На самиот почеток на годината се запознаваме со највозбудливите проекти планирани за отворање во 2023 година.
Со меѓународно реномирани архитектонски фирми како што се Snøhetta, OMA, Zaha Hadid Architects, Adjaie Associates, MAD и MVRDV, како и последниот добитник на Прицкеровата награда Френсис Каре, изборот претставува проекти од целиот свет, различни по обем и програма.
1. Библиотека „Шума на знаење“ во Пекинг, Кина – Snøhetta
Норвешката архитектонска фирма Snøhetta, во соработка со кинескиот институт ECADI, добила задача да проектира нова библиотека во Пекинг по спроведување на меѓународен конкурс. Проектот има за цел да создаде нов тип на јавен простор фокусиран на учење, размена на информации и дебата.
Разновидната топографија под крошна налик на шума дефинира централен заеднички простор. Самоносечката стаклена фасада висока 16 метри обезбедува транспарентност, додека скулптуралните столбови содржат дистрибутивен технолошки систем што ја контролира внатрешната клима, осветлувањето и акустичната удобност. Проектот се планира да биде завршен на почетокот на 2023 година.
2. Музеј на уметност Buffalo AKG, САД – ОМА
Музејот на уметност во Бафало се реновира и проширува со нов кампус проектиран од њујоршката филијала на холандската фирма ОМА во соработка со Купер Робертсон.
Проектиран со значителен придонес од заедниците ширум западната држава Њујорк и раководството на музејот, кампусот додава речиси 4.700 квадратни метри „инклузивни, интерактивни и порозни изложбени простори“, покрај училниците и внатрешен простор за собирање на заедницата.
Порано позната како уметничка галерија Олбрајт-Нокс, музејот објави дека ќе ги пречека првите посетители на 25 мај 2023 година.
3. Abrahamic Family House, ОАЕ – Adjaie Associates
Abrahamic Family House е замислена како значаен проект во кој се спојуваат три монотеистички религии. Локалитетот го завземаат три главни структури: џамија, синагога и црква.
Со спојување на луѓе од различни вери од сите слоеви на општеството, овој проект треба да претставува чекор кон мирен соживот за генерациите што доаѓаат.
Високиот комитет, кој ги обединува христијанските, исламските и еврејските лидери, го избра Adjaie Associates за победник на конкурсот за проект на нов архитектонски триптих во Абу Даби.
4. Aranya „Cloud Center“ во Кина – MAD Architects
Во септември 2022 година, кинеското студио MAD Architects откри детали од проектот што овозможи изградба на Aranya „Cloud Center“, објект кој изгледа како да лебди над пејзажот.
Сместен во градот Чинхуангдао, 270 километри источно од Пекинг, центарот од 2.500 квадратни метри ќе стане јавен уметнички простор, означувајќи го центарот на скулптурален пејзаж што архитектите го замислиле како „градина од бел камен“.
5. Пирамида во Тирана, Албанија – MVRDV
Во февруари 2021 година започна изградбата на проектот на MVRDV за пирамидата во Тирана, рехабилитацијата на комунистичкиот споменик се трансформира во нов центар на културниот живот во албанскиот главен град.
Проектот ја зачувал бетонската школка, додека атриумот е отворен кон околината. Мало село составено од кафулиња, студија и работилници ќе се протега на местото на поранешниот музеј посветен на Енвер Хоџа.
6. Zhuhai Jinwan Civic Art Centre, Кина – Zaha Hadid Architects
Во Кина, во моментов при крај е изградбата на Центарот за граѓанска уметност Zhuhai Jinwan. Проектиран од Zaha Hadid Architects, проектот интегрира четири различни културни институции: Голем театар со 1.200 седишта, Мултифункционална сала со 500 места, Научен центар и Музеј на уметност.
Додека секоја од конструкциите има свои уникатни карактеристики, интервенциите ќе ги обедини структура која се протега 170 метри ширина од исток кон запад и 270 метри должина од север кон југ.
7. Мердека 118 во Куала Лумпур, Малезија – Fender Katsalidis
Во декември 2021 година, овој облакодер достигна висина од 678,9 метри, што го прави втората највисока зграда во светот по Бурџ Калифа во Дубаи.
Проектиран од австралиската фирма Fender Katsalidis, кулата од 118 ката има триаголна стаклена фасада инспирирана од моделите на традиционалната малезиска уметност.
Структурата, заедно со голем трговски центар, се планира да биде завршена во втората половина на 2023 година, дознава ArchDaily.
8. Големиот египетски музеј, Египет – Heneghan Peng
Проектиран да ги прими некои од најскапоцените артефакти на човештвото, Големиот египетски музеј се соочи со низа одложувања откако конкурсот за проектот за првпат беше објавен во 2002 година.
Иако египетското Министерство за туризам и антиквитети не објави официјална потврда, Си-Ен-Ен објави дека има силни знаци кои сугерираат дека 2023 година ќе биде годината кога музејот конечно ќе ги отвори вратите.
По завршувањето на изградбата, тој ќе стане најголемиот музеј во светот посветен на една цивилизација.
9. Toranomon-Azabudai, Токио, Јапонија – Heatherwick Studio
Проектот го претставува првиот изграден потфат на Heatherwick Studio во Јапонија, а планирано е да се придружи на јавниот простор на областа Минато во Токио, кој исто така вклучува три кули од Pelli Clarke Pelli и продавница проектирана од Су Фуџимото.
Сеопфатното искуство внатре во идниот комплекс ќе вклучува канцелариски простори, станбени објекти, малопродажба, училиште, храм и електрани.
10. Гете институт во Дакар, Сенегал – Kere Architecture
Гете институтот во Дакар, Сенегал, е првиот наменски изграден простор за ова германско културно здружение во неговата 60-годишна активност ширум светот.
Сместен во станбена зона, проектот на структурата се заснова на крошните на дрвјата на локацијата. Изградбата користи локални материјали, вклучително и тули направени од латерит, локален камен со изолациони својства што ќе помогне пасивно да се регулира внатрешната клима.
Зградата обезбедува простори за изложби, курсеви за јазици, концерти и собири. Новиот институт се очекува да ги отвори вратите во лето 2023 година.