Има места и објекти кои од првата средба ти влегуваат под кожа, исто
како што е со луѓето. Таква беше мојата средба со црквата Св. Витале во
Равена. Влегуваш и се губиш во просторот, насобрани луѓе пред големиот
олтар сликаат, снимаат, главите им се кренати високо горе. Толку многу
ги има, а толку се ситни, како песок пред тоа што силно блеска –
мозаиците во олтарниот простор на Св. Витале.
Досега ги имам видено многу пати овие свети слики, се разбира во книгите, но вистинската средба со нив ја откри и нивната вистинска големина. И тоа не е поради свесноста за битноста на оваа црква изградена во времето на Јустинијан, туку за чувството со кое излегуваш откако ќе ја посетиш. Избираш да седнеш и мирно да ја набљудуваш или пак да шеташ низ неа. Јас избирам да шетам. Се обидувам да го надминам јазот од петнаесетте векови кои нè делат. Успевам, едвај, во моите мисли.
Црквата Св. Витале
Сместена на јадранскиот брег, Равена била значајно место од каде што се контролирала трговијата меѓу Истокот и Западот. Во 402 година била престолнина на Западното Римско Царство, а во 493 година била окупирана од Остроготскиот крал Теодорих, кој владеел повеќе од триесет години. Тој го имал прифатено аријанството како религија и изградил неколку цркви за оваа популација, вклучувајќи ја и позната Св. Аполинаре Нуово, мавзолејот на Теодорих и Аријанската крстилница, кои денес се наоѓаат во градот. За време на Јустинијан, Равена конечно е ослободена од владеењето на Готите и станала дел од византиското царство.
Токму тогаш е изградена и познатата црква Св. Витале. Историчарите велат дека Св. Витале е најзначаен споменик на византиската архитектура во Западна Европа и меѓу најубавите примери на византиската уметност воопшто. Изградена во средината на 6 век, а осветена од бискупот Максимијан Равенски, оваа црква е посветена на свети Витале за кого легендата вели дека бил римски војник и маченик од крајот на 4 век. Црквата е голема, со впечатливо архитектонско решение кое не е карактеристично за објектите од Западот. Планот на црквата е од централен тип, одлика на црквите од православниот свет. Има октагонална форма чиј централен дел е надвисен со купола носена од осум столбови и арки. Куполата со дијаметар од шеснаесет метри и големите ниши биле насликани во 1780 година.
Мозаици
Првата асоцијација за Равена се мозаиците, кои ги има не само тука, во Св. Витале, туку и во останатите сакрални објекти во градот. Олтарниот простор во Св. Витале, кој е десетици метри висок, кога се набљудува оддалеку се чини како да блеска. Со приближувањето сликите се разјаснуваат, симболите и ликовите се отворат. Централно, во апсидата е претставен младиот голобрад Христос, облечен во царска пурпурна облека како седи на глобус со ангелска придружба. Во рацете држи дијамантска круна која му ја дава на свети Витале, кој се наоѓа од неговата лева страна. Од другата страна, пак, е претставен бискупот Еклезие со моделот на црквата во раце. Бочните страни на презвитериумот се исполнети со мозаици со сцени од Стариот завет, како Аврамовата жртва, Гостопримството Аврамово и други. Меѓу највпечатливите и најпознати претстави се раскошните мозаици со цар Јустинијан и царица Теодора. Царскиот пар е претсатвен одделно, во различни сцени, поставени една спроти друга.
Јустинијан стои во средина, облечен во пурпурна одора со дијамантска круна на главата. До него, бискупот Максимијан носи златна наметка и држи дијамантски крст во едната рака. Од десната стрна на Јустинијан се прикажани двајца дворјани и неговата вооружана стража. Целта на оваа претстава била да го прикаже Јустинијан како Констатинов наследник и како Христов посланик на земјата, кој ги обединува црковната и државната власт. Наспроти мозикот со Јустинијан е мозаикот со Теодора со дворските дами и дворските свештеници.
Како и нејзиниот маж, така и таа е облечена во царска пурпурна облека, а главата и е опкружена со ореол. Таа носи златен пехар во гест кој потсетува на сцената “Поклонувањето на кралевите”, која е извезена на краевите од нејзината облека. Ако се разгледуваат ликовно, може да се забележи дека сцените немаат перспектива, а фигурите го имаат византискиот идеал на убавина: високи фигури со овални глави со крупни продорни очи, долг и тенок нос и мали усни. Ликовите се типизирани, статични, но церемонијални, достоинствени и со полна убавина.
Кате АНТЕВСКА, историчарка на уметност