Насловна / Вести / „Истанбул“ – нуклеарниот бункер на Тито

„Истанбул“ – нуклеарниот бункер на Тито

istanbul-nuklearen-bunker-na-tito-1.jpgДлабоко во босанската, зимзелена планина Дединовец, на 4 километри
североисточно од местото Коњиц, се наоѓа голем нуклеарен бункер, кој бил
изграден по наредба на претседателот на Социјалистичка Федеративна
Република Југославија, Јосип Броз Тито. Куќите пред бункерот, преку кои
се влегува во него, никако не укажуваат дека зад нив се наоѓа цел
масивен лавиринт од нуклеарно засолниште.

 

Со изградба се започнало во март 1953 година, а завршен е во 1979 година, кога бункерот бил предаден на ЈНА за употреба. Неговото постоење било најстрого чувана војна тајна сè до 90-тите години на минатиот век. Освен Тито, за неговата изградба знаеле само неколку важни функционери во поранешна Југославија, тогашниот началник на Генералштабот на ЈНА и неговите колеги, кои управувале со ресурсите за безбедност и врски.

istanbul-nuklearen-bunker-na-tito-1.jpg

Се верува дека го граделе затвореници, кои воопшто не знаеле за каков објект станува збор, а во изградбата учествувале и фирми кои работеле во рамките на војната индустрија, како што се сплитскиот "Конструктор", потоа "Соча", војната пошта – Сплит и "Хаџичи". Фирмите граделе само одделни делови од бункерот за да не претпостават што ќе биде вистинската намена на просторот. Изграден од масивна бетонска конструкција, бункерот е конструиран да може да издржи атомска експлозија од 25 килотони, односно удар четири пати посилен од ударот со кој била погодена Хирошима.

 

istanbul-nuklearen-bunker-na-tito-2.jpg

 

Било планирано во него да можат околу 350 луѓе непречено да живеат и функционираат шест месеци без допир со надворешниот свет. Всушност, бункерот претставува цел подземен град, кој се протега на површина од 25.000 м2, од коишто 6.000 м2 се наменети за станбен простор, во форма на потковица. Бункерот е поделен на 12 блокови, со повеќе од 100 простории. Најдлабоката точка е оддалечена од влезот 202 метри по хоризонтала и 280 метри по вертикала.

istanbul-nuklearen-bunker-na-tito-3.jpg

 

Константната температура во бункерот е од 21 до 23 степени, а ја одржува голем вентилационен систем, со влажност на воздухот од 60 до 80%. Напојувањето со струја било решено во три варијанти: прва е градската мрежа, втора е мини-централа во рамките на касарната во близина на објектот и трета се три агрегати во бункерот,секој со капацитет од по 540 књ. Има цистерна за гориво со капацитет од 50 тони и базен со 150 кубици питка вода. Од многуте простории, како најважни се издвојуваат просториите за воени операции, од каде што би се следеле случувањата во надворешниот свет, две големи конференциски сали, радио-центар и телефонска централа која била во мрежа со сите главни команди на поранешната република. Големиот кабинет на штабот е опремен со црвени телефони, телепринтери и неонски столови за читање на воени мапи. На ѕидот, во рамка, стои слика на Тито, која не изостанува ниту во другите простории.

istanbul-nuklearen-bunker-na-tito-4.jpg

 

Бункерот имал и интересно кодно име – "Истанбул". Во средина на бункерот се наоѓа блокот на Тито, кој е изграден на повисоко ниво од останатите 11 блокови. Титовиот кабинет и соба се изградени од најквалитетни дрвени материјали, а ѕидовите се обложени со орнаментирани тапети. Во неговиот кабинет директно се влегува од просторијата што била наменета за неговата жена Јованка Броз. И ден-денес, во бункерот стои се како што било наместено кога бил изграден: печатите на вратите го имаат грбот на СФРЈ, на ѕидовите висат географски карти на Југославија, алатот не е сменет, душеците на креветите се завиткани во најлони и така зачувани од забот на времето. "Сè е исто, само Тито го нема… ".

 

istanbul-nuklearen-bunker-na-tito-5.jpg

 

За изградба на бункерот биле потрошени 4,6 милијарди долари и е трета најскапа воена инвестиција во поранешна Југославија, после Бихачкиот подземен аеродром, кој вредел 8,5 милијарди долари и сплитското пристаниште "Лора" од 5 милијарди долари. Денес, бункерот е во сопственост на Министерството за одбрана на БиХ, и за него се грижи војската на БиХ, а најчесто го посетуваат странски воени делегации и еднаш годишно се организира изложба на која учествуваат уметници од повеќе земји.

istanbul-nuklearen-bunker-na-tito-6.jpg

 

Последната изложба ја виделе 15.000 посетители. Наредната изложба – Биенале на современата уметност ја организираат Хрватска и Турција, а свеченото отворање е планирано за 26 април следната година.

 

Александра Петровска, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top