Најпрвин треба да ја разгледате вашата куќа или стан и следејќи ги следниве зададени совети да утврдите на кои позиции треба да се интервенира. Некои од овие совети се со поголема интервенција и инвестиција, која ќе се одрази врз домашниот буџет, па затоа пред да започнете со реновирање на вашиот дом, разгледајте како можете да ја подобрите енергетската ефикасност.
СОВЕТ 1: Изолација на ѕидови, кров и подрум
Најголема потрошувачка на електрична енергија имаме во зимскиот период кога го загреваме просторот во кој секојдневно се престојува или, пак, во летниот период кога сакаме да го оладиме просторот. За да се намалат губитоците на топлината треба добро да се проверат надворешните (фасадни) ѕидови, кровот, прозорците и подрумот. Во куќа или стан со лоша изолација губитоците на топлина се големи: 25% од кровот, 35% од фасадните ѕидови, 10% од прозорците, 15% од влезната врата и 15% од подрумот. Статистиките покажуваат дека со добро изолирани фасадни ѕидови, кров и подрум, многу е полесно да се загрее и олади просторот, а со тоа се намалуваат и трошоците. Допрете ги надворешните (фасадни) ѕидови и подрумските ѕидови дали се тие ладни, дали собираат влага, проверете го кровот, дали е добро изолиран, за да откриете каде се губитоците на топлина. Со поставување на термоизолација на надворешните (фасадни) ѕидови на неизолиран објект, може да се намали потрошувачката на електрична енергија до 40%. Доколку не можете сами, побарајте помош од стручно лице, за да ја подобрите изолацијата во вашиот дом.
СОВЕТ 2: Замена на традиционалните сијалици со штедливи сијалици
Уделот на електричното осветление во вашиот дом е 11% од целосната сметка за електрична енерија. Иако уделот на светилките во вашиот дом во вкупната потрошувачка на електрична енергија е мал, сепак енергетски ефикасните (штедливи) сијалици кои се поскапи од традиционалните, траат подолго и трошат помалку енергија. Со тоа на долгорочен план ја намалувате потрошувачката на електрична енерија, а вооедно и заштедувате. Штедливите сијалици можете да ги најдете во секој маркет.
СОВЕТ 3: Замена на старите прозорци со нови прозорци
Прозорците имаат голема функција во секој дом. Тие обезбедуваат природната светлина да продре во просторот, служат за проветрување на просторот, преглед на околината, но вооедно и треба да го заштитат вашиот простор од надворешните влијанија и бучава. Како што претходно напоменавме, 10% од губитоците на топлината се остваруваат преку прозорците. Тоа е поради големата спроводливост на стаклото. Овие губитоци на топлина може да се редуцираат до минимум со заменување на старите прозорци со нови, кои имаат подобрени карактеристики и помагаат во намалувањето на губитоци на топлина, а со тоа се намалува и потрошувачката на електрична енергија. Со новите прозорци побрзо и полесно ќе се загрее просторот и значително ќе се намалат губитоците на топлина што се остваруваат преку прозрците. Моментално постојат голем број на видови на прозорци со подобрени каратеристики. Освен топлинска изолација новите прозорци обезбедуваат и подобрена звучна изолација. Постојат прозорци кои се двојно и тројно застаклени со термоизолациско стакло, опшиени со дрвена, алуминиумска или пластична (PVC) рамка, со исполна помеѓу стаклата од инертен гас – аргон, кој има улога на изолатор. Ваквите прозорци претставуваат термопакети кои обезбедуваат зголемена топлинска и звучна изолација и тие се енергетски ефикасни прозорци. Тие имаат голема отпорност спрема атмосферските влијанија и се долготрајни. Според техничките услови и стандарди во ЕУ, енергетски ефикасните прозорци се задолжителни во сите нови објекти.
СОВЕТ 4: Изолирајте ги старите прозорци
Доколку не сте во можност да ги замените старите прозорци, одлично решение кое можете и самите да го направите е да се постави дополнителна изолација. Изолацијата се поставува помеѓу рамката на прозорецот и рамката на која е поставено стаклото. Ваквата изолација ќе го спречи истекувањето на воздухот и ќе го подобри дихтувањето на прозорецот. Оваа изолација може да биде од сунѓереста или гумена трака. Овие траки за дихтување се многу едноставни за монтажа на старите прозорци и балконски врати. Траките се нудат во две основни дебелини од 2 мм и 5 мм, треба да се одбере соодветната дебелина на трака за да може да се затворат прозорците. Со ова успешно ќе ги намалите губитоците на топлина преку старите прозорци и балконски врати.
СОВЕТ 5: Поставете надворешни ролетни или капаци
Со поставувањето на надворешни ролетни или капаци се намалува губењето на топлина преку прозорците. Особено во зимскиот период во текот на ноќта кога температурите паѓаат ниско, со затворањето на ролетните или капаците се намалува губењето на топлина во текот на ноќта. Додека пак, во летниот период ролетните и капаците спречуваат презагревање на просториите. Доколку немате поставено надворешни ролетни или капаци, направете го тоа, инвестицијата е мала, а на годишно ниво ви ги намалуваат трошоците за загревање на просоторот 5-7%.
СОВЕТ 6: Заменете ги старите апарати за домаќинство
Апаратите што секојдневно се користат имаат вкупен удел од 23% од вкупната потрошувачка на електрична енерија. За да се подобри енергетската ефикасност во вашиот дом, кога набавувате нови апарати за домаќинството изберете ги оние што се А класа, односно изберете уред со висока енергетска класа. Апаратите се рангираат од А до Г класа. Почетно тие се поскапите апарати, но воедно и поекономичните апарати кои придонесуваат за намалување на секојдневната потрошувачката на електрична енергија. Секако, не мора да се заменат сите апарати во домаќинството, најдобро е да се започне со оние што имаат најголема потрошувачка на електрична енергија, а тоа се разбира е фрижидерот, машината за перење алишта и машината за перење садови.
СОВЕТ 7: Енергетски ефикасно загревање
Загревањето на просоторот за живеење во зима има најголем удел од вкупната потрошувачка на електрична енергија, дури 43% од вкупната потрошувачка. Големите сметки за електрична енергија или за парно греење во зимскиот период, во вашата куќа или стан може да се намалат доколку изберете друг начин на загревање. Постојат неколку начини кои се економски исплатливи, односно енергетски ефикасни. За во становите што се загреваат со конвенционалните грејни тела (електрични панели или печки), поефикасно загревање е со поставување инфрацрвени панели. Тие се дури до 60% поефикасни од конвеционалните грејни тела. Предноста на загревањето со инфрацрвени панели е тоа што тие освен што го загреваат воздухот во просторијата, ги загреваат ѕидовите, плафонот, подот и предметите во просторијата. На овој начин и ѕидовите, плафонот, подот зрачат топлина која ја апсорбирале од инфрацрвените панели, а со тоа се обезбедува пријатна темепература во просторот. Почетно овие инфрацрвени грејачи се поскапи , но се поефикасни и побрзо загреваат, а со тоа и се намалуваат трошоците за електрична енергија. Секако, за загревање на просторот може да се искористат обновливите извори на енергија, како геотермалната енергија и сончевата енергија.
СОВЕТ 8: Засадете дрвја во дворот
Доколку живеете во куќа со двор, засадете листопадни дрвја на јужната страна од куќата, листопадните дрвја во текот на летото ќе ве заштитат од топлите сончеви зраци и ќе спречат да дојде до прегревање на просториите. Создавајќи сенка на јужната фасада од куќата се намалува темепратурата во просториите и се одржува комфорна температура. Листопадните дрвја во зима со своите оголени гранки ќе дозволат продор на сончевите зраци кои директно ќе го загреат просторот. Додека пак, на северната страна засадете зимзелени дрвја. Зимзелените дрвја во зимскиот период го штитат објектот од влијанието на ладните северни ветрови и спречуваат пребрзо ладење на фасадата.
СОВЕТ 9: Обновливи извори на енергија
Наједноставен начин за заштеда на електрична енергија е користење на обновливите извори на енергија, како сонцето, ветерот и водата. Предноста кај обновливите извори е тоа што освен почетниот трошок за инсталацијата, нивното користење и бесплатно, а нивната енергија е обновлива. Искористувајќи го сонцето како обновлив извор на енергија, може да се постават фотоволтаични панели за создавање енергија или, пак, поставување на термални колектори кои ќе обезбедат топлина за загревање и загревање на водата во домаќинството. Со геотермалните пумпи се искористува топлината од земјата (температура 10-16°С до 3 метри длабочина) или од водата под земја и се користи за загревање на домот.
СОВЕТ 10: Променете ги навиките – однос кон електричната енергија
Доколку се внимава на односот спрема трошењето на електричната енергија во вашиот дом, месечната сметка може да се намали и до 10%. Со само неколку едноставни промени може да го постигнете ова и успешно да ја намалите месечната сметка. Практични совети кои може да ви помогнат: изгасете го греењето во собите во кои не простојувате, намалете ја температурата на термостатот за еден степен помалку од она што сте навикнати, гасете ги лап- топовите и компјутерите, кога се во мирување тие трошат струја. Изгасете го светлото кога ќе излезете од просторијата. Кога готвите изгаснете ја ринглата или рерната пет минути пред да биде готово јадењето, ринглата или рерната во наредните пет минути сè уште ќе бидат затоплени.
Уклучувајте ја машината за перење кога е полна со садови и на економично миење, итн. Се надеваме дека овие неколку совети ќе ви дадат претстава за тоа како сами можете во вашиот дом да ја намалите месечната сметка за електрична енергија. Размислувајте долгорочно и подобрете ја енергетската ефикасност на вашиот дом. Вложените средства за подобрената енергетска ефикасност во вашиот дом ќе се вратат за кратко време.
м-р Сања Лазова, дипл.инж.арх.