Во периодот од 25 до 30 октомври 2016 година, во Анталија, Турција, се одржа 10. Симпозиум на Европскиот клуб (ЕC) на Меѓународната комисија за големи брани (ICOLD).
Првиот симпозиум на ЕC-ICOLD е одржан во Франција во 1993 година и моментно во оваа најавторитетна институција во инженерството за брани во Европа членуваат национални комитети за големи брани на 21 држава, меѓу кои и Македонскиот комитет за големи брани (MACOLD).
Susesi Luxury Resort во Белек, Анталија, Турција
Симпозиумот се одржа во Susesi Luxury Resort во Белек, туристичкиот бисер на заливот на Анталија, третиот најпосетуван туристички регион во светот во 2013 година. Симпозиумот го отвори претседателот на TRCOLD, Murat Acu, a поздравни говори одржаа: потпретседателот на ICOLD, Мichel Lino, претседателот на ЕC-ICOLD, Guido Mazza, градоначалникот на Анталија, Menderes Turel и министерот за шумарство и водостопанство на Турција, Veysel Erogly.
Симпозиумот беше организиран од TRCOLD, со поддршка на EC-ICOLD и DSI – Водостопанство на Турција, односно State Hydraulic Works (или на Турски: Devlet Su İşleri). Основна цел на симпозиумот, содржана во неговиот наслов беше „Брани и хидроцентрали за одржлив развој“. Темите на симпозиумот беа следниве: (1) Сигурност, рехабилитација и набљудување на браните, (2) Финансирање на проекти со брани, (3) Управување со ризик кај брани и хидроцентрали и (4) Проектирање и градба на брани и хидроцентрали. На симпозиумот беа презентирани 52 реферати, селектирани од големиот број реферати публикувани во Зборникот, кои беа рецензирани од научен одбор составен од 29 најеминентни европски научници во областа на браните. Со говорна презентација беа претставени само 35 реферати во 7 пленарни сесии, меѓу кои беше презентиран и рефератот Comparison analysis of the state of first filling of the reservoir in case of rockfill dams with asphalt core, од авторите Љ. Петковски и С. Митовски.
Симпузиум на EC-ICOLD во хотел Susesi
Брана од ваљан бетон – Naras
Покрај теорискиот дел од симпозиумот, квалитетно беше спроведен и практичниот дел – со стручна посета на два хидројазли. Браната Naras е масивна брана од ваљан бетон со височина од 78 м, изградена во 2015 година. Примарна цел на хидројазелот е одбрана од поплави на областа Manavgat, но се користи и за наводнување на 7,142 ha. Одведувањето на поплавните води е со челен преливник во телото на браната, со скалест брзотек на низводната страна, со кој се постигнува ефикасна дисипација на кинетичката енергија на преливниот млаз и најекономични димензии на слапиштето.
Скалест брзотек и слапиште на брана Naras
Ваквиот тип на брана може да биде сериозна конкуренција на клучните брани на хидросистемот Вардарска долина, односно за масивната брана од конвенционален бетон – Велес и за комбинираната брана (средишна масивна брана со насипни делови во боковите) – Градец.
Низводна (воздушна) страна на лачна брана Оymapinar
Браната Оymapinar е двојно закривена лачна брана со височина од 185 м, изградена во 1984 година. Преливниот орган е со капацитет од 3100 м3/с со два одводни тунели со куси брзотеци и отскочни прагови. За средно протекување од 50 м3/с усвоена е инсталираност на хидроцентралата од 450 м3/с, со 4 вертикални Francis-ови турбини, инсталирани во подземна машинска зграда. Композицијата на овој хидројазел може да се искористи за рационализирање на концепцијата за хидроенергетско користење на профилот Чебрен, на Црна Река.
Анталија
На крај би истакнал дека учеството на вакви меѓународни симпозиуми е од непроценливо значење за хидротехничарите, независно од тоа дали се занимаваат со теориска или практична дејност. Овие собири се прилика за добивање на нови сознанија, за неопходни контакти и комуникација со колеги од други истражувачки центри и, што е најбитно, за размена на искуства и споредба на резултатите од научно-истражувачките и апликативните активности. Ја ползувам оваа можност да се заблагодарам на љубезните домаќини за организираните посети на модерниот град Antalya и културните знаменитости од античко време во приморското место Side и планинскиот локалитет Termessos, како и на Градежниот факултет во Скопје, без чија финансиската поддршка, учеството на симпозиумот во Анталија ќе беше тешко изводливо.
Termessos
Пишува: проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет во Скопје