Насловна / Архитектура / 10 згради со балкони како скулптури

10 згради со балкони како скулптури

Необични, оригинални балкони на фасадите ширум светот привлекуваат вниманието на минувачите и го дефинираат карактерот на зградата. Освен што обезбедуваат функционалност и дополнителен простор, благодарение на нивниот оригинален дизајн тие можат да станат и вистински уметнички дела, кои го дефинираат идентитетот и карактерот на зградите. Погледнете десет фантастични фасадни решенија со балкони избрани од Dezeen,  кои се како скулптури во просторот.

Kaktus Towers, Данска, BIG

1

Данското архитектонско студио BIG ги проектирале Cactus Towers, кои се состојат од две згради со вкупно 495 станбени единици и карактеристични триаголни балкони кои им даваат изглед на кактус.

Станбените единици имаат ротирани основи, што на секој дом му дава уникатен поглед на Копенхаген од неговиот балкон.

Q Residences, Холандија, Studio Gang

2

Q Residences на американското Studio Gang се состои од осумкатница наречена Qube и дваесет и три катница наречена Quartz, кои се поврзани со јавен плоштад.

Бетонските елементи што излегуваат од конструкцијата ја облагаат фасадата, давајќи и на секоја станбена единица закосена тераса која изгледа како да „мигрира во и надвор од фасадата“.

Barangaroo House, Австралија, Rogers Stirk Harbour + Partners

3

Barangaroo House има терасовидни балкони обложени со летви од јагленисано дрво. На овие тераси се наоѓаат ресторани со поглед на преуредениот јужен дел Barangaroo во Сиднеј.

Балконите на горните катови се опкружени со подигнати жардинери и опремени со подвижни стакла кое ги поврзува балконите со внатрешните простори на објектот.

Apartment complex, Франција, Peripheriques Marin+Trottin и Jumeau Architectes

4

Меандрирани балкони врамени со метални балустради го карактеризираат овој париски станбен комплекс во L’Ile-Saint-Denis.

Комплексот има осум ката со дуплекс апартмани на највисокото ниво. Неговите брановидни балкони создаваат приватни простори пред секој стан, истовремено одразувајќи заеднички премин долж целата зграда.

MN15 Ibirapuera, Бразил, Königsberger Vannucchi Arquitetura

5

MN15 Ibirapuera е станбена зграда со неправилни балкони обложени со стакло кои изгледаат навалени од далечина, давајќи ѝ на зградата скулптурален изглед.

Некои од балконите извираат нанадвор, додека други се повлечени. Долж аглите на зградата, балконите изгледаат како да се движат во различни насоки, создавајќи живописна силуета на зградата.

Кулата L’Arbre Blanc, Франција, Sou Fujimoto

6

Оваа кула во Монпелје, Франција, обликувана е по модел на дрво и содржи 114 апартмани со балкони на конзолни носачи, проектирани да промовираат живот на отворено.

Многу од балконите се долги повеќе од седум метри. Балконите на дуплекс становите се поврзани со скали, кои имаат за цел да ја поттикнат интеракцијата на станарите на различни катови.

Iqon skyscraper, Еквадор, BIG

7

Балконите налик на пикселизирана кутија ја дефинираат станбената висококатница Iqon, исто така проектирана од BIG, која вклучува 220 апартмани. Балконите се направени од бетон, а на нив има растенија и дрвја карактеристични за Јужна Америка.

Облакодерот висок 133 метри е опремен со комерцијални и канцелариски простори.

Norfolk apartment block, Aвстралија, Koichi Takada Architects

8

Овој станбено – деловен блок во Квинсленд има брановидни балкони со склопувачки ребрести дрвени облоги, инспирирани од структурата на шишарка.

На парцела од 1.012 метри квадратни покрај море има 15 апартмани, два пентхауса и приземје со теретана, базен и сауна. Заоблените балкони се преклопуваат за да обезбедат заштита од сонце за станарите долу.

Sky Yards Hotel, Кина, Domain Architects

9

Хотелот Sky Yards има 48 соби со балкони проектирани да го насочат погледот нагоре, врамувајќи го планинскиот хоризонт.

Архитектонското студио Domain Architects со седиште во Шангај ги нарекува овие балкони „микро дворови“, а секој има отвор засечен во надворешниот ѕид. Овие микро дворови се длабоки и проектирани да бидат доволно пространи за да вклучуваат градини и кади на отворено.

Chongqing housing development, Kинa, Safdie Architects

10

Eling Hill, со површина од 42.740 метри квадратни, проектиран е да му обезбеди на секој од своите 126 апартмани балкон интегриран во хармонична, брановидна фасада.

Зградата гледа на реката Јангце, а нејзините балкони се делумно засенчени со слободни, заоблени решетки, следејќи ја топографијата на теренот.

Испрати коментар

Scroll To Top