Книга 1 : Големите движења и мајстори – резимирани извадоци
ПОСТМОДЕРНА ИЛИ АРХИТЕКТУРА НА КРСТОПАТ Б. Развој (4)
Истражувањето на силуети на огледалните објекти, кои најефектно би го изразиле блесокот и рефлексијата на стаклото, води кон традицијата на модерната од крајот на XIX век и кон, за тој период, омилениот судир на волумените со сложени праволиниски потези. Притоа, архетипови на огромните објекти повеќе стануваат минијатурните каприци на овој стил, како што е мебелот и урбаната опрема, отколку самата архитектура. Карактеристичен пример за наведената поставка претставува административниот објект во Ипсвич, В. Британија (1975) на Норман Фостер (1935). Со меко извитканата огледална фасада од темно стакло, овој објект прави асоцијација на гигантско пијано. Критичарите, во неговиот блесок гледаат семантички одраз на “студенилото” во административната дејност.
Џон Портман (1924-) кон крајот на 70-тите години ги создава највпечатливите варијации на објекти со огледални криволиниски површини и цилиндри, од кои најпознати се: центарот Ренесанса во Детроит (1977) и хотелот Бонавентур во Лос Анџелес (1978), кој има монументална симетрична композиција составена од пет гигантски цилиндри со сјајна црвеникава огледална фасада. Во Калифорнија кон експериментот со огледални фасади се насочува една архитектонска група, која самата се нарекува “сребрена”. Неа ја формира Аргентинецот Сесар Пелји (1926-) со изградбата на Пацифик дизајн центарот во Лос Анџелес (1976). Неговата визуелна елементарност е осигурана со помош на скапи и сложени конструкции. Затоа, огледалната архитектура се развива само во областа на комерцијалните објекти, каде што необичноста претставува не само доказ за стопански престиж, туку и важен фактор за рентабилноста на објектот. Театралниот супертехницизам, кој во американскиот професионален жаргон се нарекува хај-тех архитектура, претставува друга архитектонска мода од крајот на 70-тите години. Кај неа, технологијата настапува не само со својата функција, туку и со својата специфична улога во системот на симболи, па и во декорацијата. Со таквиот пристап, архитектурата на Мис, која со семожноста на техниката настојува да ги реши и социјалните проблеми, започнува да се третира како иронија. Со поширока анализа, може да се забележат и некои други заеднички особини во шарениот ”плуралистички” мозаик на архитектурата во западните земји во 70-тите години. Може да се каже дека општата основа на сите правци останува само значењето на формите во вид на приоритет, пред која било друга страна на комплексот проблеми што се појавува при создавањето на архитектонското дело.
Интересна и уникатна појава во американската архитектура претставува формирањето и активноста на групата СИТЕ (Sculpture and Environment). Сакајќи да ја промени униформноста на изградената околина, таа најпрвин настапува со серија објекти на трговската корпорација БЕСТ, за чии потреби гради стоковни куќи кои имаат навидум незавршени, урнати или подвижни делови, па дури и автомобили од бетон на паркиралиштата пред нив. Создавајќи нова урбана слика, таквата архитектура настојува да го привлече вниманието на потенцијалните купувачи.
Групата СИТЕ ја застапува и идејата за спој на архитектурата и природата, така што во своето понатамошно творештво предлага начини за воведување на природата во урбаниот амбиент. Таа со право смета дека почетокот на информатичката ера се совпаѓа со почетокот на т.н. еколошка архитектура. Соодветна илустрција на таквите нивни заложби претставува Авенијата 5 за EXPO ’92 во Севилја, Шпанија, каде што живописните архитектонски форми, освен со зеленило, се збогатени и со т.н. жива вода, која лизгајќи се по фасадата се спушта врз денивелираниот партер.
Во периодот од средината на 80-тите па се до средината на 90-тите години, поради економски, технолошки и историски причини се случуваат фундаментални промени во архитектурата и уметноста. Во 1987 година настанува крах на Берзата во Њујорк, а во 1989 година паѓа Берлинскиот ѕид. Во новонастанатата клима на недоверба и економски ограничувања, архитектурата е принудена да бара нови форми.
Објавено во број 91.