Насловна / Хортикултура / Бахаиските градини над Хаифа

Бахаиските градини над Хаифа

bahaiskite-gradini-1.jpgГрадините на Хаифа претставуваат многу важно место во животот на секој
жител од овој град. Подигнати се во геометриски стил, а претставуваат
каскадно поставени зелени површини, кои се спуштаат по падината на
Кармел, од каде има прекрасна панорама кон градот и Средоземото Море.
Ова совршенство е дело на архитектот Фарибурз Сахба. Овие градини се
едно од најпосетените места во Израел.

 

Изградбата на градините започнала во 1987 година. Иако доста долго време се работело на нив, сепак на крајот се исплатело. Градините се завршени и официјално отворени за посетителите во 2001 година. Тие зафаќаат околу 200.000 метри квадратни, каскадно распоредени. Одделни тераси се поврзани меѓу себе и се врамени во водни каскади. Целиот систем на водниот тек е компјутерски контролиран, преку софистицирана софтверска технологија, која постојано го мери количеството на вода која поминува за одредено време.

bahaiskite-gradini-1.jpg

Водата што циркулира во градините, претставува затворен циклус во рамките на секоја тераса, а целта е губитокот на вода да се сведе на минимум. Архитектурата на градините се стреми кон постигнување на универзалност, така што во неа може да се сретне мешање на класични и ориентални стилови, како и голем број на елементи од други култури. Па така, може да се сретнат влијанија од персиските рајски градини, па сè до англиските градини.

bahaiskite-gradini-2.jpg

Перфектно искосените тревни површини му даваат посебен фон на целокупниот пејзаж, збогатен со голем број на декоративни листопадни и зимзелени дрвја, раскошна цветна грмушеста вегетација, перени и сезонски цвеќиња.

Ридот Кармел секогаш бил симбол на изобилство и плодност. Самото име значи “козје”. Тоа место е свето за Евреите и христијаните, а од големо значење за бахаиската вера е Храмот на Баб пророкот и гласник на бахаиската вера, кој се наоѓа во срцето на самиот Кармел, а каскадните градини се извајани околу него во планината.

bahaiskite-gradini-3.jpg

Согласно на концептот на Сахба, светилиштето на пророкот Баб е фокусна точка, скапоцен камен околу кој терасите (девет пред храмот и девет по храмот) се распространети во форма на дијамант. Деветте концентрички кругови обезбедуваат геометрија и на нивната основа се изградени осумнаесетте тераси. Сите линии го насочуваат погледот на посетителот кон оваа централна зграда. Таа е поставена на посебна тераса која претставува 19-та тераса, а бројот 19 има големо значење за бахаиската религија.

Покрај убавиот пејзаж над градот, градините извршуваат повеќе функции. Така, тие се истовремено и средство за изолирање на светото место од метежот и градот. Мирната атмосфера создава чувство на спокој и тишина, со што ја поддржува молитвата и духовното единство.

bahaiskite-gradini-4.jpg

Мноштво патеки се протегаат низ градините и нудат можност за прошетка и релаксација.

Градините, исто така, се средство за остварување на врска помеѓу различните згради лоцирани во и околу нив. Водните елементи се геометриски поставени, а се јавуваат во форма на кружни и правоаголни форми, како и во форма на ѕвезда со осум краци. Сите оние што сакаат да ги посетат овие градини, тоа можат да го сторат во строго одредени периоди во текот на денот, кои се менуваат во зависност од сезоната, а исто така, постои и строг и определен код на облека.

 

Филип Филипоски, дипл.шум.инж.

Испрати коментар

Scroll To Top