна, како и најдобриот предмодернизам на генерацијата која работеше околу 1900 година. Таа настојува да ги спои минатото и иднината без компромиси, без да се намали преданоста кон модерниот свет и неговата тековна технологија, како и преданоста кон западната култура или кон локалните традиции”.
Обрнувајќи поголемо внимание на обликовниот јазик, забележливо е дека Џенкс неоправдано го занемарува значењето на содржината. Од друга страна, иако знае дека карактеристич на постмодерна архитектура се развива и во Јапонија, сепак најголемиот акцент тој го става врз западноевропската култура. Според него, постмодерната архитектура опфаќа множество различни пристапи, кои отстапуваат од патернализмот и од утопијата на модерната, но сите тие имаат двојно кодиран јазик. Всушност, голем дел од своите поставки постмодернистите ги градат врз критиката на грешките што ги направи модерната. Тие поставки Џенкс умешно настојува да ги класифицира во вид на постмодерни насоки, на кои многу лесно им дава и конкретни имиња.
Меѓу видливите грешки на модерната архитектура спаѓа и нејзиниот неуспех да поттикне еден убедлив урбан развој, како и да постигне некоја плодотворна комуникација. Од тие причини, постмодерната архитектура развива една морфологија која се заснова на градското ткиво, позната како контекстуализам, со побогат јазик базиран на метафората, историските претстави и на духовитоста. Клучните идеи на контекстуализмот произлегуваат од книгите на Алдо Роси од 1966 година, на Роберт Крир од 1975 и 1978 година и на Колин Роу од 1978 година.
Освалд Матијас Унгерс и Леон Крир оваа теорија ја разработуваат понатаму и нудат еден “неодолив“ јазик на градот. Накусо речено, контекстуализмот ги поврзува наследените и новите делови на градското ткиво во една особена целина. Секако дека најкарактеристични примери од тој вид претставуваат веќе споменатите: станбениот блок Ројал минт сквер во Лондон (1974) од Леон Крир и Шинкел плац во Берлин од Роберт Крир.
Во однос на градовите, меѓу постмодерните архитекти се обновува идејата за т.н. изградба по периметар и за заграден пешачки простор со архитектура, која ја следи уличната линија. Типичен таков пример претставува Белата куќа на Ритерштрасе во Берлин (1977-80) на Роберт Крир, поставена во фокусот на големиот градски блок. Во таков постмодерено-класичен манир се изградени голем број урбани целини, во кои се комбинирани елементите на контекстот со модернистичките цитати, како и старите урбанистички идеи со новите технологии. Веројатно најуспешен градски ансамбл со таков израз е Музејот на модерната уметност Абтајберг во Менхенгладбах (1972-82) на Ханс Холајн.
Објаено во број 92.