Утре (28 декември) во НУ Археолошки музеј на Македонија во Скопје со почеток од 19 часот, ќе биде отворена 10-та Јубилејна археолошка изложба – Декада на активирање на археолошките ресурси на Република Македонија.
Десет години наназад, Управата за зашита на културното наследство ја координира категоријата Капитални проекти во археологијата на Република Македонија (2006-2016) со поддршка на Владата на Република Македонија.
За една деценија се реализирани 40 проекти во сите делови на Македонија.
Фокусот е на следните централни теми и локалитети: изградба на централна археолошко – туристичка магистрала долж долината на Вардарската магистрала што условно ја нарековме Европска магистрала; изградба на најатрактивните археолошко-туристички места во Македонија, како што е македонскиот културно – туристички бисер Охрид, античкиот Лихнид и другите; изградба на дигитална база на податоци на Археолошкиот катастар на Република Македонија, прва фаза со теренско истражување и снимање на хоризонталните планиметрии на старите градови и тврдини во Македонија; поддршка и соработка на македонските локални заедници преку активирање на истражувањата на најзначајните археолошки локалитети – фаворити, што се вклучуваат активно во нивниот развој преку културата односно археологијата и туризмот; античкото кралство Македонија и Република Македонија; ранохристијанските базилики во Македонија; долината на кралевите – реката Астибо – Брегалница.
Во рамките на интензивните теренски археолошки истражувања, беа третирани најмалку 1000 археолошки локалитети при што беа откриени повеќе од 500 илијади археолошки артефакти.
Помеѓу големиот број врвни македонски археолошки бисери, интензивно се истражуваат градовите Скупи, Стоби центарот на Македонија Втора, Хераклеја Линкестидска, Лихнид, Билазора, Астрајон, Стибера, најголемата античка македонска стратегиска база Кулиште Св. Еразмо, Кале Зрзе, Тетовското Кале, Плаошник и Самоиловата Тврдина во Охрид, високиот град – светилиште и манастир Трескавец, Пелагонија највисокиот антички град во Европа, средновековниот град Кожле, предисториската населба кај Пештани на Охридското езеро каде што го изградивме мкузејот на вода како врвна туристичка атракција, што веќе три години ја враќа вложената инвестиција.
На 10-та Јубилејна археолошка изложба ви ги презентираме најзначајните пронајдоци од следниве локалитети: Скупи – Музеј на град Скопје, Таор – Музеј на град Скопје, Старо Бонче – Филозофски Факултет, Археолошки Катастар – Филозофски Факултет, Локвени – Филозофски Факултет, Маркова Кула, Корешница – Археолошки Музеј, Исар Марвинци – Археолошки музеј, Кокино – НУ Музеј Куманово, Градиште, Младо Нагоричане – НУ Музеј Куманово, Билазора, с. Кнежје – ОУ Народен музеј Свети Николе, Стоби – НУ Стоби Градско, Велешко Кале – НУ Велес, Вардарски Рид – НУ Музеј Гевгелија, Баргала – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Штип, Исарот Штип – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Штип, Цареви Кули – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица, Хераклеја Линкестис – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Битола, Стибера – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп, Зрзе – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп, Трескавец – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Прилеп, Висока, Пелагонија – Институт за старословенска култура Прилеп, Плаошник – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, Самоилова Тврдина – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, Музеј на вода – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид и Тетовско Кале – НУ Музеј Тетово.